БЕТМЕН ВЕЛИТ: Грди и убави!

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Оној човек кој знае сто јазици и на сите сто јазици сака да дели, да шири омраза, да обвинува неистомисленици и да ги става на ѕидот на срамот, да шири измислици за другите или да ликува на туѓа несреќа, тој човек на сите сто јазици е грд човек, пишува Бетмен Велит во својата најнова колумна за Телеграф.мк

zaev-kola

Поделбите како начин за определување припадност се карактеристични за секој човек од најмали нозе. Сме се делеле на фудбал – бидејќи мора да припаднеме на една екипа. Сме ги делеле и улогите во екипата – бидејќи некој мора да е голман. Не поделиле во различни одделенија во основно бидејќи подобро се учи во помали групи па затоа во еден клас има 30 деца, а наставата не се одвива на стадиони или во концертни сали. Сме се делеле на ова или она маало, на Охриѓани и Скопјани, на Скопјани и Битолчани, на навивачи на Барса и навивачи на Реал. На кафанџии и клабери, на верници и атеисти, на месаџии и вегетаријанци. На мал милион начини.

Меѓутоа овие поделби се во најголем дел исклучително нештетни, бенигни. После партијата фудбал, сите сме оделе на сладолед / пиво, зависно од возраста. Кога завршило основното школо, сме се поделиле повторно од рационални и научни причини, па Боби од осмо-два станал Боби од прво-пет, а Горан од осмо-два станал Горан од прво-осум. И обајцата иделе на пикадо и сендвич на голем одмор. Васка од Влашко маало се омажи за Александар од Кара-бего маало, па станале Васка и Александар од Кисела Вода. Филе Барса од Тафталиџе вкрсти брачни топки со Весна Мадридиста од Струмица и сега чекаат принова која ќе се вика Леона или Кристијан и ќе е од Малта (ако продолжи да живее онаму каде ќе се роди). Многу кафанџии станале клабери, повеќе клабери започнале да биртијашат, најмногу од нив кога животот и работата ќе ги земат низ ноѕе не пребираат туку го користат секој слободен миг да се видат со старите пријатели журкаџии или ракијаши на било каков терен – кафуле, здрав астал или на хопа-цупа на некој диџеј.

sekerinska-zaev-boja

И верниците и атеистите веруваат во рокенрол. И муслиманите и христијаните веруваат во меѓусебна почит, куќни слави, дискусии за политика, џез, заедничко гледање ракомет. Не веруваат во предрасуди и поделби. Едино месаџиите и вегетаријанците е тешко да застанат под еден чадор, се додека не дојдат јеховините вегани па по принцип на „има и полошо“ ќе седнат на неутрална салата и ќе си простат за сите прасиња и брокули кои пострадале во меѓусебната прехранбена битка (вегани, шала, и вие сте еднакво убави освен кога ми се мешате во рерна). И „соросоидите“ се луѓе. И ние ВМРО-вците сме луѓе. И оние кои не ги интересираат поделби по политички основ се исти луѓе како и нас. И „сите сакаме“ добар пијанист со кој ќе пееме и на неколку часа лутината и гневот кои се чувствуваат на социјалните мрежи и секогаш кога ќе им дозволиме да не обземат, ќе бидат победени од искрената и исконска потреба на човекот да биде пријател и да има пријатели. Да биде добар и еднакво третиран. Да разговара, да зборува и да биде слушнат. Разликите да се почитуваат и да се дискутираат, а не да служат како поле за вадење очи меѓу себе.

И сите погоренаведени се убави луѓе, без разлика како изгледаат, каква коса имаат (ако ја имаат), дебели, слаби, високи или ниски. Брадати или бркати, со долга виткана или кратка права коса. Поприлично лесно е да се пронајде убавина во секој човек, ако си добронамерен и почитуваш. Некој полесно наоѓа убавина во човек кого го смета за физички убав, ама тоа е така обично на помлада возраст кога од биолошко-општествени причини е поголема желбата да имаш трофеј покрај себе. Како старееш желбата да имаш човек со кого се разбираш ја надминува желбата да го користиш партнерот како визит карта или супститут за други недостатоци кои ги чувствуваш (ме мислат за глуп, ама види со кого спијам). Ова не е генерално правило, но нема ни генерално правило за тоа што е убаво. Освен дека – убаво ми е она што ми е мене убаво. Без оглед на причината за тоа.

