ХАГ СЕ ИСПЛАШИ ОД МОЕТО СВЕДОЧЕЊЕ: Кога КФОР ќе уапсеше терорист од УЧК во Македонија, Американците другиот ден го ослободуваа!

  • December 11, 2016
  • Коментари

Командантот на КФОР, германскиот генерал Клаус Рајнхарт рече дека кога КФОР ќе уапсел некој УЧК-а што се борел во Македонија, наредниот ден Американците му наредувале да ги ослободи. Во Холандија со леснотија го прифатија моето одбивање да сведочам за настаните во Македонија, бидејќи доколку им ги дадев документите, тие ќе ја ставеа мојата земја во непожелна позиција против САД.

hub-jaspers-2

Хуб Јасперс е Холанѓанец со германско потекло, кој е професионален новинар-истражувач повеќе од 25 години, а истовремено е и главен и одговорен уредник на најслушаниот радиоканал во неговата земја – Холандија 1. Тој е специјалист за пишување стории од областа на безбедноста, разузнавањето и контраразузнавањето. Досега публикувал дузина висококвалитетни новинарски написи со кои ги разоткривал скандалите и полулегалните работи на службите на неколку западноевропски НАТО-земји. Бидејќи Јасперс е со германско потекло, тој често работи надвор од својата земја и соработува со германски медиуми. Во својата последна приказна што ја објавил на германската телевизиска програма Монитор, а говори за убиство на 11 затвореници на ИСАФ-силите во Авганистан, тој добил и награда во 2010 г. со која е прогласен за германски борец за човекови права. Јасперс на македонската јавност ѝ е добро познат по пишувањата во 2001-та година за време на воениот конфликт.

Тој публикуваше сторија, повикувајќи се на разузнавачки документи, со која тврдеше дека борците на ОНА биле обучувани и тренирани од американски и од британски инструктори. Во интервју за „Нова Македонија“, по точно 11 години, Јасперс ги доловува деталите на истражувачката приказна и говори како е да се работи како новинар во оваа проблематична и ризична област.

Десет години по публикувањето на вашата приказна за вооружувањето и тренирањето на борците на ОНА, мислите ли дека сменивте нешто во историјата на една балканска земја?

– Една новинарска приказна како мојата никогаш не може да влијае на целата ситуација во кое било општество, па ниту на македонското, кое во тоа време се наоѓаше во војна. Приказната за вооружувањето и тренингот на ОНА ја направив професионално и непристрасно бидејќи тоа е единствениот начин на кој јас знам да го работам новинарството.

Како изгледаше периодот кога работевте на приказната?

– Првпат дознав дека борците на ОНА или УЧК се тренирани од земји-членки на НАТО преку строго доверливи документи. Имајќи ги информациите од документите, поради моето искуство, сепак не избрзав и не ги објавив веднаш, како што знаат да направат некои мои колеги. Почекав и одлучив да ги проверам тврдењата во документите што ги имав бидејќи не бев сигурен дали сѐ што пишуваше во нив е точно, а истовремено и бидејќи никогаш не објавувам приказни од еден извор. Во конкретниот случај стануваше збор за тајни документи и делови од официјални писма на неколку различни земји за настаните во Македонија. Иако стануваше збор за неколку агли на приказната, мене тоа не ми беше доволно. Се обидував да најдам дополнителни докази за мојата приказна, кои не беа поврзани со разузнавачките служби и успеав во тоа. За да ја поткрепам приказната во тоа време направив интервју со командантот на КФОР, германскиот генерал со четири ѕвезди Клаус Рајнхарт, кој служеше во Косово. Во разговорот, тој изнесе тврдења дека знаел оти некои борци на УЧК во Косово заминале да се борат на страната на ОНА во Македонија. Тој ми ги потврди фактите што веќе беа во документите, но и ми додаде нови информации, а според него, често кога КФОР ќе уапсел некој од борците на УЧК што заминувале да се борат во Македонија, наредниот ден Американците му наредувале да ги ослободи. Тој беше револтиран и отворено говореше околу проблемот. Рајнхарт велеше дека НАТО-командантот на Европа му давал наредби да апси вакви луѓе, а кога ќе ги уапсел, речиси истовремено по испраќањето на документите за акциите стигнувале нови наредби, но од највисоко рангираниот американски офицер за Европа, да ги ослободи приведените борци на УЧК. Имајќи официјална подлога за објавување, сепак одлучив дополнително да истражувам за комплетно да ја поткрепам приказната. Следуваа многубројни интервјуа, како на пример, со сега покојниот поранешен министер за надворешни работи на Холандија, Макс ван дер Штул, како и многумина европски новинари очевидци на дел од тие настани, кои, за среќа, и ми ги дадоа потребните фотографии и видеоснимки за да ги докажам моите тврдења. Ако се сеќавате на нив тоа е фотографијата како борците на УЧК се качуваат во автобус, а се спроведувани од неколку војници што имаа ознаки на американската армија. И кога веќе имав сѐ што е потребно за еден професионален текст и прилог и бев сигурен во себе, одлучив да ја објавам приказната.

