Во ново интервју за Фокс њуз, кое допрва треба да биде објавено, Трамп кажал дека го почитува Путин, но дека тоа не значи дека ќе се согласуваат.
„Јас велам дека е подобро да воспоставиме добри односи со Русија, отколку да не ги воспоставиме. Ако Русија ни помогне во борбата против терористичката група Исламска држава, што е клучно, и против исламскиот тероризам во целиот свет – одлично. Дали јас ќе се согласувам со него? Немам поим“, кажал Трамп.
Водителот Бил О’Рајли тогаш кажал: „Путин е убиец“, на што Трамп одговорил дека ни САД не се баш невини.
„Имаме многу убијци. Имаме и ние убијци. Вие мислите дека нашата земја е невина?“, возвратил Трамп.
Интервјуто на новиот американски претседател за Фокс њуз ќе биде објавено во три дела, денес, утре и задутре.