(Галерија)ДИРЕКТНО ОД БАЗАТА „ГРИЗЛИ“ НА СКОПСКА ЦРНА ГОРА: Војната во 2001-та, базата „Гризли“ и оптичките кабли за прислушкување!

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

1999 година во предвечерјето на НАТО бомбардирањето на Србија, добив дојава дека МПРИ до Танушевци гради американска воена база под работен наслов “Гризли“, заради инсталација на најсофистицирана опрема за прислушкување на целиот Балкан.

Иако оттогаш досега неколкупати коментирав за воените игри на македонско-српската граница, ниту еден медиум, владин или опозиционен, не се одважи да ја одработи темата… Речиси и заборавив, дека ретки се кај нас новинарите и истражувачкото новинарство, место нив, ние имаме агитпропи, гласноговорници на актуелните политички партии во Македонија, поточно егзекутори… Слушнавте? Што? Вака и вака кажаа вчера на телевизија… и готово… Оди отпосле демантирај… Во тоталитарно општество најтешко е да се каже, а уште потешко да се докаже вистината. Не случајно: “Стопати повторена лага станува вистина“…

Конечно, годинава мај 2018-та, ми се исполни желбата, ја посетив американската воена инсталација “Гризли“ кај Танушевци. Документирана е со фотографии. Видливи се инсталациите, видлив е степенот на обезбедувањето со пунктови за стражарно обезбедување околу “базата“… Од “Гризли“, денес, уништена останала само природата – расфрлени остатоци од дрво, бетон, метал и пластика, Господ знае дали има и колкава е контаминацијата на просторот таму денес. Очигледно е дека доставата на електрична струја до “Гризли“ доаѓала со водови од Косово. Има три бетонски градби, жичана ограда околу нив, постаменти за антени, неколку метални контејнери кои веројатно служеле за ладење меѓусебе поврзани, водови за вентилација на воздух расфрлени наоколу “базата“, разводна кутија за струја, контејнер за ѓубре…

Фала му на Бога, базата “Гризли“ и котата “Кодра Фура“ се’ уште се дел од македонската територија. Американците ја напуштиле од само нив познати причини. Но, базата “Гризли“ и котата “Кодра Фура“, беа дел од војната 2001 година…

Колку за појасно. МПРИ (Military Professional Resources Incorporated) е приватна воена компанија формирана 1987 година од страна на осум поранешни офицери на американските вооружени сили. Денес во составот на МПРИ има околу 400 поранешни американски генерали. МПРИ е специјализирана за команда, контрола и комуникации, разузнување, надзор и извидување, владини услуги, обука и симулација, модернизација и одржување на авиони, има широка база на електронски системи. МПРИ исклучиво вработува пензионирани американски воени службеници. Пентагон, компанијата МПРИ ја ангажира во воени дејствија и обуки во кризни региони во светот, со цел имплементација на американски глобални интереси и инсталација на марионетски режими во функција на тие интереси. Пример, МПРИ во 1995 година е ангажирана за обука на специјалните единици на Хрватската војска и Петтиот корпус на Армијата на Република Босна и Херцеговина пред почетокот на операцијата “Олуја“, која заврши со уништување на Република Српска Краина и Република Западна Босна, но и со околу 230.000 протерани Срби, принудени да ја напуштат земјата. МПРИ спроведе обука и на ОВК и на ОНА, американската петта колона на Косово и во Македонија, заедно со македонски врховисти и колаборационисти.

Седиштето на МПРИ во Македонија беше во близина на Аеродромот “Александар Македонски“, по заслуга на Заев денес само “Скопје“. Ја подготвија и војната во Македонија во 2001 година.

Се разбира, коментаров не е ниту антиамерикански ниту проруски, зборуваме за факти, било да не се заборави, како временски времеплов, било да не се повтори… Бидејќи повторувањето е мајка на знаењето, а не сите памтат. Има и од тие кои ретушираат за други плитокумни… Затоа, деновите пред години. И не се’, туку нешто, колку да не биде без ич…

Зошто повторувањето? Затоа што: Војната 2001 година не беше војна меѓу Македонците и Албанците, ниту војна меѓу православните и муслиманите, туку симулирана војна на Соединетите Американски Држави за имплементација на нивни глобални интереси за свои сфери на влијание на овие простори.

Базата “Гризли“ беше дел од војната 2001 година во Македонија… Притоа не заборавајќи, дека ништо не е случајно, а ако е, тогаш е доста добро испланирано. И би војната во Македонија, доста добро испланирана.

