Големото ривалство помеѓу Битола и Прилеп

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Два македонски града кои се на далечина од само 50 километри а се толку многу различни. Во поново време со поуспешното менаџирање на прилепскиот градоначалник Прилеп може да се рече и ја замина Битола. Со организирање на Пивофестот, Сармијадата, уредување на Плоштадот (плочникот), околината на Судот и Могилата Прилепчани го видоа бенефитот кој години наназад сами го заслужуваа за Прилеп, најмакедонскиот и најпатриотскиот град во Р.Македонија. Додека Битола си остана иста и на сите ни е позната приказната. Неретко битолчани знаат да кажат “на заем” барем една година, две да ни го дадат прилепскиот градоначалник, но овие не го даваат. А тоа е така не “за инает”, туку од памтивек ни е познато дека помеѓу битолчани и прилепчани има ривалство и такмичење. Ривалство кое е влезено и во многу досетки и анегдоти, кои се пренесуваат од генерација на генерација.
Битолчани отсекогаш биле горди на минатото и на граѓанската култура и се однесувале со голема надменост кон другите, особено кон прилепчани. За нив, и ден денес Прилеп е “најголемото село” во Македонија. Прилепчани, пак, им возвраќ(јч)аат со големиот Марко Крале, првата пушка, со гордоста што го дале првиот претседател на АСНОМ.

И ден-денес битолчани велат за својот град дека е најградскиот град во Македонија, а во ниту една пригода не пропуштаат да се пофалат дека Битола е конзулски град, град на клавири и најопеан град во Македонија. Својата гордост ја поткрепуваат со историските факти уште од далечното минато. Веднаш по освојувањето градот од Турците, Битола била претворена во главен и значаен воен, политички, административен, трговски и културен центар на европска Турција и седиште на голем број странски дипломатско-конзуларни и трговски претставништва. Тоа, без сомнение, значело присуство на Европа во Битола и донесло големи промени во економскиот и во културниот живот, но и во начинот на живеење, на мислење и однесување на месното население. Силните економски и трговски врски со Лондон, Виена, Софија, Белград, Солун, Александрија, Цариград, Драч и со многу други големи градови придонесле познатите битолски фамилии како што се: Робеви, Икономови, Данабаш, Герас, Ризови и многу други да го пренесат европскиот начин на живеење, облекување и однесување во Битола. Младите битолчанки ја замениле традиционалната облека со облека со европски стил, а кога се движеле по широк сокак, ги треселе задниците и дури имале и соодветни изрази за тоа – “шантикле” и “скерца”.

Ривалството меѓу битолчани и прилепчани во различни периоди било различно изразувано.

“Вие садете тутун, а ние ќе пиеме кафе на Широк сокак”, им велат честопати битолчани на прилепчани. “Чкембари едни, од пиење кафе не се живее” , им возвраќаат прилепчани. ,,Вие, мајмуните, Ќе ни кажите како се живее подобро” , продолжуваат битолчани. И така речиси при сите средби, од кои голем број се и запишани. Битолскиот уметник, хуморист и карикатурист Панде Петровски во својата книга “Дума” има една хумореска со наслов ,,шкембар во Прилеп” во која опишува една своја случка во Прилеп. Влегол во меана и си нарачал битолско пиво, на што келнерот му рекол: “Ебаго, вашето че ви го пиеме”, по Што тој нарачал скопско, но и тогаш келнерот имал забелешка: “Овде само наше че пиете. Ако ви се бендисува арно, ако не – сиктер”. “А ние, битолчани, сакавме да им спроведеме вода од ‘Стрежево’ на прилепчани, но никако да ги убедиме… Кога видов дека ако продолжиме така, пифтија че се сториме, место да пијам пиво, решив да си заминам. Арно ама…

,,Че седиш тука.Сакате од Драгор, кај што ги миете чкембињата вода да ни давате. Мислите не знаеме дека Лајнарка наша е почиста од него”, ми вели келнерот. ,,Признавам дека сме шкембари, ама барем наше шкембе си јадеме, а не како вас со банана од Африка да се храниме”, му реков, а нему му текна за мајмуните и ми рече: ,, Слушај, пријателе. Така ни било пишано да бидеме комшии, да се караме и да се мириме. Еве ни на мое ни на твое, по едно каве че пиеме. Фирмата чести”.

