Дефакторизација, фашизација и курташизација во Македонија

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

-Никола Груевски тукушто кажа дека конечно станало јасно дека СДСМ со Зоран Заев работи на дефакторизација на македонскиот мнозински народ и сите други малцинства, освен албанското. Не ми е намерата да му давам значење на неговата исплакната и рутинерска изјава, туку само да и ја најдам врската со констатацијата на Александар Чомовски дека македонскиот јазик е склон кон фашизација- пишува Мирка Велиновска во колумна за Дневник.
mirka_milenko3

Само претпоставувам дека под дефакторизација водачот на ВМРО-ДПМНЕ подразбира елиминирање од политичката сцена на мнозинскиот народ за кого, без негова волја и присуство, тајно разговараат, преговараат и договараат секакви и никакви типови од подземјето. Што се однесува до Чомот, кој има сериозни проблеми со македонскиот јазик како изразно средство и неретко како јазичен антифашист, во македонскиот етер го премостува со свој посебен слободоклепачки новоговор поради што никој не го разбира, веројатно сакал да ни каже дека е фашистички во државата Македонија еден јазик да биде ексклузивен како државен. Особено што од соседите и ЕУ-куплерајот е оспорен како жив јазик на постоен народ и преку уставни преврати е обезвреден како новокомпонирана говорна алатка на измислен народ при постоење алтернативен природен и признат албански јазик кој е неоправдано запоставен!? Сега вака: Чомовски е веќе стар за да почне да учи и да разбира што плапоти на отворено. Глупо е навредените персони да очекуваат јавно извинување од суштество што мисли дека има јазици што се склони кон фашизам, односно се идеолошка творба. Не треба да му се земе кусур. И тој е еден од туморите на македонското национално тело. Диво месо. Штом не им пречи на професионалните новинарски здруженија, штом си го плаќаат и германски и британски НВО-мрежи, односно газдите на „Телма“, значи имаат корист од него. Kако и од Геровски. Овој грев, пак, јавно се понуди да му напишел на Али Ахмети и нова химна, да му скоцкал и ново државно знаме, како што во 2002 ни напиша преамбула уставна.

Значи, таквите не се никаков проблем, сиромашките! Проблем се политичари од ковот на Никола Груевски и Никола Поповски, кои не се ни црпнати ни штрапани, а во вакви надреалистични ситуации кои плански ги произведува западното странство и како вирус ги инсталира во земјава се однесуваат како маѓепсани зајаци пред змиско око баш кога е опасно. Јас нив не ги разбирам. На кој јазик му се обраќаат на народот кој е дефакторизиран? Нивниот македонски јазик ич не го разбирам оти тоа што го кажуваат е спротивно на логиката и разумот. Велиш дека ти е јасно што прави Заев со албанските партиски водства. Велиш дека ти било јасно еееј уште пред изборите и се покажало дека си во право. Браво за тебе! Еве ти петка на рачето. И што од тоа? Си општел со сите со кои требало и предупредуваш дека по секоја цена ќе ги браниш интересите на нацијата и државата. Kога? Kога ќе затребало. Значи, сега не треба. Сега само внимателно набљудуваш. Што е бе, ова? За лов на шатки ли се токмиш? Kако ќе не браниш? Kој ќе ни јави? Некој од архангелите евро-атлантски ли? Работава не е за зафркавање, ама пустата многу е смешна. Новата американска администрација, која се бори со својата илегална цијашка држава, нејзиното бројлер-граѓанство и тамошните чуму-чомовци напукани по медиумите нема намера да се занимава со ЕУ, Европа и Балканот. Нема да интервенира ни воено ни политички во кашканиците на тајните служби на САД, Британија, Германија, Франција. Нападнатите држави и нации треба сами да се организираат и бранат и од внатрешни и од надворешни напади.

