March 28, 2024, 12:12 pm

(Видео) Стотици мигpaнти во Белгија штpajкyвaaт co глaд и жeд – „Пoдгoтвeни cмe дa ympeмe“

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Над четиристотини лица без официјални документи во Белгија денеска го започнаа 56-от ден од гладот на штрајкот прогласен на 23 мај. Штрајк прогласен по 3 месеци постојани протести. Во отсуство на реакција и позитивен одговор од властите, овие луѓе, мажи и жени, пред два дена ја преземаа најрадикалната мерка: штрајк со жед.

Теоретски човековото тело може да издржи најдолго шест дена без вода. Тоа се уште четири дена пекол за стотиците луѓе собрани во Црквата Свети Јован Крстител во центарот на Брисел, како и во неколку универзитети во градот.

-Ситуацијата е страшна, чекаме да излезат лешеви од тука, ни вели Хасан, еден од штрајкувачите.

Хасан живее 27 години во Белгија, во оваа земја пристигнал кога имал 17 години. Тука ја запознал својата сопруга, која како него е со потекло од Мароко. Заедно имаат пет деца. Додека сопругата има право на престој од пет години, Хасан нема.

-24 години поднесувам барања за регуларизација, секој пат е одговорот негативен, ова ми е трет штрајк со глад во Белгија, неподносливо е. Постоиме тука со години, заслужуваме регуларизација на документите, јас сум татко, моите деца се родени тука, пораснати тука, како и многу други тука, објаснува Хасан за МИА.

Во црквата веќе не може да се влезе подалеку од првата порта. Но веќе при првиот чекор после првата порта реата од три речиси три месеци нејадење, спиење во влага, на мувлосани душеци, ве опфаќа за секунда. И влезот мириса на болест и смрт.

Некои од нив не штрајкуваат со жед затоа што имаат веќе сериозни здравствени проблеми. Неколкумина од нив излегоа пред влезот на црквата да поразговараат со случајните минувачи, ретките новинари, и активистите за правата на мигрантите.

Од сите истата приказна ја слушаме: некои од нив 40 години живеат во Белгија, огромното мнозинство тука работи, но непријавено, оставени на милост и немилост на работодавците што ги експлоатираат, вклучително и сексуално кога станува збор за жени.

Додека разговаравме со овие “недокументираните” луѓе пред црквата Свети Јован поминаа две амбуланти и една екипа на Црвен Крст да ги однесе во болница оние кои се во најтешка состојба.

Хасан влече последици и од претходните штрајкови, бубрежни заболувања.

-Ова е последната фаза, штрајкот со жед значи дека сме подготвени да умреме.

Хасан, Абдел, Дерар, Тарек, сите ни раскажуваат слични искуства: одбиени барања за документи врз конфузни основи. Во едно семејство се случува да бидат регуларизирани сите освен еден. Причината? Белгија е земјата со најнејасни правила за мигрантите, за разлика од другите земји во ЕУ.

-Јас сум сто процентно Белгиец, поминав повеќе од пола живот овде, јас не се чувствувам повеќе Мароканец, немам каде да се вратам. Мојот живот е тука. Кога влегов во Белгија ја запознав жена ми и веднаш се вљубив, ми рекоа остани во Белгија, ова е земја со големо срце. 27 години чекам тоа големо срце да ми даде нешто. Ништо. Сам си го изградив животот тука без никаква помош, раскажува Хасан.

Работел во градежништво, ресторани, чистење, секој пат во непријавени услови за потпросечни плати, експлоатиран од немилосрдни газди, без никакви права, само за да им пружи на децата подобар живот.

-Единствена земја која нема јасни закони за луѓето без документи е Белгија. Го правиш досието, го поднесуваш, потоа ти дават наредба да ја напуштиш територијата, но во истиот момент, на истата таа наредба стои дека можеш да поднесеш жалба. И што правиш? Секој пат се надеваш за таа мала шанса и поднесуваш жалби, и жалби и жалби и се наоѓаш 27 години во земјата за ништо. Зошто ни велат дека можеме да поднесуваме жалби? Зошто не ни речат “немате веќе шанси да останете тука„? Знаете зошто? Затоа што со тоа има работа за адвокатите и за судството, плаќаме и плаќаме адвокати, ти продолжуваш да работиш на црно за да ги платиш тие адвокати. Само за една посета на адвокат е 50 евра. Да отвориш досие е 1200 евра. За жалба е 400 евра. Да беа правилата јасни барем ќе знаевме на што сме, објаснува Хасан, чија жена работи благодарение на дозволата за престој и чиј син замина за Тајланд како професионален боксер и испраќа пари дома.

Сите лица со кои разговараше МИА го познаваат најмалку францускиот јазик, сите работеле или работат, на црно, во нелегални услови, сите својот живот го изградиле тука. Враќањето во Мароко, Алжир, Тунис или Авганистан е како враќање во земја во која повеќе не припаѓаат.

Абделфатах исто така штрајкува со глад 57 дена. За време на Рамазан годинава тој излезе да протестира за правата на лица без документи. За време на тој протест бил претепан од полицијата, ни ја покажува раната на ногата, која се влошува од ден за ден.

