БИЛ НИКОЛОВ ЗА „ЕУРОАЗИЈА РЕВЈУ“: Нашето Име Е Македонија – До кога ќе мораме да се извинуваме за тоа што постоиме?

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Се одржа уште еден протест против менувањето на македонското име и идентитет. На 18 ноември Македонците масовно се собраа пред Собранието, и покрај полициски блокади и притисоци, што ги упатува нелегитимната Влада на Зоран Заев, кој беше донесен на власт од страна на САД.

Да, точно е, Македонија се наоѓа на работ на колапс поради мешањето на странски елементи во нејзините внатрешни работи. Нејзиниот суверенитет, но и постоењето на македонскиот народ во Македонија, и на милионите Македонци во соседните држави и низ светот, се доведени во опасност.

Зошто се случува ова? Затоа што САД и Европската Унија решија дека нивното проширување и приемот на нови членки се за нив приоритет, и бараат од Македонија да ги смени своето име, идентитет, својата етничка припадност и да ја избрише целата своја историја, што е во спротивност со сите можни конвенции за човекови права и со меѓународното право. Крајната цел е да се исполнат желбите на Грција, која се спротиставува на македонското име, во надеж дека со промената на името Грција можеби ќе го крене своето вето за приемот на Република Македонија во НАТО и евентуално во Европската Унија.

Конкретен пример: За време на незаконската седница на македонското Собрание на 19 октомври, осум опозициски пратеници беа држени во салата од страна на нелегитимната Влада на Зоран Заев додека не попуштија и не ги прифатија неговите наредби да гласаат за менување на македонското име и идентитет. Жените пратенички беа особени изложени на притисоци, беа уценувани, потплатувани или под закана дека тие или членови на нивните семејства ќе бидат испратени во затвор. Ова предавничко, илегално гласање отвора опасност во двете идни закажани гласања во Собранието да се заокружи процесот на уништување на македонското право на самоопределување.

Ваквите брутални тактики беа одобрени од страна на американскиот амбасадор Џес Бејли, кој беше во македонското Собрание во тоа време. Самото присуство на странски дипломат ги крши македонските собраниски правила (како и правилата на било кој претсттавнички дом). Но, Бејли не е единствениот што го прави тоа. Европскиот комесар за проширување и политика кон соседите Јоханес Хан, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини, американскиот секретар за одбрана Џејмс Метис и, конечно, американскиот помошник државен секретар Вес Мичел, ја посетија Македонија и упатуваа отворен изакани. Нивната порака гласеше: сменете го името или тешко вас.

Зошто Грција сака да ја преименува Македонија и да го редефинира идентитетот на македонскиот народ? Во 1995 година поранешниот грчки премиер Константин Мицотакис призна дека Грција го создала овој вештачки спор за името со цел да го негира постоењето на значителното македонско малцинство во Грција, и да може да продолжи со неговото угнетување.

Името кои и се наметнува на Македонија е „Република Северна Македонија“, а новиот идентитет кој ќе им биде даден на сите Македонци треба да биде „Северномакедонски“. Во Преспанскиот договор, документ на 19 страници, се редефинира значењето на поимите „Македонија“ и „македонски“, а на Грција и се дава право да ја казнува Македонија доколку таа ги „злоупотребува“ овие термини за да се опише себеси.
Дали ова ви изгледа нормално?

Тука не зборуваме само за Македонците во Република Македонија. Регионот Македонија беше поделен во 1913 година (сите страни, вклучително и окупаторите, го признаваат овој факт) меѓу Србија/Југославија (овој дел денес е независен како Република Македонија), Бугарија, Грција и, на крајот, Албанија. Оттогаш Македонците се борат против обидите за нивно бришење. Грција, иронично, го забрануваше зборот „Македонија“ и го негираше неговото постоење се до драматичната промена што се случи кај нив во 1988 година кога отпочнаа пропагандна кампања со цел да го измамат светот и да го убедат дека Македонија отсекогаш била „грчка“. Да не заборавиме дека и другите окупатори полагаат право на Македонија. Затоа, наместо да се вплеткаме во оваа брутална партија балкански рулет, ајде да користиме здрав разум: Македонија е македонска.

Во шокантно неодамнешно интервју на Македонската Телевизија, Зоран Заев дури отворено призна дека бил донесен на власт со цел на сила да обезбеди менување на името. Но, рече не се плаши од последиците по него, бидејќи ја имал поддршката на САД и на Европската Унија.

Како резултат на таа поддршка, Заев применува тактики како на пример испраќањето на полициски специјалци против Македонците кои се осмелуваат да протестираат против менувањеот на нивното име и идентитет, фалсификува избори, апси Македонци кои му се спротиставуваат, брка луѓе од државните институции и од приватни работни места, затвора опозициски медиуми и блокира пристап до социјалните медиуми за сите што ќе се осмелат да му се спротистават.

И покрај ова отворено и јасно мешање во внатрешните работи на Македонија, САД и ЕУ се до толку дрски што тврдат дека Русија се мешала и ја дестабилизирала Македонија. Американската надворешна политика наложува дека „нападот е најдобрата одбрана“. Со други зборови – обвини ги другите за користење на одвратните тактики кои ти ги применуваш. Притоа секоја од овие тактики е подрска од претходната.
Македонците единствено бараат да се почитуваат нивните човекови права и нивното право на самоопределување. Никој не очекуваше дека ќе мора да ги бранат своите права од напади од Западот.

Можно ли е решение кое ќе ги задоволи незаситните барања на Западот за македонско членство во ЕУ и НАТО, а притоа да се испочитуваат човековите права, меѓународното право и човечкото достоинство? Наместо да ја принудуваме Македонија да скока низ пречки на пат кој води кон културно исчезнување, Западот може да го укине правилото една држава членка на ЕУ и НАТО да може да стави вето или едноставно да и наложи на Грција да не го искористи своето право на вето. Западот мора да ги почитува принципите кои тврди дека ги застапува, или ќе биде соучесник во уништувањето на цела една етничка група. Нашето Име Е Македонија. Кој ви дал право да ни го менувате?

Бил Николов
Претседател на Македонското Меѓународно Движење за Човекови Права

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This