Повод за изјавата е присуството на српскиот дипломат и разузнавач Горан Живаљевиќ за време на нередите во Собранието на 27 април годинава.
Шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ, денес изјави дека амбасадорката на Србија во Македонија, Душанка Дивјак-Томиќ, имала коректен разговор во македонското МНР за присуството на српскиот дипломат и разузнавач Горан Живаљевиќ за време на нередите во Собранието и немало разговори за мерки против него, пишува „Блиц“.
Дачиќ додал: „Многу е интересно, како што пишуваа некои медиуми, дека на исто место се наоѓале и претставници на други странски служби“.
– Не забележав дека Македонија ги повика и нивните амбасадори да ги праша што правеле таму. На Македонија не можат да ѝ пречат српски претставници, а да не ѝ пречат американски, германски, француски и други. Ние ќе се трудиме да имаме најдобри односи со соседите. Но, како тие кон нас, така и ние кон нив – изјавил тој.