March 28, 2024, 11:26 pm

ДИМИТРОВ ЈАДЕЛ БИСКВИТИ ОД ЈАСТОЗИ: Никола Димитров од Институтот во Хаг годишно добивал 75.000 евра

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Холандската јавност и политичарите чекаат одговори на прашањата како се потрошени 20 милиони евра државни субвенции во Институтот за глобална правда во Хаг, каде што до лани работеше и сегашниот министер за надворешни работи, Никола Димитров, пишува Макфакс. Институтот се распадна на почетокот на минатиот месец откако биле потрошени субвенциите и утврдиле дека не можат сами да се финансираат. Политичарите се во шок од начинот на кој се потрошени парите на даночните обврзници. Аферата за трошењето во Институтот веќе три недели е главна тема во јавноста.

„Макфакс“ истражуваше колку пари на холандските даночни обврзници завршиле како плата за Никола Димитров, како вработен и близок човек на претседателот на Институтот, Аби Вилијамс, за кого холандските медиуми објавија дека имал невообичаено висока плата од 223 497 евра годишно. Според податоците од администрацијата на Институтот, Димитров, очекувано, земал помала плата од претседателот, но сепак меѓу повисоките. За него биле потрошени околу 200 000 евра од субвенциите за кои сега политичарите бараат отчет.

-Никола почна да работи за Хашкиот институт по 1. 4. 2014. Ја напуштил организацијата на 31. 3. 2017. Кога почна, доби плата од 5 144 евра бруто месечно, приближно 62 000 годишно, вклучувајќи ги и бенефициите како празник. Имаше неколку мали покачувања во неговата плата во годините во кои работеше за Институтот. Во последната година во Институтот добиваше 5 813 евра бруто месечно. Ова е приближно 75 000 евра годишно, повторно вклучувајќи бенефиции. Овие плати покажуваат дека тој имал постојано работно место- велат од администрацијата на Институтот.

Димитров не одговори на прашањата дали чувствува одговорност по распаѓањето на Институтот, но објасни дека оставил многу зад себе.

-Работејќи како истакнат истражувач (Distinguished Fellow) во Хашкиот институт бев посветен на проекти пред сè во функција на демократизација и владеење на правото на Балканот. За моите резултати говори и понудениот ангажман за продолжување на мојата работа во Институтот за безбедносни студии на ЕУ во Париз, во соработка со Европскиот фонд за Балканот, на проекти во Центарот за меѓународна правна соработка во Хаг, како и проекти со Групата за политики на Балканот во Европа, поддржана од германската Агенција за меѓународна соработка. Овие ангажмани не се реализираа поради моето враќање во Република Македонија- вели министерот Димитров.

Тој не одговори на прашањето дали од Институтот го контактирале за отчет по затворањето, но нагласи дека добил писмо со благодарност.

-Од холандското МНР, пак, за илустрација, добив писмо со благодарност за реализацијата на проектот за довербата на јавноста во судството во земјите од Источното партнерство во 2015 година. Можам да продолжам и со други примери, меѓутоа мислам дека за мојата работа поупатно е да зборуваат луѓето со кои сум соработувал. Да се зборува за сопствената кариера не е никогаш мудро, а особено не е во момент кога сум целосно во служба на неспоредливо поголеми цели – стратешките приоритети на Република Македонија- изјави за „Макфакс“ министерот Димитров.

Администрацијата на Институтот во Хаг ангажманот на Димитров го смета за успешен.

-Добро е да знаете дека Институтот не само што одвојуваше пари за Никола, туку и дека Никола беше успешен во добивањето голем број субвенции и договори за Институтот- нагласија од администрацијата на Институтот за глобална правда во Хаг.

Тие објаснија дека Димитров бил назначен за висок функционер во Кабинетот на претседателот на Институтот, Аби Вилијамс, со титула истакнат соработник.

