ФЕЈСБУК ДРАМАТА НА ЕДНА СКОПЈАНКА: Се допишувала со лажен лик од Битола, испраќала голи фотографии, следел шок…

  • March 17, 2018

Се започна со една испратена покана за пријател на Фејсбук. Бев самошто излезена од 7 годишна врска. Не знаев што со себе. Бев ранлива, не ми беше до живот. Се опседнав со социјални мрежи. Цел ден „висев“ на Фејсбук, кој што прави, јас разгледувам, објавувам патетични песни, разголени фотографии само за да привлечам внимание. Ми успеа. По неколку дена активно користење на Фејсбук ми стигна покана за пријател од Марко, 26 години од Битола. Сини очи, костенлива коса, полни усни, вајано тело.

Почнавме по неколку дена да комуницираме, навидум обичен флерт. Не ни сонував дека комуникацијата за период од две недели ќе ни се продлабочи до толку што ќе почнеме да ги сподеуваме и нашите најинтимни тајни.

По два месеци секојдневна комуникација, решивме да се видиме, јас сум од Скопје, тој од Битола. Договореното место ни беше во Скопје во едно познато кафуле во центарот на градот. Се спремив, се чувствував како тинејџерка иако бев 7 години постара од него. Купив нова облека, небаре ми ја знае старата, бев на фризер, шминкер… буквално секој ритуал од моја женска страна беше испонет.

Се чекавме во 14 часот во кафулето, пристигнав точно на време, му пишав смс, ми одговори да седнам дека е по пат. Четирисесет минути седев само, си нарачав за пиење, го испив кафето, а него уште го немаше. Му се јавив, не ми крена. Ми одговори по смс дека му е жал, но нема да може да стигне.

Не се разочарав бидејќи се случува, нешто да ти искрсне и да не можеш да отидеш иако премногу тоа го посакуваш. По неколку дена ми кажа дека ќе замине за Босна, таму ќе бил работно, две недели.Но, ми рече да не се грижам бидејќи ќе мисли на мене и ќе си пишуваме цело време. Така и беше, комуникацијата ја продлабочивме уште повеќе. По 6 месеци ми предложи да имаме сајбер секс, прво се мислев, а потоа се согласив. Тој ме гледаше како се самозадоволувам. Не можев јас него да го гледам бидејќи камерата не му работела.

Се договоривме повторно да се видиме. Одредивме ден, место, време…отидов, но повторно не се сретнавме, му вртев не ми се јави. Потоа ми прати смс дека тој ме чекал саат и половина, а јас не сум се појавила и налутено си тргнал накај Битола со последниот автобус кој ќе испуштел заради мене и ќе требал во Скопје да спие на улица. Ми наби грижа на совест. Почнав да размислувам, да точно е, имаше многу луѓе вечерта, прометно беше, можно е да не сме се видиле. Како извинување му поратив мои голи фотографии…ми го прифати извинувањето. Продолживме да комуницираме, овојпат телефонски, секој ден по 20 часа, во следните година ипол. Сеуште се немавме видено, но јас знаев дека го сакам и дека се ќе направам да бидам со него.

На другарките мои почна моето однесување да им станува сомнително. Почнаа да му го проверуваат телефонскиот број, да го манијачат по Фејсбук. Бев исплашена дека ќе ми го украдат. Секоја нивна реченица против него јас им се лутев и ги прашував со што заслужив да и завидуваат на мојата среќа.

Во меѓувреме продолживме да имаме сабјер секс, јас бев се поопуштена, му верував целосно, знаев дека во секој момент тој е тука да ми даде поддршка. Дури ми ја даде и неговата адреса за ако еден ден решам да го посетам и она што го правиме преку камера да го правиме во живо.

По некој период отидов со другарките во Охрид, тие беа убедени дека Марко не постои, но не сакав да ги слушам, дури и ги излажав дека сме се запознале и дека се гледаме. Мислам дека не ми поверуваа, но бар за кратко ја смирив ситуацијата. На враќање од Охрид едната предложи за Скопје да си одиме преку Битола за конечно да го запознаат Марко. Им реков дека џабе ќе одиме затоа што тој не е во Битола денеска. Ме погледнаа чудно. Почнав да се расправам со нив за да ги одвратам од идејата да отидеме.

