Го бацивме пенкалото: Осум месеци од членство на Македонија во НАТО

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

НАТО – Мизерии на една нова земја членка

Во земјава не постои граѓанин кој не го знае напамет клише муабетот околу НАТО алијансата дека безбедносно и структурно ќе не зајакнела како држава.  Можеби после неколку години ќе се проучува тој текст на пропагандата која безмилосно го опседна македонскиот народ веќе 30-тина години наназад и до тој степен ги уништи надежите дека Македонија ќе може самостојно да се справи со безбедносните предизвици и битисување, доведена до ќорсокак.

Изборот повторно како досега неколкупати се сведе на „морковот или стапот“. Или НАТО или „ќе го јадеме“. . .

Безизлезот на изборот се сведе да голтаме преголеми кнедли кои го раскрварија ждрелото на секој македонец / македонка: Погазена сувереност, тешки повреди на меѓународното право, сите можни конвенции и клаузули на меѓународни дипломатски односи едноставно се „свето“ на кое што се повикувавме во потсвеста дека „нема шанси да ни се случи, или не сме веројатно „до толку ли бре“…. Човечкото забега до степен да се ништи во мислата која веќе и секој не може да ја искаже.

Ок… Поминавме… Некој го болеше, некој се уште го боли. Некого се уште го пече и никој нема да писне, бидејќи во психологијата, но и во генот на Македонецот го заборавиле она трунка сведоштво на сите погроми низ кои поминал во историјата, дека и ова лошо ќе помине…. Таа психологија на „пирејот“ колку и да е национална гордост, сега гледаме дека била само уште една прачка на снопот кој не може да го скрши.  Она што остана просечната смиреност на Македонецот дури и кога му го уништуваат неговото лично и персонално и она „своето“, тој ќе ја крене главата и можеби наизглед простил христијански, исламски и како и да е од религиозна гледна точка, тој сепак не заборава.

Убаво не процениле и работеле на тој план големите мајстори на дипломатијата, со вкалкулиран ризик сиот нивен план да се урне како кула од карти како впрочем и се случува во моментов. Времето ја покажува и другата страна на нивните „менаџменти“, за кои кога тогаш ќе дојде денот на вадење фискална сметка.

Така на пример за нашето членство во изминативе 8 месеци „бруцошко“ членство ги доживеавме сите негативни страни на алијансата и ризиците кои таа самата по себе ги носи.
Велат безбедни сме. Демек нападот на една земја членка е напад врз сите нас. Ете вербално само што не тргннале ордите на Каракачанов да демонтираат споменици и македонска општествена сопственост, а од алијансата ни трага ни глас на официјални лица да си го скротат кучето во дворот кое плачеше да биде примено (ако некој се уште се сеќава дека нивниот министер Винегин цмиздреше на прес конференција за да не ја затворат Козлодуј и да ги предадат и уништат своите преостанати десетина нуклеарни проектили СС-23 кои ги поседуваа).  

хеликоптер Ми-24 – еден од петте примероци на крајот на писта, неодржуван и /или за резервни делови. Флоскулата дека е од руско потекло и е наводно „некомпатибилен“ во воените кругови во АРМ, не држи вода бидејќи истиот се користи дури и во американското воено воздухопловство

Македонецот нема да добие ништо финансиско добро од НАТО. Ако убаво се погледне структурата на капиталот во НАТО, истиот е базиран на тендери за воена и офанзивна опрема (многу мал дел од тоа е одбранбено и служи за одбрана од агресија). АРМ беше и си остана најслабо опремена армија во земјите од „Партнерството за Мир“ – НАТО иницијативата и сега повторно ниту еден не смогна сили да и достави или отстапи опрема која ќе овозможи барем да си контролираме уредно границите.

Да, Македонецот го навикнаа да му донираат радари пешадиски – за радарска контрола на движење, санитетски возила за да ги собере барем ранетите и повредените од последиците на таа неопременост, дури и молеше за резервни – репарирани гуми и секако чорапи.