Каков беше ефектот во западноевропската јавност?

– Откако ја објавив приказната во јуни 2002-та, се крена голема фама, а во Холандија моите пишувања ги привлекоа очите на политичарите оти мојата земја ја предводеше добро познатата мисија на НАТО „Килибарна лисица“. Тогаш, јавноста преку парламентот се обиде да дознае повеќе податоци околу она што содржеа тајните документи што ги поседував. Се сеќавам, јас во петок попладнето ја публикував приказната, а веќе во вторникот парламентот закажа итна седница со отворени прашања од парламентарците, кои беа на единствена тема да се разгледа улогата на Холандија во целиот процес во Македонија. Како никогаш дотогаш и власта и опозицијата застанаа на иста страна, а таа беше да се спроведе јавна истрага и да се утврди дали навистина на овој начин биле злоупотребени силите на НАТО во Македонија. Интересно беше што парламентот на Холандија му нареди на министерот за одбрана да ме контактира мене и моите колеги и да нѐ праша дали би биле согласни да им ги дадеме документите на разузнавачките служби на кои се повикував во приказната. Неколку дена подоцна ме повикаа во Министерството да ме прашаат дали сум согласен да им ги доставам документите. Јас тоа го одбив, нормално, бидејќи сакав да си ги заштитам изворите. Неочекувано, со леснотија го прифатија моето одбивање бидејќи доколку во Министерството ги добиеја документите тие ќе ја ставеа Холандија во непожелна позиција против САД, кои се инаку клучен сојузник на мојата земја. За да ги ставам на дополнителни маки властите во Холандија, излегов со изјава со која се согласувам да им ја прераскажам детално содржината на документите ако тие се потребни за националната безбедност. Побарав да ми се испрати документ прашалник, со сѐ што би ја интересирало Холандија за содржината на документите и јас писмено би го одговорил. Нормално, како и што очекував, без многу размислување властите веднаш го отфрлија мојот предлог, а пред парламентот луѓето од Министерството за одбрана се извлекоа да не навлегуваат многу во проблематиката во Македонија со мојата изјава дека не сакам да си го загрозам изворот и затоа сум одбил да дадам копии од тајните документи на разузнавачите.

Дали се се заврши со еден текст и прилог на радио?

– Апсолутно, не! Јас се послужив со еден трик во новинарскиот занает кога го подготвував продолжението на приказната. Бидејќи имаше опасност да ги откријам изворите и со тоа да им наштетам на безбедноста, а истовремено да бидам уапсен и осуден за изнесување државна тајна на Холандија, избегнав директно да ги цитирам документите. Со Хоп де Ваихт, кој инаку е познат професор од областа на безбедноста што ужива голем авторитет во Холандија, тогаш се договорив тој да ми ги протолкува документите, но истовремено и да ми вети дека нема да говори за детали со разузнавачките служби ако биде испрашуван. Професорот се согласи и јас му верував. Преку интервју, неговите толкувања на документите дадоа дополнителна академска тежина и сериозност за она што го пишував. За оние кои им веруваат на новинарите, интерпретирањето на документите од професорот беше доволен доказ дека седмата сила навистина си ја работи својата работа во Холандија и дека јас како новинар не ги измислувам фактите туку навистина станува збор за разузнавачки податоци.

Дали вашата приказна за македонскиот конфликт имаше единствено импакт во парламентот во Холандија?

– За среќа, не. Години подоцна разбрав дека мојата приказна предизвикала сериозна криза во редовите на разузнавањето на холандското министерство за одбрана. Министерот за одбрана со службени преписки му се обратил на тогашниот прв човек на армиското разузнавање дали тој воопшто бил професионален во својата работа и дали вакви документи навистина постоеле.

Која е целта што се обидовте да ја постигнете?

– Никогаш не ми беше цел да предизвикам несогласувања и внатрешни пресметки во редовите на холандските безбедносни органи и служби. Единствено сакав да ја изнесам вистината за сето она што го прават нашите разузнавачи и војници на терен онаму каде што во 2001-та беше најтешко во Европа. За мене единствено што може да го прифатам во работата е фактот од документот за кој пишувам. Иако имам лично мислење за сѐ што се случуваше кај вас за време на кризата пред единаесет години, никогаш професионално не сум бил симпатизер ниту на македонската ниту на албанската страна, а мојата приказна го докажа токму тоа – односно вистината за сѐ што се случуваше во последната војна на Балканот.

Претходно «
Следно »