Новинарот Петар Ставрев се сеќава на голем број настани од спортските терени и од планинарските маршеви. На планинарскиот марш што се одржува на Кораб, пред неколку години, од подножјето на планината кон врвот заедно тргнале две групи планинари, едната составена од битолчани, а другата од прилепчани. Само Што почнало искачувањето, прилепските планинари заостанале. Во еден момент еден од прилепските планинари извикал: ,,Бати планината без дрвја. Да имаше дрвја, ние ќе бевме први. ќе скокавме како мајмуни по гранките и први ќе се искачевме на врвот”.

Ставрев се сеќава и на лутината на битолчани кога на почетоците со работа на РЕК “Битола” и ,,Стрежево” за директори на двата најголеми капацитета биле поставени прилепчани – на РЕК Никола Грашески, а на ,,Стрежево” Методија Сапунџиски.

Прилепчанецот Благоја Алексоски-Глумецот вели дека иако битолчани се фалеле со многу клавири, првите ноти за музиката ги напишал прилепчанец. Бадев ја напишал првата нотирана литургија, раскажува Алексоски. Преку Солун, модата првин доаѓала во Битола, па потоа се пренесувала во соседниот Прилеп, ама прилепчанки биле оние што ја вовеле фризурата свансон, по артистката Глорија Свансон. Првата серенада ја направиле прилепчани, и тоа во Битола, пеејќи под прозорецот на прочуената куртизана Салоне.

Жестоко ривалство меѓу Прилеп и Битола предизвикувале фудбалските натпревари, кои често пати завршувале со тепачки, се присетуваат повозрасните прилепчани.

“Таквата нетрпеливост завршува и денеска прилепчани и битолчани се сватови, оти прилепчанки одат во Битола да купат завеси иако во Прилеп ги има најубавите”, во негов стил, ќе речеше Благоја Спиркоски-Џумерко.

Тој на битолчани им е љубоморен што во времето на миграцијата село град успеале доселените да ги преобразат во граѓани, за разлика од прилепчани кои се поселанчиле .*

Кога ја граделе деветокатницата во Прилеп, битолчани велеа дека прилепчани ја граделе за од неа да можат да гледаат како се облечени битолчани, ама денеска многумина битолчани доаѓаат на шопинг во Прилеп од каде купуваат поубава и поквалитетна гардероба.

Прилепскиот пазар е најбогатиот во Македонија и во сабота се продава и убаво спакувана “битолска лепешка”, се смеел актерот Благоја Спиркоски-Џумерко.

Наместо порака, Џумерко велел “Ако Битола е конзулски град, Прилеп е град на Александар Македонски и затоа му подигнавме споменик. Ама досетливите битолчани велат: “Дека тој гледа кон Битола”. Инаку споменикот е висок едно метро и пол за што битолчани му се смејат на прилепчани дека не е Александар Велики ами Аце мажето.

Други досетки има и за патот од Прилеп до Битола дека истиот се викал Еволуција. Од мајмуни (прилепчани) преку еволуцијата настанувале луѓе (битолчани).Низ смеа битолчани кажуваат дека во Прилеп на есен се правел попис на населениото, кога ќе паднеле лисјата од дрвата, дека се чудат зошто се вика Саат Кулата во Прилеп кога саатот не се гледа и многу, многу други досетки и смеа на кои вие слободно можете да се надоврзите. И да не заборавиме дека и покрај препирките ние битолчани и прилепчани сме неразделни и големи другари, си помагаме едни со други, јадиме заедно прилепска скара и пиеме прилепско пиво, дури да се “стори” битолското. Ви благодариме.

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This