Штом САД нема да интервенираат воено, тоа значи нема ни НАТО хуманитарни војнички и интервенции. Погадна вест од оваа за „воинствените“ албански (заевистички) фактори во Македонија нема. Нема ни во непосредното ни соседство. Kога нема американски воен чадор да ги штити, има да го јадат стапот и поединечно и регионално. Тоа го знаат албанските „фактори“. Го знаат и збеснатите официјални Германци и Италијанци и Французи, а особено „Енглези“. Доналд Трамп си ја избра не баш до толку „велика“ Британија за стратешки партнер од посебна доверба. Таа затоа и излезе од ЕУ. За да стане менаџер на Европа и повластен американски вазал, ама со свои национални и империјални агенди. Ако Груевски и Иванов не се свестат и не почнат уште утре да дејствуваат, по средбата со британскиот министер за Европа, ќе им биде доцна. Ќе треба три рала гаќи да ставаат отпосле. Оти Британците не се Американци. Расипани се до коска и крвожедни, а се искусни, интелигентни и вешти за шашми. Не џабе се вели дека каде што згазнува англиска империјална цокула, таму трева повеќе не расте. Оти земјата е трајно загадена. Британија е вешта во дипломатијата и вешта во инсталирањето на сопствените национални интереси. Сега кога не е во ЕУ, ќе игра двојна улога и како европска земја и како обединувачки фактор на ЕУ со САД. ЕУ преку Британија ќе биде присутна на меѓународни конференции, ама иницијативите ќе бидат во рацете на Лондон. А овој Лондон е живо заинтересиран за две работи: Да кокетира и соработува со Азија, ама по секоја цена да си го врати империјалното „наследство“ кое го загуби во антифашистичката Втора светска војна. Ќе води агресивна поткопувачка политика, но без отворено војување. Ќе работи преку МИ6. Приоритети му се да го попречува продорот на Kина во Европа преку патот на свилата во сите варијанти и поврзувањето на Русија со европските земји. Првите задачи му се да се учипи во Турција додека е уште ранлива и растресена и да ја уништи Македонија. Да ги одржи отворени своите островски бази во Грција и особено да го спречи затворањето на кипарското прашање оти Kипар е последна одбранбена точка против патот на свилата. Портите на Евроазија се нејзина цел. Затоа Сорос лесно ќе биде заменет со англиски подривачки направии. А Америка ќе статира еден период додека се занимава со себе.

Е, сега, ако Груевски и неговиот советодавен тим и ова претстојно време го поминат главно во набљудување, тешко нам. Сега е вистинското време Иванов и Груевски на совршено јасен, прецизен и државен македонски јазик на Британците, Албанците и на вонземјаните од СДСМ, кои се натурализирале како земјани баш во Македонија, да им соопштат дека изгледот умее да излаже. Иако повеќе години македонските политичари им изгледаат како безопасни мачиња, во некои од нив чука лавовско срце. Ред е за почеток новите односи меѓу „независна Британија“ и „суверена Македонија“ на сер-от министер од Англија при дочекот да му се врачи потсетник од учинокот на Обединетото „цивилизирано“ Kралство во борбите против РМ. Мислам на фотографии што покажуваат како со британски бомбардировки со напалм-бомби е уништувано и натерано на егзодус голоракото македонско население во Грција по Втората светска војна и овековечената непристојна помош и соработка со фашистичката Бали комбтар, а сега УЧK. Со изјава што ќе вреди да се цитира и денес и утре и по сто години нашиве претставници еднаш на домашен терен треба да демонстрираат државничко однесување, а гостите да тркалаат со очите барајќи ги страните на светот како ориентација. Ред е да го потсетат гостинот или гостите дека и како држава и како нација нема да толерираме веќе нивна непристојност и невоспитаност. Подземните активности ќе ги третираме како терористички и ќе ги документираме и споделуваме мултилатерално со светот. Веднаш. Што се однесува до Могериниева, Иванов и Груевски (оти на Поповски ич не се мисли) конечно треба да и врачат шут карта со недвосмислена „недипломатска“ содржина: Се додека не ги уважите Република Македонија, македонскиот народ, македонскиот јазик и култура, не доаѓајте овде, а ние нема да примиме никаков документ што се однесува на држава на која намерно ќе ја грешите адресата. Тоа само за загревање пред почетокот. Оти овој македонски пилав што се крчка ќе пие уште доста вода.

6 КОМЕНТАРИ

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This