(Видео) Ангeлов: Големиoт број на експлозивни нaпрaви го отeжнува гаснeњeто на пoжapот на Галичица

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Процените на Главниот штаб се дека поради тоа што на Галичица има голем број гранати, куршуми и други експлозивни направи, не е безбедно пожарот да се гасне со хеликоптери или од земја. Стратегијата која ја заземал штабот, била кога пожарот ќе се спушти кон шумата, со цистерни да се навлезе по патиштата кои се безбедни и оттаму да се гасне. Само од синоќа по полноќ се слушнати најмалку три експлозии.

Поради големиот број експлозивни направи на планината Галичица, ризично е гаснењето на пожарот кој веќе една недела гори на планината Галичица, вели директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.

Според него, ризик има и за гаснење со хеликоптери и за пешадиско гаснење односно од земја.

„Овој пожар е карактеристичен по една непријатна и ризична работа, а тоа е големиот број експлозивни направи, гранати, куршуми и разни други експлозивни средства кои се наоѓаат и по самиот срт каде започна пожарот и се протегаат до подножјето во самата шума. Ова е четврти пожар на истото подрачје во последните 10-15 години и при секој пожар од местото каде гори се слушаат детонации, експлозии, истрели од куршуми. Значи, палењето на тревата создава температура која ги активира овие минско-експлозивни средства кои кога човек би згазнал врз нив не би се активирале затоа што се стари повеќе од сто години и нивната запалка не е активна. Во текот на денешниот ден, по полноќ досега се слушнати најмалку три експлозии. Тоа значи дека и на ова место каде во овој момент гори имаме вакви експлозивни средства и местото не е безбедно за движење на пешадија ниту за летање на хеликоптер“, рече Ангелов, кој и апелираше сите доброволци кои сакаат да помогнат да не влегуваат во огнот поради оваа опасност.

Главниот кризен штаб, рече тој, ги разгледувал можностите за гаснење од воздух, но одлучил дека е ризично затоа што хеликоптерите кога гаснат доаѓаат прилично блиску до местото кое гори односно на дваесетина метри.

„Пешадиското гаснење исто претставува ризик за оние кои би гаснеле, иако на своја рака, според информациите кои ги имаме, претставници на Националниот парк Галичица се обиделе странично да го совладаат пожарот, но се појавил феномен како кај Сарај, кога гори кореновиот систем и на местата каде е изгаснат пожарот после извесно време повторно се распламтува“, додаде Ангелов.

Стратегијата која ја заземал Главниот штаб, рече тој, е кога пожарот ќе се спушти кон шумата, со цистерни и џип-цистерни да се навлезе на шумските патишта и оттука пожарот да се гасне со оглед дека патиштата се безбедни.

Пожарот на Галичица се појави пред околу една недела од албанска страна. Директорот на ЦУК вели дека индициите се оти го запалиле овчари за да го подобрат квалитетот на пасиштето. Пред една недела тој се префрлил и на македонска страна.

„На 30 август извршивме хеликоптерско извидување. Пожарот беше на самата гранична линија и полека веќе одредени пламени јазици влегуваа на наша територија. Гореа трева и ниски зимзелени грмушки. Пожарот постепено се движеше кон наша територија и почна да се спушта и од страна на Охридското и од страна на Преспанското Езеро. Гореше само трева, која во овој реон е висока и релативно лесно гори. Во текот на ноќните часови доаѓаше до загасување на пожарот, рано наутро кога имавме значителна роса пожарот беше значително изгаснат, но со зголемување на температурите во текот на денот повторно се палеше“, објаснува Ангелов.

Ангелов потенцираше и дека од 3 септември кризната состојба предизвикана од пожарите е завршена, бидејќи пожарот на Галичица е единствениот активен. Денеска, рече тој, се појавил уште еден кај Арачиново, но тој не е сериозен и уверува дека ќе се стави под контрола. Од тие причини, рече директорот на ЦУК, не се исполнети условите за продолжување на кризната состојба и оттука се менуваат и надлежностите, па сега информации за пожарите треба да се бараат од градоначалниците на општините каде има пожар. Секое барање за ангажирање на хеликоптери, според него, од ЦУК се препраќа до Генералштабот на Армијата од каде, исто така, може да се бараат информации околу тоа.

„Ние не бегаме од нашата морална обврска да помагаме, но законски не можеме да одлучуваме“, вели Ангелов.

Директорот на ЦУК смета и дека е крајно време да се прочешла теренот на Галичица во однос на експлозивните направи и вели дека како институција во следниот период ќе се обидат да изготват елаборат за нивно отстранување.

Видеото можжете да го погледнете ТУКА.

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This