ЈАНЧЕВ, ГЕЧЕВ, АНЃУШЕВ И ЗАЕВ ЌЕ ГИ ТРУЈАТ КАВАДАРЧАНИ: Илија Гечев сака да гради топилница на сред Кавадарци – кавадарчани почнаа петиција против!

  • October 29, 2018
  • Коментари

Барањето на контроверзниот кавадаречки бизнисмен Илија Гечев, за пренамена на земјиштето на неговата фирма „ИГМ“ од Г2 (лесна индустрија) во Г1 (тешка индустија), ја разбранува јавноста во Кавадарци.

Денеска се формираше иницијатива насловена „Тешка индустрија дома?- Не, благодарам!“ која има за цел да изврши притисок врз Советот на општина Кавадарци и градоначалникот Митко Јанчев, да не дозволат да се изгради топилница на само еден километар од центарот на градот.

Во септември, премиерот Зоран Заев заедно со вицепремиерот Кочо Анѓушев, придружуван од сопственикот на „Макстил“ Минчо Јорданов, имал средба со советниците од општината на која од нив побарал да го прифатат барањето на Гечев за пренамена на земјиштето, за таму да се изгради ладна валалница иста како онаа на „Макстил“ во скопската населба Железара.

Заедно со компанијата на Гечев во оваа фабрика ќе инвестира компанија од Индија. Во компанијата ќе има 300 вработувања што ќе придонесе многу за градот. Јас да сум на ваше место би гласал ‘за’ – им рекол Заев на советниците, според кажувањата на еден советник од општина Кавадарци, кој за „Економски Лидер“ ја раскажува средбата.

Јорданов ги убедувал советниците дека ладната валалница нема да загадува и дека со гласањето „за“ ќе придонесат за развој на кавадаречката економија со тоа што ќе има тешка индустрија.

Сепак, поголем дел од советниците се спротивставиле на ваквото тврдење и извадиле статистики за загадувањата кои ги носи ваквата топилница. Според неофицијалните информации на „Економски Лидер“ поголем дел од советниците предводени од ВМРО-ДПМНЕ се противат на изградбата на топилницата која веќе еднаш е одбиена од Советот, но сепак спротивно на деловникот, точката повторно ќе се стави на дневен ред. Неофицијално извори на „Лидер“ брифираат дека на Гечев, Заев, Анѓушев и Јорданов им асистира и градоначалникот на општина Кавадарци Митко Јанчев, кој лобира кај советниците од ВМРО-ДПМНЕ да гласаат „за“ оваа одлука.

Во меѓувреме, здружението „ЕKO-живот“ од Кавадарци денеска почна 25-дневна кампања за собирање на потписи против топилницата.

Граѓаните ќе може да се потпишат на еден од штандовите кои ќе бидат поставени во централното градско подрачје.

Ги молиме граѓаните на град Кавадарци да излезат и да дадат поддршка за оваа иницијатива. Целта е ЗДРАВО И ЧИСТО КАВАДАРЦИ.

Исто така, целта на петицијата е да се направи притисок до локалната самоуправа на Општина Кавадарци како и градоначалникот на Кавадарци: да не се дозволи пренамена на замјиште од Г2 во Г1, односно да ја исклучиме можноста за дополнително загадување на град Кавадараци!- велат од иницијативата.

Претходно «
Следно »