Падот на помал авион од марка “Cesna C421” на островот Лонг во американската сојузна држава Њујорк, кој се случил во неделата бил забележан на видео и на него можат да се видат последните моменти пред падот, пишува “CBS”.
Пилотот на авионот е итно опериран, а лицата кои први пристигнале на самото место го опишале настанот за медиумите.
“Видовме авион кој лета многу ниско. Потоа слушнавме бум, бум, бум. Тоа е тоа”, рекол Артур Каимов. Тој истрчал од својата берберница и погледнал кон небото. Неколку секунди подоцна, се слушнала експлозија.
“Бевме во својата спална соба. Почнаа да свират сирени. Полиција, итна помош, пожарникари. Ги имаше во голем број”, рекол жител на ова подрачје.
“Гледајќи низ прозор, видов авион кој лета многу ниско кон куќата. Беше завртен странично па знаев дека нешто не е во ред. Потоа слушнав гласни звуци”, рекол сведокот на несреќата, Роби Герсон.
57-годишниот пилот од Белмор за некое чудо го преживеал падот на авионот.
Од урнатините го извлекол пензиониран работник на итната служба на округот Насау, кој случајно се нашол на местото на несреќата. Мажот успеал да го извлече пилотот и покрај тоа што горивото истекувало од резервоарот на авионот и што насекаде имало скршено стакло.
Пилотот на авионот е во критична состојба, а “CBS” дознала дека ги скршил ребрата и коските во грбот и нозете.