Ајде доста со измислени депресии, како баба ми немала време да биде депресивна

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Времето во коешто живееме е сурова машина, те вовлекува во запчаниците обидувајќи се да те сомеле, да ти ја исцеди душата и последниот атом на енергија. Малкумина навистина остануваат физички и ментално неповредени од целиот стрес што го носи денешното, модерно време.

Депресијата е вистинска. Анксиозноста е вистинска. Осаменоста е поголема од кога и да било. Изолираноста и дистанцирањето помеѓу луѓето е сеприсутно. И секој се бори онака како што знае и умее.

Некој ќе се осуди да ги сподели своите маки. Друг ќе ги скрие длабоко во себе, дозволувајќи им да го разјадат одвнатре додека штетата не стане преголема. Трет ќе се охрабри да побара професионална помош, не обѕирајќи се на подлите, плитки, неуки коментари од луѓето околу него. Четвртиот ќе се лекуваат со медикаменти препишани на сопствена рака. Петтиот ќе се обиде да проговори или да подаде рака за помош, но неговиот глас ќе биде претивок, а неговата рака ќе остане неприфатена.

Депресијата и анксиозноста станаа нашето реално секојдневие. Не е ништо за осуда или потсмев. А сепак, социјалните мрежи се преполни со луѓе кои ги релативизираат и исмејуваат овие состојби со неумесни коментари од типот: „зошто баба ми немаше депресија? Ајде фатете се за метлата или отидете поработете на нива, ќе ви помине. Не си измислувајте болести каде што ги нема“.

Сакам да појаснам нешто во врска со тие времиња и овие времиња. Многупати сум застанала на страната на постарите генерации, бранејќи ги, обидувајќи се да се ставам во нивните чевли, да ги одбранам бидејќи се во најголем дел изгубени во ова време-невреме со сета оваа нова технологија и модерните изуми.

Но не и овојпат. Не можете да ме убедите дека во вашето време, во времето на вашите мајки и татковци, односно нашите баби и дедовци не постоела депресијата. Можеби не (сте) ја именувале така. Многу веројатно е дека ретко кој зборувал на оваа тема. Чувствата се потиснувале длабоко, се криеле под чергичето и оној фамозен срам за тоа што ќе речат комшиите бил пуштен на најсилно.

Тој „срам“ делумно се провлекува и нè следи до ден денешен, но многу постивнат за разлика од порано. И мило ми е што е така. Луѓето едноставно се освестија дека не живееш за никој друг освен за себеси. И доколку чувствуваш негативни емоции, доколку си анксиозен или депресивен и доживуваш панични напади, во ред е да го споделиш тоа, да разговараш и да побараш помош.

Зошто мислите дека луѓето порано не се соочувале со вакви проблеми? Што ве тера да мислите дека ова е производ на модерното време, некоја измислица креирана од преголема разгаленост, каприц или досада?

Вратете се на моментите во минатото. Деновите кога родителите едвај зборуваа еден со друг. Кога ручавте или вечеравте во целосна тишина и секој се повлекуваше во својот агол со сопствените мисли. Во вашето време луѓето не беа тажни? Немаа негативни мисли? Немаше солзи и трескање на врати? Во минатото течеше мед и млеко?

Не знам па како мислите дека бабите не биле депресивни бидејќи немале време за депресија. Какви високо научни докази! Секако дека биле, само што од неукост и срам не умееле да го изразат тоа, да го споделат или да побараат помош.

И бабите биле човечки суштества од крв и месо кои се соочувале со неправди, со болка и тага. Кога не сакале да зборуваат со никого и страдале, најчести тивко во себеси. Кога биле угнетени и обесправени, апсолутни робинки во домот, во креветот, во рамките на брачната и семејната заедница.

Кога им слугувале на сите – на родителите, на мажот, на неговите родители, на децата. Кога биле заробени во договорени бракови. Кога не можеле да продолжат со школувањето. Кога не смееле да работат. Кога немале право на глас.

Мислите дека само затоа што го затрупувале сопственото тело во физичка работа дека во нивната глава не се случувала ментална бура од сите негативни мисли кои си ги чувале за себе пред да заспијат?

Без оглед на времињата кои се менуваат, луѓето си остануваат луѓе. Тие се тажни, тие се осамени. Тие се анксиозни, тие се под стрес, тие се депресивни. Разликата е во тоа што во денешното време многумина решаваат да проговорат на оваа тема и да побараат помош.

И тоа е за аплауз. А ако имате среќа вашите баби да се живи, поминете едно попладне со нив и дознајте колку навистина биле среќни во своето идеално минато време.

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This