Како поминуваше време, почнуваше да ме плаши самата помисла дека тој на фотографиите не е Марко, дека зад овој профил стои некој друг. Зад овој глас секојдневно што го слушам стои некој друг, а тој не е Марко. Станав сомничава, им се доверив на три од другарките, дури им ја дадов адресата. Тие стапија во акција, мислиш Ангелите на Чарли се. Една почна да се јавува да го провери телефонскиот број на чие име е, друга почна да бара сомнителни работи по неговиот Фејсбук профил, третата почна да му ја проверува домашната адреса која ја имав, а кој ми беше дадена од него. Како доаѓаа до одредени сознанија, така мене страв ме фаќаше, а знаев дека го сакам со целото мое срце, иако не знаев ни кој е, ни како изгледа. Тој беше моја сродна душа. Кога дојдоа до одредени сознанија, решија да пиеме кафе за да ми кажат.

Пред да одам му се јавив, му кажав што сум направила и дека го сакам и дека не сакам да го изгубам. Рече дека е навреден од недовербата која сум ја покажала кон него и да го заборавам. Почнав да плачам и да го молам да не ме остава, но во прво време не сакаше да слушне. Потоа ми рече дека ќе ми прости доколку ги прекина контактите со моите другарки со кои сум од детство. Неговата љубов ми значеше. Го послушав. Не отидов на закажаното кафе, ниту една недела потоа им кренав телефон.

Свесни дека треба да ми ги отворат очите се појавија трите кај мене на врата. На мајка ми и рекоа дека мора да разговаат со мене. Таа ги пушти. Ми рекоа да се облечам бидејќи ми спремиле изненадување. Се спремив и излеговме. Цело време се молев Марко да не ми заѕвони, знам дека ветив или тој или другарките, што ќе му кажам ако се јави, ќе ме остави, а јас не сум подготвена да го изгубам.

По некое време сфатив дека излегуваме од Скопје. Ги прашав каде одиме. Ми рекоа на едно специјално место. Ми рекоа дека можеби ќе патам и ќе ме боли, но вака е најдобро. По неколку часа возење стигнавме во Битола. Стигнавме пред неговата куќа. Помислив дека конечно добив се, ги имам и него и нив. Една од другарките ми го зеде телефонот и напиша порака:

„Јас те сакам, не ме интерсира како изгледаш и кој си. Сакам да бидам со тебе. Отвори врата кај тебе сум пред куќа.“

Се скаменив, не знаев што да очекувам. По неколку минути вратата се отвори, тоа не беше мојот Марко кој го знаев од фотографиите, тоа беше човек со седа коса и повеќе од 50 години. Ме погледна и ми рече: Знаев дека на крај мојот изглед и години нема да бидат важни за ние да бидеме заедно.

Се згади од самата помисла со кого сум ги делеле најинтимните тајни, се згадив од сама себе во мометот кога низ глава ми поминаа сите наши еротски доживувања. Бев бесна, полудев…им реков да тргнеме и повеќе да не ме потсетуваат на ова што го видовме.

Ми стигна порака од него: Зошто отиде? Зар не дојде за да бидеме заедно?

Не му одговорив ништо. Ми кажаа се што дознале за него, па човече имаш ќерка моја врсничка…

Го избришав мојот Фејсбук, го променив телефонскиот број. Неколку месеци не сакав да комуницирам со никого, срамот ме јадеше, но тука беа тие, тие што не дозволија да ме изеде депресијата и ми пружија рака кога потонав. Благодарна сум што ги имам, а вас девојки ви препорачувам, да не прифаќате непознати луѓе по социјалните мрежи бидејќи врие од педофили, психопати и манијаци.

А, да и „Марко“ го пријавив за лажно претставување во МВР, го најдоа, моите голи фотографии се на безбедно.

Денеска живеам среќен живот, со реални луѓе!

Претходно «
Следно »