April 26, 2024, 10:13 am

Денеска се чествува Преподобен Ефрем Сирин: Апостол на покајанието

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 28 јануари.Православната црква денеска го одбележува споменот на Преподобен Ефрем Сирин.

Роден е во Сирија од бедни родители во времето на царот Константин Велики. Раната младост ја помина прилично бурно, но одеднаш во неговата душа настана пресврт и тој почна сиот да гори од љубов кон Господ Исус. Му беше ученик на Св. Јаков Нисибиски (13 јануари). Од големата Божја благодат од неговата уста извираше мудрост како меден поток, а од очите непрестајно му течеа солзи. Трудољубив како пчела. Непрестајно пишуваше книги или ги поучуваше монасите во манастирот и народот во градот Едеса или пак самиот се предаваше на молитва и богомислие.

Неговите книги се многубројни, неговите молитви прекрасни. Најпозната му е молитвата за Чесниот Пост: „Господи и Владико на мојот живот“. Кога сакаа насила да го земат за епсикоп, почна да се прави луд и да јури низ градот Едеса, влечејќи ја зад себе својата облека. Кога го видоа тоа луѓето го оставија на мир. Му беше современик и пријател на Св. Василиј Велики. Св. Ефрем Сирин е главно апостол на покајанието. Неговите списи и ден денес смекнуваат многубројни срца закоравени во грев, и ги враќаат кон Христа. Се упокои во длабока старост во 378 година.

Постот, време на радост – Преподобен Ефрем Сирин
Сега е време благопријатно, ова е денот на спасението (2 Кор. 6, 2). Дојде времето, кога се примаат молитвите и молбите.
Царството Божјо сега е блиску на секој, кој Му служи на Бога во правда; затоа што дојдоа дните на чист пост за оној, кој на вистина во чистота пости.

И така, возљубени, да го држиме овој пост со ревност и со чисто срце; затоа што тој е сладок и пријатен за оние кои ги минуваат овие денови свето. Овој свет пост да го употребиме за борба со ѓаволот; затоа што без пост и молитва никој не може да го победи лукавиот. Овој пост да го употребиме возљубени, за да просиме и молиме милосрдност од Себлагиот и Милосрдниот, Кој не го отфрла оној што бара. Овој пост, возљубени, ја отвара небесната врата, затоа што ќе нè подигне од земјата и ќе не вознесе во висините.
Овој пост, возљубени, ги радува Ангелите и Чуварите наши, затоа што преку постот и молитвата ние стануваме нивни роднини. На овој пост се радува и Христос, нашиот Господ, само ако постиме со љубов, надеж и вера.

На овој пост, возљубени, се радуваат светите пророци, за него ликуваат апостолите и мачениците; затоа што сите тие со неизгаслива ревност се подвизувале во постот.
Постот, возљубени, го држел и кроткиот Мојсеј, и со него правел чуда, за него бил удостоен да Го види Бога. Овој пост, возљубени, го пазел и Илија и затоа се удостоил на огнена кочија да се вознесе на небо. Овој пост, возљубени, го пазел и многуљубезното момче Даниил и затоа бил прославен, и затворил уста на лавови. Во овој пост, возљубени, со света ревност се подвизувале трите отроци, фрлени во печката, и ја изгасиле силата на огнот.

Овој пост возљубени, го пазеле светите пророци, по четириесет дена поминувајќи без леб и вода.
И апостолите, учениците на Господа нашиот, и проповедниците на верата, го чувале овој свет пост, иако преминувале од место во место. Самиот наш Спасител го држел постот и нè научил, како треба да постиме, да водиме борба со лукавиот и да го победуваме сатаната.

Да го чуваат овој свет пост, пред сè јереите, во чистота, непорочно, свето, без никаква скверност. Да го пазат построго останатите ѓакони, и да му служат на Бога свето, војувајќи со лукавиот. Да го пазат овој пост и сите старци, облекувајќи се во тага за изминатите свои гревови и безаконија. Да го пазат овој пост мажите заедно со жените свои, чувајќи се од секакви прелести, кои непрестајно ги измислува лукавиот. Да го чуваат овој пост и девојките, та кога ќе дојде пак нашиот Господ во слава, да влезат со Него во брачната одаја. Да го чуваат овој свет пост и родителите и да бараат во него Божјо милосрдие за децата свои. И младоста, возљубени, да го пази овој пост; затоа што таа треба храбро да се бори со човекоубиецот – ѓаволот. Дури и децата, како најмалите, така и повозрасните, да го пазат овој свет пост, некои до три, некои до шест, а некои до девет часа. Целата црква и сите нејзини чеда, од секоја состојба и чин, да постат и со топла љубов да просат и да Го молат Бога.

Да постат и да се молат во ова време на постот богатите и да одделуваат милостиња за сираците, бедните и сиромасите. Да постат и да се молат и сиромасите, молејќи Го Спасителот наш, да ги задоволи нивните потреби. Да постат и да се молат на Христос за време на овој пост и сираците, повикувајќи кон Бога, Тој да стане нивни Татко и Господ. Многу да постат вдовиците, молејќи Го Христа, наместо мажите, Он да ги укрепи и зачува во вдовството.
Со помош на овој свет пост човекот се вознесува на небото и се населува во рајот, само ако пости во совршена чистота. Со овој свет пост човекот го прославува Бога, и секому кој со ревност го пази овој пост, Он му ја отвара вратата на милосрдието.

Овој свет пост го држела Ниневија, поттикната од проповедта на Јона; и луѓето и животните постеле четириесет дена. Со овој свет пост се прославиле патријарсите, пророците, праведните и сите благочестиви. На овој свет пост учеле апостолите, учениците на Синот Божји, и ги привеле народите од заблудата во вистината. Со овој свет пост благословените и победоносните маченици ги укрепувале телата свои, одејќи на меч, оган и секакви мачења. О, колку си голем, дену на постот! Блажен е оној кој те живее како што треба. Секој, кој ти се потчинува тебе, на крилја се вознесува на небото. Но кој, постејќи, го мрази братот свој, таквиот пред Бога е ист, како и оној кој се предава на прејадување; затоа што е исполнет со измама и омраза и ја изгубил љубовта на нашиот Господ. Кој пости и се гневи, и крие во срцето свое непријателство, тој го мрази Бога, и далеку е спасението од него.

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This