Бидејќи владата се уште нема решение за ниските откупни цени на грозјето во Тиквешијата, лозаропроизводителите денес на прес-конференција предупредија дека тие ќе ги радикализираат чекорите до исполнување на нивните барања за зголемување на откупната цена, но и гарантирана минимална цена и пет денари по килограм субвенции.
Лозаропроизводителите најавија дека ако во наредните неколку дена не се корегираат откупните цени и ако владата не гарантира субвенции, тогаш тие ќе започнат со граѓанска непослушност, а ќе ги блокираат и поголемите винарии во Кавадарци, Росоман, Неготино, Демир Капија и Валандово.
„Детето требаше да оди во Германија, не го пуштив. Парите ги дадовме за лозје, за препарати, а сега на грозјето што ќе му правиме. Јас сум решен да одам до крај. Сиот род ќе му го однесам на Заев пред куќата. Во Струмица ќе одам.“ – вели еден од лозаропоризводителите, присутен на денешната прес конференција.
Новиот министер за земјоделство Аријанит Хоџа се уште нема закажано состанок со лозарите.