Токму претседателот Вилијамс поранешни истражувачи во Институтот го посочуваат како личност која лошо управувала со Институтот. Истражување за работата на Институтот направи холандскиот неделник „Де Гројн Амстердамер“ кое ја шокираше јавноста. Институтот бил формиран во 2011 година со цел да го профилира градот како меѓународен центар за мир и правда. Холандската Влада за Институтот одвоила 17,45 милиони евра од фонд создаден со дел од добивката од експлоатација на гасни полиња во северната провинција Гронинген, која сега била на удар на земјотреси поради производството на гас. Владината субвенција била дадена под еден услов – во рок од пет години Институтот да стане финансиски независен од владините субвенции.

За Институтот пари одвоила и Општината. Им одобрила износ од 2,5 милиони евра со што Институтот имал на располагање близу 20 милиони евра.Тенденцијата била тој да наликува на познатиот Институт Брукинг во Вашингтон, па тогашниот градоначалник на Хаг, Јозиас Ван Артсен, кој Институтот го сметал за свое „бебе“, успеал да ја ангажира Медлин Олбрајт, поранешен државен секретар на САД, за претседател на советодавниот одбор. Таа го предложила за претседател Вилијамс, кој, како што објави „Де Гројн“, побарал титулата декан да се смени во претседател, а проблематични уште од почетокот биле и неговите услови за плата оти неговите барања биле далеку над нормите за извршување јавни функции во Холандија. Се согласил на плата од 223 497 евра годишно, сума која била изненадувачки голема за декан на институт кој никогаш нема да вработи повеќе од 35 лица во исто време, пишува неделникот.

Институтот бил сместен во монументална вила во благородничка област во Хаг. Често биле организирани настани со интересни говорници, тркалезни маси и панели. Се случувало програмата да биде проследена со пијалаци, убаво вино и одлични закуски, што овозможувало меѓународната заедница на професионалци, дипломати, судии од меѓународни судови, адвокати и истражувачи да се состанат на неформален начин. Но, неделникот објави дека зад оваа фасада се случувало нешто сосема друго.

Вработени кои го напуштиле Институтот, но сепак инсистирале на анонимност, го опишуваат претседателот како исклучително нарцисоиден, сведочеле дека им викал на луѓето, го направил Институтот „токсично место за работа“, ги заплашувал и ги малтретирал вработените.

-Додека заминав состаноците на персоналот се сведоа на тоа секој вработен да вели дека сè е прекрасно и дека секој проект оди одлично. Еден од моите колеги ги нарече овие состаноци ‘известување за политбиро’- објаснил за неделникот поранешниот вработен укажувајќи дека почнале да се плашат да покажат иницијатива или да ја критикуваат стратешката насока на претседателот.

Претседателот Вилијамс се повлекол во својата канцеларија и со другите вработени контактирал исклучиво преку неговиот личен асистент, секретар и советник. Истражувачите од Институтот сведочеле дека претседателот никогаш не јадел со нив од бесплатниот оброк што им бил обезбеден туку нарачувал од блискиот хотел, вообичаено ручек со бисквит од јастог, а го јадел сам во канцеларијата.

Институтот имал луксузен стил, гостите се служеле на маси со бели чаршафи, имале одличен кетеринг, а за поголемите настани се ангажирал и готвач.

Неделникот добил копии од фискалните сметки кои покажале дека претседателот пријавил околу 10 000 евра потрошени за такси-превоз. Во нив имало сметки за релации покуси од еден километар.

Наспроти луксузирањето, персоналот укажал дека на веб-страницата на Институтот не постојат годишни финансиски извештаи за потрошените пари. Во последната година од функционирањето била утврдена и загуба од половина милион евра. Тоа е причината поради која претседателот Вилијамс се смета дека таинствено управувал и имал практики кои се граничеле со корупција.

Извори од Хаг велат дека Димитров важел за близок човек на претседателот Вилијамс. Димитров не сакаше да ги коментира обвинувањата за Вилијамс.

По затворањето на Институтот, политичките паритии шокирани за губењето на парите на даночните обврзници, составиле долга листа на прашања до Општината и до Владата со кои бараат објаснувања за тоа што се случило со милионските суми од владините фондови. Одговор на прашањата, како што велат истражувачите од неделникот, сè уште нема.

3 КОМЕНТАРИ

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This