БОБАН НОНКОВИЌ: Шупотејќи за спас на Македонија

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Република Македонија и македонскиот народ, синоќа по подолго време се обединија околу една работа. Се обединија околу своите ТВ-приемници и од 20 часот, без здив го проследија двоиполчасовниот прв ТВ-дуел на политичките противници (лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и СДС), што се случува по цели 20 години, односно по легендарниот „ти пиеш по литро виски и шмркаш кокаин насабајле, а ти си лудак кој кршиш се по дома“ на Бранко Црвенковски и Љубчо Георгиевски.
Очекувањата од ТВ-дуелот на Христијан Мицкоски (ВМРО) со Зоран Заев (премиер и претседател на СДС), беа и се остварија дека се работи за интелектуална, па ако сакате и цивилизациска разлика меѓу овие двајца. Или како што започна дуелот, бевме сведоци на судир на еден трипати аболициран-за-криминали лик (Заев) со човек за кој од приложеното може да се види дека е од кршење на закон, прашање и дали некогаш не врзал појас кога возел автомобил.

Па, така, на една страна видовме човек кој од претходно за себе вели дека е „црпнат од нивата од страна на Бог“, но и интелектуално-културолошко џуџе со примеси на класичен сељачизам и психо-патолошки лажго. Но, очигледно и за човек кој е свесен дека за се што прави има силна поддршка од „големи батковци“ (читај: странци) и затоа не му е гајле за сето тоа што ќе го каже и направи, без разлика дали било вистинито и дали е на штета на една цела нација, општество, држава…

На друга страна, пак, за нас многумина непознат универзитетски професор, политички дебитант, но интелигентен, прибран, добро поткован за поголем дел од темите, ама и човек, кој исто така се забележува дека е свесен и му тежи одговорноста на претседател на една меѓународно урнисана, уценета и подгазена политичка партија и на кого се чека да направи макар најмал излет кон национална тема, за да му се налепи етикета дека е како неговиот претходник кој деновиве е мета на бришење под во собите на македонските судови (по своја вина, се разбира!).
Дваипол часа гледавме како едниот, од позиција инсталиран премиер, -лаже и суши- без пардон („не сум се возел во мерцедесот на Груевски“), говори небулози („минус запирка еден запирка три“), се губи во простор и време („кој бе лажеме, не се сеќавам“), користи офуцани српски досетки на источно-македонски дијалект („Киша око Крагуевац“), прави гримаси со кои покажува дека се работи за емотивно и психички нестабилна личност… Но, сето ова го знаевме сите, па и го очекувавме.
Сепак, и таквиот црпнат лик успеа за момент да му зададе силен удар на својот политички противник, а во однос на непотизмот, кога по повеќе обвинувања, Мицкоски призна дека кога почнувал како асистент, меѓудругите, му асистирал и на својот татко, сега пензиониран професор на Машинскиот факултет во Скопје!

Сепак, во детали за секоја од темите на разговор, сметам дека е неважно да се влегува, бидејќи, како што напоменав, разликата во познавањето и хендлањето со фактите, бројките и доказите беше далеку на страна на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и тука, ако многумина милуваат да прогласуваат победници, може да му се додали чиста победа. Но, што фајде од тоа?

Мене сериозно ме загрижува тоа што Мицкоски, како лидер на ЕДИНСТВЕНАТА македонска политичка партија, нема (или барем не покажа) макар и малку поцврст став за преговорите за името (како што самиот кажа: „за распродажбата на националните интереси“), но и за договорот за добрососедство со Бугарија (недоволно е да се каже само дека истиот е „асиметричен“, бидејќи тоа не им значи, ниту го разбираат собраните пред кооперација во велешкото село Слп), а не ја ни спомена т.н. „Тиранска платформа“ и реперкусиите по државата (кои се далеку поголеми од сите други превземени „акции“ на Владата на Заев), ниту дали и зошто е „за или против“ конкретниот предлог „Илинденска Македонија“, кој очигледно ни стана сега почетна, а не последна точка во преговорите за македонско обезименување.
Не верувам дека нема став (поготово што минатата недела даде добра изјава „Мене лично ми се допаѓа Република Македонија“), туку очигледно е дека на Мицкоски му тежи меѓународниот притисок (верувам и закани) да и биде конструктивен на оваа „Влада за разнебитување на се што е македонско“, па се однесува како да „гази по јајца“ во однос на овие, сепак, за нас Македонците – теми од животно значење!

Од друга страна, разгоропадениот премиер Заев, според нему омилените српски фрази, се однесува по принципот: „Будала се поносим са оним чиме паметан се стиди“ за националните теми и се гледа гордост и воодушевување во неговите очи кога говори колку е подготвен и тргнат во поход на уривање на македонските национални интереси. Едноставно, тој е екстатичен во улогата која некои други му ја доделиле, но и верен да исполни се од зададената агенда.

Затоа, да заклучам, Христијан Мицкоски, во ова време на урнисано ВМРО-ДПМНЕ (однатре, но и пред се однадвор), се гледа дека е квалитетен и кадарен лик кој може да ја предводи партијата во нејзиното враќање во живот. Тој е во секој случај далеку подобра алтернатива од Зоран Заев за претседател на Владата на Република Македонија. Си направи основа за митингот на 2-ри јуни, па да видиме само дали неговата порака допре до поголемиот дел од неговите (разочарани) членови, но и до обичните Македонци и други народности во македонската држава, загрижени за правецот кон бездната во која ги води Заев.
Но, се плашам дека шупотејќи за круцијалните теми за спас на Македонизмот, Мицкоски како повеќе да се наметнува како алтернатива на странските батковци, а не на македонскиот народ и тоа ме загрижува, бидејќи очигледно се работи за нова политичко-општествена парадигма која се наметнува како патерн за иден предводник на Македонија, но не и на македонската нација … ако истата ја остават да постои во иднина!

8 КОМЕНТАРИ

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This