Нема човек на кого се му е убаво, но има луѓе кои едноставно не бараат грдотија ниту нешто што би квалификувале како такво. Овие луѓе она што не им е убаво или го адресираат како неубаво со добра намера да го корегираат, или го игнорираат и немаат став бидејќи не мора за се да се има став. И убаво е кога тоа се знае или учи.

Не ми е убаво, но не ми е ни грдо, кога е обратно – односно кога луѓето мислат дека секој мора да има став за се. А грдо и одвратно е кога некој не само што мисли дека треба да имаш став за се, туку и кога ако немаш став ист како неговиот те опишува и обвинува, те сатанизира дека си грд / лош / злобен / стави си зборче по избор. Посебно грдо е кога сатанизирањето за различното мислење доаѓа од луѓе кои на мегафони викаат дека се најтолерантни и се борат за еднаквост.

Oној човек кој знае само еден јазик, но го користи за да зборува добро и конструктивно, да обединува, да зближува, да пофали и поздрави, да окуражи, да искара кога треба, оној човек кој зборува само еден јазик и знае да премолчи кога е паметно – тој човек ми е многу убав човек. Има луѓе кои не по своја вина се неми. Или зборуваат со потешкотии. Па повеќе љубов и човечност сум осетил во луѓе како опишаните, отколку во некои „доктори на науки“, „генијалци“ и генерално – „експерти“ за сештологија.

zaev-so-svirce

Оној човек кој знае сто јазици и на сите сто јазици сака да дели, да шири омраза, да обвинува неистомисленици и да ги става на ѕидот на срамот, да шири измислици за другите или да ликува на туѓа несреќа, тој човек на сите сто јазици е грд човек. Нема ништо убаво во неговата појавност. Сигурно има во неговата душа, ама го сокрил многу добро и многу длабоко па не само што никој не може да го најде, туку и тој самиот заборавил дека такво нешто постои.

Во голем дел сме станале општество кое се навикнало на ширење омраза, оговарање, девалоризирање, барање на лошото во се/кого и максимално истакнување на цинизмот како врвен симбол на интелектот, односно супститут на други празнини полни со фустрација околу некого и нешто, лепило на големи скршеници на ‘рбетот на човечноста. Но и сум научил дека ми се многу повредни луѓето кои умеат тоа да го спознаат и се трудат да се подобрат. Таквите луѓе ми се особено убави.

За разлика од нив, и разлика мора да се прави, многу поинаку ги доживувам луѓето кои ја земаат таа слобода да ги нарекуваат „грди“ други луѓе затоа што ја користат својата сопствена слобода односно само затоа што не се согласуваат со нивните ставови. Таквите луѓе кои ги нарекуваат своите неистомисленици „грди“, треба да знаат дека кога покажуваат со прст кон некого, другите три прсти секогаш покажуваат кон нив самите. А палецот им покажува надолу.

Односно, грдотијата која ја зборат, ја гледаат секој ден. Во огледалото.

Доволно философирање. Доаѓа периодот на фул фронтал кампањски занес и натпревар меѓу економски идеи (малку) и сериозни и многу непријатни теми (многу). Мојата битка секогаш била и ќе биде битка во која туѓото мислење ќе ужива почит. Освен кон оние посебни луѓе, оние грди и одвратни луѓе, кои го мразат туѓото мислење.

Дотогаш – останете ми убави. Убавината, барем теоретски, ќе го спаси светот.

п.с. БРАВО ТРАМП! Уа Кју Клукс Клан.

2 КОМЕНТАРИ

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This