Ако на ова го додадеме и фактот дека македонската наменска индустрија (индустријата за воени и одбранбени цели и намена) е со симболични вредности и удели, не само во македонската економија туку и воопшто, не треба да сте експерт да заклучите дека уделот на НАТО во подобрување на очајната економска состојба и перформанси на македонското стопанство е сведена на промили, ако не и класа на научна фантастика.

Ако НАТО влијаело на некакво си подобрување на економската состојба, раст на странските инвестиции, тогаш станува за најгорчливото „мед и млеко“ некогаш понудено и сркнато од некоја нација.

Хеликоптерите Ми-24В/К на АРМ кои за жал ја чекаат судбината на стариот реликт од времето на СФРЈ, Ф-86Д Сејбр

Толку од ветувањето за година на пресвртница на Македонија е зачленувањето во НАТО.
Финансовиот губиток ќе биде болно да се споменува. И покрај отсуството на официјални податоци, не е тешко да се претспостави за сметката на приклучувањето кон алијансата.
Во моментот македонските граѓани „плаќаат“ за „Воздушна полиција“ (Air Policing) која се врши од страна на Грција, наместо да се јакнат капацитетите на АРМ за контрола на своето небо. Своевремено и Словенија ја користеше оваа услуга од страна на Италијанското воено воздухопловство за сума која годишно излесува од 20 до 60 милиони долари. Словенија сепак одлучи дека нема никаква потреба понатамошно користење на оваа услуга од Италија, бидејќи всушност не постои закана од околните земји која би претставувала логичка причина за користењето на оваа услуга.
Ако на тоа се додадат и трошоците на воспоставување  и опремување на ротациона Команда на мешовитата бригада на јужното крило на НАТО (Позната како СИБРИГ)  сместена во кумановската касарна, која како една од земјите домаќини треба да ја овозможиме, тогаш фискалната сметка се зголемува, а продукти не гледаме.
Македонија ќе плаќа одредени удели кои се од мешовит карактер и потекло како учество во мешовити трупи и единици на НАТО, како што е учество на таканаречени „мировни“ мисии во Авганистан, Косово, Босна или вежбовни активности во прибалтичките земји кои се се популарни за иритирање на руската армија лице в лице на нивните граници. Сета среќа е што професионалноста и физичката подготвеност на македонскиот војник, не не довела до состојба да проверуваме на секоја минутка дали нашите војници се живи и здрави.

Сухој Су-25 оставен на забот на времето. Не се ремонтира или користи само затоа што е од руско потекло, и покрај фактот што овој вид бробени авиони се користи во НАТО земјите.

За овие 8 месеци членство во НАТО, со кое се фали на секое општење преку хаштази министерката за одбрана дури и на фудбалски натпревари, (пази, пази и „сокерот“ имал удел у НАТО) Македонија ги осети најголемите слабости во НАТО алијансата на своја кожа и тоа во најнеповолен период.
Големите политички умови  во Македонија и цела елита заборавија да им кажат на своите граѓани дека и покрај 70 годишното битисување на НАТО алијансата, таа не е способна да изврши и ооствари било каква хуманитарна акција за здружена помош и олеснување на население на своите земји членки, погодено од несреќа, поплава, земјотрес, па и во случај пандемија.
Па така во очи на епидемијата на Ковид-19, во Италија во очи на погромот на своето население во своите северни краишта, беа повеќе од добредојдени руски транспортни авиони полни со маски и средства за дезинфекција со цел да ја одржат Италија во живот.

Ако згора на тоа се додаде и негодувањето и забрана за прелет од страна на некои земји членки, под закана за соборување или принудно слетување и конфискување на помошта за свои потреби преку т.н. извршни акти за национализација, во паниката земјите на „братската“ алијанса наменета за меѓусебна помош и заштита, си ги покажаа своите темни страни.
Наспроти тоа тие тераа планирана в ежба на над 43.000 трупи во Италија и Германија и покрај тоа што Норвешка на пример прекина зимска вежба на воени трупи на северот, и најави отсуство на сите понатамошни вежби се дур Ковид-19 не се стави под контрола.
Во такви услови карактеристични со една стара африканска мудрост – „Кога слоновите се борат или се парат, страда тревата“, – Македонија наместо своето знаме, на 27 март на јарболите во Брисел со прогласена вонредна состојба, можеше слободно да крене бело знаме.