Само неколку часа подоцна уште една амбуланта пристигна за него. Абдел не може да ја издржи повеќе болката. Имавме прилика да поразговаравме со него пред да изгуби целосно снага во телото.

-Никогаш не сум видел земја како оваа, ни во филмови го нема ова. Повеќе од 15 години живеам тука, не знам веќе колку пати побарав регуларизација на документите, не знам колку адвокати платив, не знам колку пати потрошив, ако треба да пресметам ќе и барам на оваа држава да ми исплати штета, и денот кога ќе си отидам од оваа проклета земја ќе ја тужам, вели Абделфатах видно изнемоштен, со штаките покрај столицата за неподвижни на која сега веќе мора да седи.

Ни самиот вели дека не ги разбира процедурите низ кои го шета белгиската администрација 15 години.

-Работам цело време ама секаде како куче ме третираат, на крај ми фрлаат коска, 10-15 евра, едвај за сендвич. Сум работел цел ден и ми дава 10 евра и ми вели дојди утре. И доаѓам утредента зашто немам друго, и пак е исто. Ништо не ти плаќаат, ти го уништуваат здравјето, а треба и кирија да платам, раскажува Абделфатах со солзи во очите, никој не ми помага, знаат дека ми го уништија и животот и здравјето.

Во меѓувреме, и покрај трагичната ситуација во која се наоѓаат овие 450 лица, властите за сега одбиваат колективна регуларизација.

Државниот секретар за азил, Сами Махди, во интервјуа повторува дека досиејата се третираат случај по случај. Токму тоа против кое протестираат штрајкувачите и организациите што ги поддржуваат.

За свештеникот на црквата, Татко Даниелс, кој со години им ја остава црквата на располагање на лицата без документи во Белгија, сѐ се сведува на партиски калкулации.

-Јас сум свештеник, пред 34 години дојдов во Брисел да работам со сиромашните и констатирав дека сиромашните се речиси сите мигранти без документи, тоа се новите сиромашни, вели свештеникот за МИА која својата црква ја преименува во „Куќа на сочувство”.

За него овие мигранти се робовите на модерното време.

-Владата одлучи дека нема да има регуларизација каква што бараат штрајкувачите, но барем е на политичка агенда, објаснува Даниелс.

Имено, владата одлучи дека е подготвена да им пружа рака на оние луѓе кои можат да ги заземат местата каде има недостаток на работна сила во Белгија. Но, за Таткото Даниелс ова е лицемерие.

-За да ги добијат тие работни места треба да се вратат во нивните земји, Мароко, Тунис или Алжир за да аплицираат за таа работа, нема никаква смисла. Во Франција има јасни критериуми, на пример ако имате дете кое е школувано минимум три години во земјата имате право на документи, тука не сакаат ни да слушнат. До сега одбиваа да го стават на политичка агенда, сега барем се надеваме дека ќе го стават за некој месец. Но тоа значи и дека нема сега веднаш и тука решение за овие луѓе кои се наоѓаат овде, жали свештеникот.

Штрајкувачите сега бараат да им се дадат барем привремени дозволи за работа од 5-6 месеци, што исто така беше одбиено, причина поради која тие го започнаа и штрајкот со жед.

-Нема од властите да добијат гаранции, затоа што властите мислат дека ако им дадат документи, утре други цркви ќе се наполнат со штрајкувачи со истото барање. Ако го направиме тоа, сите мигранти ќе дојдат тука, така размислуваат властите, вели Таткото Даниелс, и потсетува дека при последниот штрајк со глад кој исто така се одви во неговата црква во 2014 ниедно од барањата на мигрантите не беше исполнето и ништо не добија.

Поради тоа и тие од завчера се одлучија на радикалниот чекор: штрајк со жед.

Во Белгија има околу 150 илјади мигранти без документи.

Државниот секретар за азил, вели Даниелс, се плаши и од реакцијата на екстремната десница доколку прифати колективна регуларизација.

-Утрово ја започнав мисата со пораката дека сите сме луѓе, и дека порано на робовите им се велело “вие сте робови, треба да си го знаете местото”, истото и за работниците, и жените кога немале право на глас: “седете на вашето место”, сега ним им се вели: “седете на вашето место, вие сте само мигранти без документи”.

Тој за МИА потврди дека стравот од денеска е огромен дека може да има смртни случаи откако започна штрајкот со жед. Само во текот на денешниот ден се очекуваат околу 30 возила брза помош да пристигнат. Во 15 часот 15 амбуланти поминаа пред црквата, велат штрајкувачите.

-Ако имаме 30 амбуланти тука и 20 на сите други места каде има штрајкувачи, ќе биде сигнал до властите, додава свештеникот кој животот го посвети на најранливите во Белгија.

Вчера во центарот на Брисел се собраа помеѓу 500 и 1000 души да протестираат за правата на мигрантите без документи. Уште еден протест започнува попладнево пред самата црква Свети Јован.

За шест дена се распушта парламентот, сѐ до септември. Ситуацијата е понеизвесна од било кога во срцето на Европската Унија. 

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This