Бизниcoт aлapмиpa: Hoв кapaнтин cтoпaнcтвoтo нeмa дa пpeживee

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Стопанството не смее да биде осудено на нови затворања на дејности. Ликвидноста на компаниите е на „стаклени нозе“. Намалувањето на работното време во угостителскиот сектор ги крена на нозе стопанствениците и работодавачите од останатите дејности кои беа први на удар на почетокот на пандемијата. Стопанските комори алармираат дека на бизнисот не смее да му се случи нов карантин. Бизнисмените се свесни дека игра со пандемијата нема, секако велат здравјето на луѓето е на прво место но со соодветна заштита и со применување на превентивните мерки, состојбата може полесно да се надмине. Досегашните загуби, бизнисмените сметаат дека за да се надокнадат ќе треба подолг период.

Во врска со можноста за воведување на нови рестрикции и повторно затворање на стопанството, Сојузот на стопански комори смета дека мора да се работи на решенија кое ќе донесат баланс во економското функционирање и борбата со вирусот. Доколку се посегне по еднострани решенија кои ќе значат ново комплетно затворање треба да сме свесни дека тоа ќе донесе нов и посилен удар врз стопанството, кое и така едвај се бори со ликвидноста и опстојување во услови на криза. Потпретседателката на ССК Габриела Кулебанова за Денар вели дека ново затворање на стопанството би значело колапс за фирмите.

„Сојузот на стопански комори решението на оваа ситуација го гледа во носење на соодветни протоколи за секоја дејност, кои ќе овозможат активностите да продолжат да течат, иако отежнато но без да има целосен прекин. Треба да се истакне дека и после осум месеци од прогласувањето на вонредната состојба ние се уште немаме протоколи за одредени дејности, ниту пак знаеме кога ќе бидат донесени. Оваа недефинираност значи и поголема непредвидливост и не можност за претпријатијата да направат план на активности за понатаму. Доколку мерките се носат навремено со јасна и прецизна дефинираност на опфатот на протоколите и ефикасно се прави контрола на нивното почитување ќе нема потреба од поригорозни мерки како затворања и рестрикции“, вели за Денар Габриела Кулебанова, потпретседател на Сојузот на стопански комори на Македонија.

Од Стопанската комора на Македонија пак сметаат дека неизвесноста за бизнисот е можеби најголемиот непријател – водењето бизнис се заснова на планирање и предвидливост, секојдневни контакти и брза циркулација на информации, слободно движење и глобална поврзаност. Како еден од клучните сегменти за излез од кризата е извозот или извозно ориентираните компании многу побрзо можат да излезат од криза наспроти оние кои се насочени единствено кон домашниот пазар.

„Заздравувањето ќе оди со многу поспоро темпо за секторите кои произведуваат интермедијарни или капитални добра. Овие сектори, кога настануваат економски неповолни околности сé уште работат по веќе добиени нарачки и се во состојба уште определено време да одржат високо ниво на производството – но затоа, истата одложена динамика се одразува и на закрепнувањето од рецесијата – многу подолго време е потребно за да се зголеми обемот на нарачки во деловните односи, за разлика од потрошувачката на домаќинствата“, смета Бранко Азески, Претседател на Стопанската комора на Македонија.

На почетокот на пандемијата први на удар беа малите бизниси и угостителскиот сектор. Во најголема мера тие беа и дејностите кои со одлука на Влада беа затворени како превентивна мерка против заразата за да се избегне што е можно повеќе собирања и групирања на граѓани на едно место.

Официјалните податоци покажуваат дека вкупната вредност на извозот во првите осум месеци од 2020 година изнесува 3,46 милијарди евра со пад од 17,8% во однос на истиот период од претходната година. При тоа, извозот во август 2020 година изнесува 501 милион евра и споредено со истиот месец од 2019 година имаме скоро идентичен износ. Од друга страна, индексот на индустриското производство за август 2020 година во однос на август 2019 година е 90,9%, односно се бележи пад од 9,1%. Индексот на индустриското производство во периодот јануари − август 2020 година, споредено со периодот јануари − август 2019 година изнесува 86,8% и бележи намалување од 13,2%. Дополнително за време на пандемијата бројот на невработени е зголемен за над 43 илјади лица во однос на истиот период лани.

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This