Кон крајот на 90тите години години согласно губењето на својата основна улога, НАТО правеше 2-3 „генерални чистења“ од вишоци на воена опрема, па голем број земји членки на иницијативата Партнерство за Мир како претенденти за полноправно членство во НАТО, добија дел од оваа опрема која им беше потребна за своите активности и намалување на трошењата на своите воени буџети. Македонија доби извесни количини од оваа претежно логистичка опрема. Но, толку беа донациите. Ако нешто дадат „гратис“ или „га-га“. Тоа сигурно ќе мора да оди на ремонт во туѓи фабрики, да се агажираат и платат туѓи вработени и повторно откога ќе истече нивниот ресурс, повторно одбраната да зависи од туѓи одлуки дали треба или не треба да имаме оружје и опрема за самостојна одбрана.

И самите земји членки на НАТО со своите тогашни заштеди се ставија во состојба основни борбени средства со кои располагаа и ја почиваа својата моќ, да не функционираат или да се со ограничени ресурси, и при тоа да ги забележат своите слабости во воените интервенции во Авганистан и Либија. На кратко кажано – Сега е тренди да се троши.

Затоа и од Македонија сега се очекува да „троши за чоколадо, иако едвај кубури за леб“.

Македонија како дел од своите обврски ќе го има следното:

Зголемување на воениот буџет (иако немаме никакви закани и растечки предизвици од непосреден карактер)

– Зголемување на расходите и сообразување на западната воена алијанса (Како што веќе напоменавме од Македонија се очекува да купува ИСКЛУЧИВО оружје и опрема од западно европско и американско потекло) и покрај тоа што .

– Зголемување на учеството во „мировни“ мисии на алијансата – ресурси кои сами ќе ги покриваме со наше учество

За (не)транспарентноста на процесот да не зборуваме. Сосема дискретно во некои медиуми беше најавена можноста да се набават полски воени транспортери (???). При тоа заборавија да ја кажат и состојбата на постоечките ресурси до кои е доведена АРМ. Граѓаните на Македонија се всушност поштедени од оваа информација и покрај тоа што од нивните пари и даноци се трошат енормни средства за тотално непотребни услуги од алијансата.

Капак на котелот на тврдењата дека НАТО членството ќе ни помогне да станеме ЕУ членка се срушија како одрон на земјиште во една скопската населба Кисела Вода, поточно Пржино.
Таму деновиве протестираат жители на населбата за основни човекови права за безбедна инфраструктура и спречување на неконтролирано градење кое им го загрозува основното живеење и преживување на нивните деца. Не е веројатно, но природно очекував министерката за одбрана да излезе на оние граѓани и да им каже „доста со руско влијание“ или едноставно да ги прогласи за терористи, како што вообичаено знае да го прави од пракса. Споредбата навидум луда, но толку е и поврзаноста на последниот успех на македонскиот фудбал со НАТО-НАТО хаштазите на министерката.

Да се вратиме на прагмата. НАТО братски контра удар. Со ветото, бугарските власти во моментов се изживуваат со нашата очигледна дилетантската и крајно покорна дипломатија (ако воопшто ја имаме) дотерувајќи ги своите соништа за наводен (един народ во две држави).
Каква евроатланска интеграција зборуваа нашите политичари кога се работи за сосема различен процес и услови? Зарем искуствата на Турција и интра НАТО конфликтите со Грција беа премалку очигледен пример кога лажно се гаеја соништата на македонските граѓани во насока – НАТО е само еден чекор до ЕУ – кога всушност нема грам вистина во тоа.

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This