ВРАБОТЕНИ СЕ ЖАЛАТ ОД УСЛОВИТЕ ВО „ЏОНСОН МЕТИ“: Во „Џонсон Мети” работниците ги тестираат на дроги и алкохол, за позитивните отказ без отказен рок!

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Вработени во компанијата Џонсон Мети во скопската индустриска зона Бунарџик се жалат дека од нив се бара да дозволат на работното место да им се проверува дали имаат алкохол или наркотици во организмот. Велат дека за тоа морале да потпишат изјава за согласност

Ставајќи го потписот на таа изјава, како што објаснуваат работниците кои сакаат да останат анонимни стравувајќи за работните места, потврдуваат дека се запознаени со последиците, односно дека работодавачот има право да им го откаже договорот за вработување без отказен рок, во случај да се утврди дека употребувале или се под дејство на алкохол и наркотични средства додека се на работа.

– Ова е директна дискриминација, бидејќи на работниците им се дава да потпишат дека се согласуваат со условите, толкува директорот на Комисијата за заштита од дискриминација, Александар Даштевски, но вели дека до нив не дошла ваква претставка, а ако дојде ќе ја разгледаат и ќе постапат според своите надлежности.

Тој објаснува дека Комисијата постапувала по многу случаи на дискриминација, но не и по ваков. За да постапат, работниците треба да се обратат до нив и да дадат полномошно. За ваквов случај на директна дискриминација тие можат да поднесат прекршочна пријава против компанијата, за што се казнува со 1.000 евра.

– Според нашата законска регулатива на компанијата прво и се препорачува да престане со таквата постапка, а ако тоа не го стори во рок од 30 дена следува казната. Исто така, работниците можат да поведат и судска постапка и да бараат обесштетување за навреда на достоинството и слично, појаснува тој.

Од Инспекторатот за труд, пак, велат дека до нив не е добиена пријава, но дека во еден рудник во државата редовно се спроведува постапка за проверка на крвта на вработените за да се види дали работат пијани или дрогирани.

– Во еден од рудниците редовно, при влез се тестира крвта на случајно избрани работници, зашто таму работата е тешка и лесно може да дојде до повреди. Особено е проблематично зимно време, кога се славите. Ова е согласно со Законот за работни односи кој во еден член вели дека отказ без претходна најава работодавецот може да му даде отказ на работник ако внесува и употребува алкохол или наркотични средства. Тоа го има и во правилникот на рудникот и не е незаконски, не информираа од Инспекторатот за труд.

Случајот со “Џонсон Мети” го објавија невладините организации кои се дел од Мрежата за заштита од дискриминација, до кои пристигнала пријава од работниците. Оттаму велат дека засега, по барање на вработените нема да преземат ништо, туку само на случајот ќе му дадат јавност. Во таа смисла тие објавија отворено писмо до “Џонсон Мети”.

– Сакаме само да го привлечеме вниманието, зашто имаме претходни сознанија и за други фирми. Но, ако има откази и ако работниците сакаат, ние ќе им обезбедиме правна помош, вели Наташа Бошкова од невладината организација “Маргини”, која е дел од Мрежата за заштита од дискриминација, и додава дека тие се за тоа работниците да се освестат и да знаат што им се обврските, но не смеат да бидат дискриминирани на овој начин, доколку совесно си ја вршат работата.

Се обративме и до компанијата “Џонсон Мети”. Таму ни рекоа дека според нивните генерални правила, немаат лице за контакт со медиумите, ниту пак ангажираат ПР агенција за таа намена, но ни ветија дека ќе го кажат својот став. До затворање на весникот од “Џонсон Мети” не добивме никаков одговор на нашите прашања.

Во отвореното писмо што го објавија невладините организации кои се дел од Мрежата за заштита од дискриминација “Џонсон Мети” се потсетува дека согласно Законот за работни односи има право да му откаже договор на работникот без отказен рок единствено доколку тој „внесува, употребува или е под дејство на алкохол и наркотични средства“ на работното место.

– Со спорната изјава, работодавецот ги пречекорува законските овластувања и бара право да го откаже договорот за вработување и во случаи кога е утврдено присуство на наркотични средства, се наведува во писмото.

Понатаму се даваат примери со кои се појаснува дека алкохолот и наркотиците во крвта не мора секогаш да значат дека човекот е под нивно дејство. Се посочува и тоа дека дел од стандардните тестови за присуство на наркотични средства можат да дадат лажно позитивни резултати при користење на одредени лекови и легално достапни супстанци и покрај тоа што лицето не употребувало недозволени супстанци.

– Со Изјавата, работодавачот ги става во понеповолна положба луѓето кои се лекуваат со канабис или се на супституциска терапија со метадон или бупренорфин. Имено, кај овие луѓе во било кое време од денот доколку бидат тестирани, ќе се потврди присуство или дејство на некоја од супстанциите што не значи дека ги прави неспособни за работа. Напротив, за одредени луѓе присуството на овие супстанции ја стабилизира нивната здраствена состојба и ги прави способни за работа и нормално извршување на секојдневните обврски, пишува во писмото.

Од Мрежата за заштита од дискириминација потенцираат дека ја разбираат потребата на работодавачите да ги преземат сите неопходни мерки за безбедност при работа и ги поддржуваат во нивните напори да ги подобрат условите за работа. Но, додаваат дека ги загрижува фактот што спорната изјава може да резултира со неоправдано откажување на работниот однос на одредени луѓе кои поради нивната здравствена состојба употребуваат психоактивни супстанци, што претставува дискриминација според Законот за спречување и заштита од дискриминација и Законот за работните односи.

– Затоа, го повикуваме работодавачот Џонсон Мети, но и другите работодавачи да ги ревидираат внатрешните правила за безбедност при работа со што ќе превенираат случаи на дискриминаторско отпуштање од работа само заради присуството на одредена супстанца во крвта, урината или здивот. Исто така, ги повикуваме надлежниот инспекторат за труд да испита колку често работодавачите поради незаконски тестирања ги повредуваат правата на работниците, се вели во отвореното писмо на организациите во Мрежата за заштита од дискриминација.

вечерпрес.мк

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This