March 28, 2024, 10:11 pm

БАТАЛЈОН ЗА ПОЧЕСТИ ВО АРМ: Комитската униформа најомилена кај гардистите

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Припадниците на Баталјонот за почести и опслужување во Армијата на Република Македонија денеска работно ќе ја одбележат 75 годишнината од нејзиното формирање, односно од формирањето на првата македонско-косовска ударна бригада на 11 ноември 1943 година во село Сливово.

Денот на баталјонот ќе се одбележи со промоција на првата македонска офицерска сабја за почести, со смена на државните знамиња пред резиденцијата на претседателот на Република Македонија и пред Владата, како и со промоција на првата книга „Почесна гарда на АРМ“, посветена на сите припадници на почесната гарда од авторот потполковник м-р Иван Атанасоски, командант на Баталјонот.

Предвидена е и посета во гардиска униформа на Детската клиника во Скопје, како и крводарителна акција.

Прва македонска офицерска сабја за почести

– Се работи за наша автохтона оригинална сабја, проект на кој работевме шест месеци и многу се гордееме, вели командантот Атанасоски.

За изработката на ликот на оваа сабја биле извршени консултации со многу државни и граѓански институции, меѓу кои Музеј на Македонија, Воениот музеј, верските институции – Охридска архиепископија МПЦ и ИВЗ. Дизајнот на сабјата е изработен од Стојанче Величковски хералдички уметник.

Сабјата е украсена со уникатен македонски рубин и реткиот минерал на лорандитот од рудникот Алшар.

Интересн е декоративниот орнамент – Златната ракавица, затоа што по својата форма е во вид на преплет и претставува симбол на бесконечност, а во кружните форми што се образуваат последователно се јавува симбол сонцето. На церемонијалната сабја е изгравиран амблемот на единицата. Формата на штитникот на рачката е инспириран од македонскиот даб, додека неговите транспарентни сегмени ја симболизираат подготвеноста и стремежот на граѓаните на Република Македонија да изградат модерна и транспарентна армија која ќе го штити суверенитетот и интегритетот на земјата.

Идната година се очекува нова набавка на старата гардиска униформа, позната како комитска. Инаку, постојат четири вида униформа за гардистите: свечена, церемонијална, празнична и старата комитска, што се уште се користи. Првиот дизајнер на комитската униформа од 1993 година е професор д-р Ѓорѓи Здравев, додека новата стилизирана свечена воена униформа за почесната гарда е изработена во 2011/2012 година од Александар Ношпал.

Најчесто, велат припадниците од почесната гарда, од новата се користи свечената униформа, празничната се користи ретко, а церемонијалната најретко.

Мајор Дејан Величковски, командир на Првата гардиска чета и капетан Златко Павловски, командир на Втората гардиска чета, децидени дека сите гардисти ја носат униформата, стара или нова, со чест и со огромна гордост. Посочуваат дека најголем дел од гардистите сметаат оти комитската е подобра, но, велат, и со новите се навикнавме.

– Старата комитска најчесто ја користиме во Крушево, на гробот на Гоце Делчев во црквата Свети Спас, ја вративме повторно во резиденцијата кај претседателот на државата и кога имаме наредба дека треба да се излезе со комитската униформа, нагласува Павловски.

Помалку вода пред задача за почесна стража

На прашањето кога како почесна гарда најдолго стоеле, двајцата командири на гардиските чети посочуваат дека тоа е главно кога се даваат заклетви од страна на припдниците на АРМ. Сепак, секој има свое искуство.

– Најдолго сум бил во гардиска униформа кога ја носевме Декларацијата за независност на Република Македонија од Собранието до Музејот во 2012 година. Тоа беа пет и повеќе часа и тоа плус со дрвениот сандак во раце каде што беа трите листа на Декларацијата. Тоа за мене беше најдолго, и тоа не толку стоењето колку што рацете мораше да бидат во позиција да ја носам кутијата. За мене лично тие пет и повеќе часа беа сериозен тест дали сум или не за ова работа, се сеќава Величковски. Павловски наведе дека се уште нема такво искуство.

Со оглед на тоа дека се работи за часови стоење во место, на прашањето кога последен пат се случило припадник на почесната гарда при извршување на задачата да се онесвести, информираат дека тоа последен пат се случило во 2006 година во Охрид, на одбележување на Денот на АРМ.

Величковски и Павловски појаснуваат дека имаат тренирани ситуации се со цел да се избегнат такви непријатност и да се избегнат анегдотите потоа.

За случајот за време на пречекот при неодамнешната посета на германската канцеларка Ангела Меркел, Величковски тврди дека гардистот почувствувал дека не може да издржи и со помош на колеги излегол од стројот.

– Тоа е најголемата обука. Сите знаат да стојат и да ја држат пушката. Но, да процениш дека нема да можеш да додржиш и да не го нарушиш угледот, тоа е кога моралниот аспект и психофизичката подготвеност е на високо ниво. Самите да се свесни да не чувстуваат срам, да не го штити егото зошто ќе му се смеат. Потоа секако го зезаат во автобус, но тоа е помалата цена што ја плаќа, свесен е за поголемата цена, истакна Величковски, додавајќи оти се трудат да не пијат премногу вода за да не ги напаѓаат физиолошките потреби.

Почесна гарда на АРМ – првата книга посеветена на припадниците

На одбележувањето на Денот на баталјонот ќе се промовира и првата книга од авторот Иван Атанасоски посветена на сите припадници на почесната гарда „Почесна гарда на АРМ“. Во книгата, подвлекува авторот, се обидувам меѓу другото да направам и дистинкција за тоа што е гарда, а што е почесна гарда.

– Почесната гарда ги претставува највисоките идеали на земјата и културата од која потекнува. Нејзините задачи се да ги чува, гради и презентира традициите и вредностите на својата земја, нагласи Атанасоски, командант на Баталјонот.

Баталјонот за почести и опслужување формациски е составен од гардиски единици – гардиски чети, штабно одделение и воен оркестар.

Почесната гарда претставува воена единица што се состои од припадници на Армијата кои се внимателно избрани според нивните физички и психички вештини односно нивната голема мотивираност, високиот стандард на надворешниот изглед и однесување, а кои поседуваат голем талент и вештина во извршувањето на церемонијалните обврски.

Во Република Македонија односно во ГШ на АРМ нема официјален пишан документ за критериумите за тоа кој може да биде припадник на единицата. Неформално, информираат од таму, условите за да се биде припадник на оваа единица се: припадниците да се високи од 175 до 195 сантиметри, а тежината да е пропорционална на висината, не смеат да имаат видливи белези на лицето, да не користат очила при извршување на задачите, психофизички да се подготвени да одговорат на предизвикот, моторичките способности да им се на највисоко рамниште, да немаат безбедносни ограничувања и да имаат високо развиено чувство на патриотизам.

– Во почесната гарда начелно пет проценти се жени, но за жал многу мал број од нив во текот на историјата ја носеле гардиската униформа, вели Атанасоски.

Првата жена војник која била во гардиска униформа е Верица Златевска, а првата задача што ја извршила е на 31.01.2014 година.

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This