На 23 февруари 2001 година, во согласност со планот на Марти Ахтисари, македонскиот претседател Борис Трајковски и југословенскиот претседател Воислав Коштуница во Скопје склучија Договор за опис и протегање на државната граница меѓу Македонија и Сојузна Република Југославија, ратификуван во Собранието на Македонија на 1 март 2001 година. Набргу по потпишувањето на Договорот, претседателот Борис Трајковски даде една несреќна изјава дека границата во некои делови ќе биде корегирана. Наводно, Американците побарале котата “Кодра Фура“ и базата “Гризли“ до самата граница, да станат дел од Косово. Под нив е базата “Бонд Стил“ до Урошевац, јужниот сектор на Косово е под американска команда. Котата “Кодра Фура“ е најважна геостратешка точка за набљудување и прислушкување на целиот Балкан. Од времето на ЈНА таму беше сместена воена караула, сега таму е сместена македонската гранична полиција. Домашната политичка сцена ја запали изјавата на тогашниот американски бригаден генерал Кејт Хубер, командант на Мултинационалната бригада Исток на КФОР: “Договорот е нелегален и не важи, СР Југославија и Македонија не можат да склучат договор за граница на територија под меѓународен протекторат!“ По реакциите во јавноста во врска со изјавата на претседателот Борис Трајковски за промена на границата после потпишувањето на Договорот со Воислав Коштуница, уследи и барањето на тогашната министерка за надворешни работи од СДСМ Илинка Митрева до Обединетите Нации. Експресно пристигна претседателската изјава од Советот за безбедност на Обединетите Нации на 7 март 2001 година: “Договорот Трајковски-Коштуница важи, депониран е во Секретаријатот на Обединетите Нации, границата е меѓународна, договорот мора да го почитуваат сите!“ Откако не изнудија позитивен одговор од македонските власти, после изјавата од Советот за безбедност, Американците во погон го пуштија Собранието на Косово, кое дотогаш стоеше на страна. Имено, Собранието на Косово веднаш го отфрли и не го призна Договорот за границата Трајковски-Коштуница. Набргу почна војната кај Танушевци со агресија од Косово врз Македонија поддржана од НАТО. Прво, на 16 февруари 2001 година беше заробена тв-екипа на ТВ-А1 откако известија дека селото го обезбедуваат вооружени пара-воени банди, а потоа беше пукано во тогашниот министер за внатрешни работи Љубе Бошковски, во обид полициска патрола да влезе во селото.

Епилогот од почетокот до крајот на војната 2001 година го знаеме сите. Најважното е дека по директна интервенција на генералниот секретар на НАТО Џорџ Робертсон и комесарот за надворешни работи на ЕУ Хавиер Солана кој ја набљудуваше операцијата од хотелот “Белви“ до Скопје, од Арачиново кон американската воена база “Бонд Стил“ кај Урошевац на Косово, помогнати од американските трупи во КФОР, НАТО-силите на Косово, ОБСЕ и Мисијата на Европската Унија, со автобуси, беа извлечени дваесетина американски инструктори на терористичката ОНА, заедно со 350 нејзини припадници…

Со контроверзни изјави за Договорот Трајковски-Коштуница за границата, американскиот бригаден генерал на Косово Кејт Хубер продолжи и во 2002 година, една година по неговото потпишување. На 23 февруари генералот Кејт Хубер договорот повторно го нарече “нелегален“. Медиумите шпекулираа со загриженоста на американскиот генерал поради тоа што земјоделците од Косово кои имале земја на македонската страна не биле во можност да ја обработуваат, па генералот ветил ќе испрати војска да ги заштити косовските земјоделци непречено да ја обработуваат својата земја во Македонија. За жал, позадината на оваа американска реакција беше од сосема поинаква природа – “Гризли“ и “Кодра Фура“!

Пред обележувањето на македонско-косовската граница, тогашниот претседател на Републиката Бранко Црвенковски изјави дека прво мора да се демаркира македонско-косовската граница, а признавањето на Косово да уследи отпосле. Повторно, Американскиот генерал на Косово Џон Даворен побара Македонија прво да го признае Косово, а потоа да се отпочне со демаркацијата на македонско-косовската граничната линија. И, така и бидна. Македонија на 9 октомври 2008 година безусловно прво го призна Косово, а демаркацијата на македонско-косовската граница се изврши врз основа на Договорот за демаркација ратификуван во Собранието на Македонија на 17 октомври 2009 година.

Впрочем и епилогот од војната во 2001 година во Македонија беше промена на границата меѓу Македонија и Косово, заради инсталација на најсофистицирана опрема за прислушкување на целиот Балкан, се разбира и на Македонија, во воената база “Гризли“ близу стратешката кота “Кодра Фура“ кај македонското село Танушевци, на македонско-косовската граница.

Инаку, според Договорот за опис и протегање на државната граница од 23 февруари 2001 година, демаркацијата на македонско-косовската граница долга 150 километри започна на 30 јуни 2008 година на тромеѓата Албанија-Косово-Македонија, на местото Шерупа на Шар Планина. Со македонско-косовскиот Договор за физичка демаркација на границата ратификуван на 17 октомври 2009 година направени се неколку промени и тоа, дел од територијата на Македонија кај Кодра Фура – Дебалде отиде во Косово, а Луково Поле до Рестелица се придодаде на Македонија…

И покрај се’, опремата за прислушкување се инсталира, наместо на “Гризли“, во воената караула “Соколац“, 500 метри под Кодра Фура на Скопска Црна Гора. Оттаму оптичките кабли водат кон Телеком, Калето и до една Агенција. Се прислушкува целиот Балкан, се разбира и Македонија, компјутерите преслушуваат милиони разговори, пикнати ни се во приватноста цело време…

Нека не’ чуди тогаш скандалот со “бомбите“, под менторство на Калето, со извршители во Македонија, на селектирани разговори и одбрани поединци, со цел дискредитација на власта и обид за државен удар за нејзино рекомпонирање поради промена на името на државата и идентитетот на нацијата… Само власта не ја разбра играта за нејзино рекомпонирање иако и’ беше јасно дека сите експозитури на ЦИА од целиот Балкан се фузираа на Калето…

Останува барањето за одговорноста: Кој и зошто, со кој договор и врз основа на која надлежност и овластување издал согласност за изградба на воената база “Гризли“? Јавниот обвинител треба да го преиспита случајот, еве јавна покана до него! А, Владата нека преземе мерки да ја провери контаминацијата на просторот, и нека го исчисти теренот на базата “Гризли“ од остатоците од дрво, бетон, метал и пластика. Металните контејнери, на локацијата веројатно се донесени со хеликоптери-транспортери, така и треба да бидат изнесени… Скопска Црна Гора е прекрасна природа која треба да се сочува!

Пишува
Тодор Петров

6 КОМЕНТАРИ

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This