(Видео) Евe ги дeтaлитe за пoжaрoт во Дoлнo Лисичe: Едeн чaс нeмaше пoжaрнa а ЕВН не кревaa за да ја исклучaт струjaтa

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Пожар во Долно Лисиче за неполн час го пеплоса расадникот, гореше депонија, се прошири и кон црквата Света Троица, до паркот, а и кон куќите. По неколку часа, засега е локализиран. Пожарот избувна околу 14 часот, кога густ црн чад и силна миризба на изгорено ги вознемирија жителите на ова место. Силните и брзи удари на црковната камбана, која денес се огласи неколку часа порано од вообичаеното, ги кренаа сите на нозе сигнализирајќи знак за опасност.

Екипата на МКД.мк беше на лице место на овој голем пожар, на кој речиси еден час немаше екипи на пожарна. И нашата екипа вртеше на телефонскиот број 193 додека бевме сведоци како пожарот се разгорува, се шири многу брзо поради сувите треви, високите температури и ветерот, но два пати добивме ист одговор, дека возила се пратени и се на пат.

„Бидете трпеливи, имаме пратено едно возило, кое треба да стигне на терен“, ни одговорија од пожарна.

Кога ги прашавме дали само со едно возило ќе се изгасне голем пожар на кој бевме сведоци на лице место, добивме одговор дека засега е само тоа возило.

За цело Скопје во моментов на располагање има 35 пожарникари, а додека гореше пожарот во Долно Лисиче, пожарникарите во реонот на Скопје имале уште 13 интервенции.

Изложени на опасност, на високи температури, четворицата пожарникари распружуваа црева, пуштаа вода, гаснеа оган, а велат дека по пат и наполниле вода.

На терен пристигнаа две пожарникарски возила, со по четворица пожарникари. Со огнот се бореа на две различни страни, а им помагаа и жителите на Долно Лисиче.

Стравувајќи за куќите што се наоѓаа на само триесетина метри од огнот, жителите сами наместија црева за наводнување за да можат да гаснат, ако пожарот се доближи.

Додека бевме на лице место, мештаните се обидуваа да ги добијат надлежните од ЕВН бидејќи огнот гореше до трансформаторот за струја и се стравуваше од експлозија. Но никој не ја доби дежурната екипа на ЕВН.

Пожарникарите што беа на лице место ни кажаа дека нема ниту пожарникари, ниту возила и дека за да помогнат во Долно Лисиче, дојдени се од селото Љубанци.

Откако го локализираа огнот на едната страна, побараа вода за пиење и тргнаа кон црквата и пожарот што беснееше на друга страна, за, како што велат, да ја спасат црквата, која пред само некое време со донации е реновирана.

На другата страна од пожарот на местото имаше само уште едно возило на Противпожарната бригада.

Гореше и депонијата кај мостот на реката Вардар, кој ги поврзува Долно Лисиче со Јурумлери, а за која редакцијата на МКД.мк алармира повеќе од 2 години.

Постојано испраќавме дописи и фотографии до општина Аеродром, и до градоначалникот Златко Марин, од каде што неколку пати ни одговараа дека ќе исчистат и додаваат дека има несовесни граѓани што фрлаат отпад на места што не се наменети за тоа и дека комунални и инспекциски служби спроведуваат редовни контроли на теренот.

Но овој терен, иако сите што минуваат од тука го гледаат, се чини дека е невидлив за надлежните. На терен освен густ чад од запалени гуми за кој постојано се пријавува, смрдеа и денешниот голем пожар, нема инспекциски служби, ниту пак нешто што укажува дека овој проблем ќе се реши.

Депонијата сѐ повеќе се шири, претставува извор на зараза, а денес на ова место избувна и пожар што за кратко време го пеплоса расадникот што ова место долги години го има, а огнот се прошири и до куќите. На местото на денешниот пожар присутни беа и од МВР, кои правеа увид на местото на настанот.

Причините за пожарот засега се непознати, но најчест причинител е човечкиот фактор.

Луѓето и на температури над 40 степени не ги менуваат навиките да фрлаат запалени цигари и во парковите, но и од прозор на автомобилите. МКД.мк пред 2 дена објави и текст во кој потсетивме дека на 40 степени среде лето, втора година по ред не се во функција канадерите.

Пожарот во Долно Лисиче за сега е ставен под контрола, а пожари има и во Струмица, каде што гореше шума, Куманово, нискостеблеста шума, Охрид, сува трева, Битола, сува трева…

Апелите од надлежните се да се внимава бидејќи со огнот нема играчка и може многу да нѐ чини сите. Но пожарите што се случуваат периодов на виделина ги извадија недостатоците што со години се провлекуваат, меѓу кои и недоволната бројка на пожарникари и возила што треба да одговорат на големиот број пожари што ги има во текот на летото.

Видеото можете да го погледнете ТУКА.

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This