(Видео+фото) Обраќање на претседателот Пендаровски на 42. издание на фестивалот „Браќа Манаки”

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Претседателот Стево Пендаровски вечерва, во Пациото на НУ Завод и музеј Битола, присуствуваше и се обрати на 42. Издание на фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки”.

Како покровител на оваа значајна манифестација, претседателот Пендаровски истакна дека благодарение на фестивалот, Битола и Република Македонија се присутни на светските филмски мапи и се посакувана дестинација за кинематограферите и останатите филмски работници од сите светски меридијани.

Во продолжение е текстот од обраќањето на претседателот Пендаровски.

Почитувани организатори на фестивалот Браќа Манаки,

Почитувани лауреати,

Драги гости и пријатели,

Јасно е дека живееме во време/невреме што ги забави, дури и замрзна нашите животи, во кои сликите од различните модели на комуникација, на едно симболично, но, и на фактичко ниво, престанаа да бидат подвижни.

Сведочиме за прекин на нашите внатрешни и заеднички нарации како можност за подобар живот. А таквата состојба не му е својствена на човекот, напротив, таа му создава празнини кои тешко се пополнуваат. Дури и повеќе, во таа желба за враќање на динамиката на животот, на нашите „подвижни слики”, филмската уметност особено во овие пандемиски времиња, е екстензијата која води кон прекинатите човечки, емоционални варијации на животот. Како што во една прилика забележа Тарковски: „Целта која ѝ е доделена на филмската уметност не е, како што често се претпоставува, да служи само како допадлив пример за разонода. Целта на филмската уметност, и воопшто на уметноста, е да ја подготви личноста за соочување со сите искушенија, па дури и со смртта, да ја изора и вознемири нејзината душа, давајќи ѝ можност да се врати кон доброто и благородното, кое некаде по пат, низ животот го изгубила.”

Почитувани,

Чест ми е што сум покровител на фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки”, еден од најзначајните културни настани во нашата земја, бездруго значаен и на меѓународно ниво. Имено, посветен на кинематограферите, фестивалот може да се пофали со оригиналност, богата историја и чиста љубов кон седмата уметност – бидејќи е посветен токму на сликите, на визуелниот јазик на животот.

Благодарение на фестивалот, Битола и Република Македонија се присутни на светските филмски мапи и се посакувана дестинација за кинематограферите и останатите филмски работници од сите светски меридијани.

Минатата година, ги немаше филмските проекции, полната кино сала и возбудата што ја носи фестивалот, кој е своевиден празник за градот Битола како град домаќин, но и за целата наша држава. Недостасуваше гостите да прошетаат низ Широк сокак и да ги откриваат тајните на градот на конзулите кој во своите филмови го овековечија првите сниматели на Балканот, Јанаки и Милтон Манаки.

Годинава и покрај тоа што како и целиот свет сѐ уште се бориме со пандемијата, имаме фестивал во целосен формат, за што најискрено им честитам на организаторите, на сите поддржувачи и фанови на фестивалот и секако на драгите гости кои дојдоа во Битола.

42 –то издание на „Браќа Манаки” треба да покаже дека фестивалот е жив, витален и опстојува покрај сѐ, како што мораме и во секој друг сегмент од животот да продолжиме понатаму со оптимизам и надеж и покрај сите тешкотии и проблеми кои не притискаат секојдневно.

Драги пријатели,

Ќе дозволите да повторам една работа што ја кажав и минатата година. Токму деновите поминати во карантин, во изолација, во нашите домови, нѐ потсетија колку подвижните слики се неопходни за нашите животи. Исто така не натераа да ја видиме разликата помеѓу малите екрани и магијата на големото платно. Да се надеваме дека нашите животи ќе се вратат во нормала, ќе има се помалку ограничувања, а сѐ повеќе можности за животни радости и за дружење со уметноста.

Ви посакувам добро здравје и посакувам успешно 42-ро издание на „Браќа Манаки”, за кое сум уверен дека ќе донесе врвни филмски остварувања и уметничка естетика.

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This