March 28, 2024, 12:15 pm

ДИМОВСКИ: Јанева е должна да поднесува извештаи и да ги образложува пред Собранието, јавноста заслужува одговори

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Госпоѓата Катица Јанева е должна да поднесува извештаи, да присуствува и да ги образложува своите извештаи пред Собранието на Република Македонија и пред неговите работни тела онака како што предвидува Деловникот за работа на Собранието на Република Македонија и онака како што е апсолутната пракса, без исклучоци, на поднесување на извештаи и нивно бранење на десетици и десетици државни институции и тела, одговорни за својата работа пред Собранието на Република Македонија, истакна координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски.

Во продолжение следува интегрален текст од изјавата на Илија Димовски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Република Македонија.

Во согласност со член 68 од Уставот на Република Македонија кој на Собранието му дава надлежност и должност да врши контрола и надзор над работата на носител на јавни и државни функции.

Во согласност со Законот за Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (популарно Закон за СЈО), односно неговиот член 7 кој вели, цитирам: Јавниот обвинител ќе биде одговорен за неговата/нејзината работа пред Собранието на Република Македонија и пред Советот на јавни обвинители  и во неговиот став 2 кој вели, повторно цитирам: Јавниот обвинител ќе поднесува извештај секои шест месеци за неговите/нејзините активности, вклучувајќи и опис за напредок во која било истрага или гонење преземано од јавниот обвинител.

Госпоѓата Катица Јанева е должна да поднесува извештаи, да присуствува и да ги образложува своите извештаи пред Собранието на Република Македонија и пред неговите работни тела онака како што предвидува Деловникот за работа на Собранието на Република Македонија и онака како што е апсолутната пракса, без исклучоци, на поднесување на извештаи и нивно бранење на десетици и десетици државни институции и тела, одговорни за својата работа пред Собранието на Република Македонија.

Во согласност со Деловникот за работа на Собранието на Република Македонија, неговиот член 121, став 2, кој вели, цитирам: На седница на работното тело кога се разгледува предлог на закон или друг акт во второ читање задолжително присуствува и во работата учествува претставник на Влада и претставник на подносителот чиј предлог се разгледува, госпоѓата Катица Јанева е апсолутно должна да присуствува на седниците на Комисијата за политички систем кога на дневен ред е разгледувањето на нејзиниот Извештај.

Почитувани,

Дополнително сакам да ве информирам дека уште пред неколку дена, пред воопшто да започне расправата по извештајот на СЈО, му беше предложено на координаторот на ПГ на СДСМ, господиниот Горан Сугарески да биде усогласен и прифатен договор за распоред на говорници и репликанти за целиот тек на седницата на Комисијата, што во тој момент не беше прифатено.

Како и да ве информирам дека во текот на вчерашниот ден понудивме секоја пратеничка група да има право на максимум 5 дискусии, со ограничено време и со ограничено право на реплики, со што ќе имаше предвидливост и видлив крај на седницата на Комисијата. И тоја предлог не беше прифатен.

Исто така, сакам да ве потсетам дека госпоѓата Катица Јанева, сама достави допис дека ќе биде на располагање на Собранието во периодот од 19 септември до 30 септември, што ние колегијано и принципиелно кажавме и бевме спремни да го почитуваме, но очигледно нема самата да го испочитува.

Почитувани,

СДСМ, СЈО, шарените платени демостранти на Сорос и Катица Јанева се усогласени и координирани.

Вчерашните долги и многу по број процедурални забелешки од страна на пратеници на СДСМ, бегањето на Катица Јанева од расправа во Комисијата и неуспешниот протест на шарените платени демонстранти на Сорос беа дел од планот како Катица Јанева да биде извлечена од обврската да дебатира, дискутира и поднесува одговорност пред Собранието на Република Македонија.

На СДСМ и на другите совршено им јасно дека СЈО не е ниту непристрасно, ниту е објектнивно, ниту ги почитува и заштитува слободите и правата на човекот и граѓанинот, нити пак својата работа ја врши законито, ниту во вршењето на својата функција обезбедува еднаквост на граѓаните пред законот, како што налага членот 5 од Законот за јавно обвинителство.

На СДСМ им е совршено јасно дека ова СЈО и тимот кој го раководи ниту се држи до законите, односно ги прекршува, ниту има капцитет и квалитет во својата работа, ниту има ефикасност.

СДСМ и Катица Јанева не сакаат јавноста да има увид и да знае како работи оваа институција бидејќи свесно ги прекршува законите.

СДСМ и Катица Јанева не сакаат транспарентност во работата на СЈО бидејќи немаат одговор каде се потрошени околу 60 000 000 денари.

СДСМ и Катица Јанева не сакаат јавноста да ги гледа и слуша сите аргументирани прашања за пристрасноста, партиската поврзаност, неквалитетот и нестручноста на СЈО.

СДСМ и Катица Јанева бегаат од одговорноста да дадат одговори на прашањата кои се легитимни и оправдани и кои се од интерес на граѓаните на Република Македонија.

СДСМ е свесна дека Катица Јанева несакајќи свесно призна дека и досгашните предмети по кои работи се нецелосни и некомплетни.

Би сакал да потенцирам дека дека СДСМ, нивните медиуми и платеници организираа лична хајка против сите пратеници кои поставија прашања или критички ја анализираа работата на СЈО со огромен број на лаги, манипулации и лични недостоинствени дисквалификации. Тоа говори дека СДСМ применува ниска кампања за заштита на Катица Јанева применувајќи приземни и долни методи.

Почитувани,

И покрај безбројните процедурални забелешки од СДСМ, чија цел беше да не се разговара суштински за Извештајот на Катица Јанева, 8 пратеници од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија поставија вкупно 119 прашања до СЈО, од кои беа одговорени, потенцирам, само 23 прашања, или помалку од 20%. Би сакал да кажам нешто што и вие и јавноста го видиовте дека ниту одговорите на овие прашања не доликуваа на сериозна државна институција. Одговорите беа оскудни, неточни, дисквалификаторни, беа користени префрлања на одговорности и класични лаги. Ова не е транспарентност.

Доколку СДСМ и Катица Јанева мислат дека се недопирливи и дека не сносат одговорност, апелираме повторно да си ги препрочитаат Уставот, Деловникот и законите кои ја тангираат работата на оваа институција.

Госпоѓата Катица Јанева не го образложи Извештајот, а наместо нејзе тоа се обидоа да го направат двајца пратеници на СДСМ. Не покажа должна почит кон процедурите на Собранието, бидејќи си дозволи сама да си зема збор без при тоа никој да не и даде такво право во тој момент. Госпоѓата Катица Јанева се расфрлаше со политички коментари и закани кон пратеници. Си дозволи на седница на Комисија да има суфлери од редот на пратениците на СДСМ. Госпоѓата Јанева дрско призна дека нема намера да дава финансиски извештај. Катица Јанева во два дена, на исто прашање, даде два спротиставени одговори.

Почитувани,

Јавноста е ускратена од можноста да добие одговори на овие и слични прашања:

  1. Од каде СЈО го црпи легитимитетот доколку Собранието не е легитимно? Дали од СДСМ, дали од Сорос, или од друго место?
  2. Зошто СЈО бараше одложување на Пуч по неколку месеци и тоа од приватни причини, а сега се жали за одложување од неколку недели?
  3. Зошто и како СЈО соопшти дека нема увид на доказите за случајот Пуч, а сепка побара пуштање од притвот на господинот Верушевски?
  4. Зошто Катица Јанева не превзема никакви дисциплински мерки кон вработените во СЈО за очигледните прекршувања на законите?
  5. Зошто СЈО ангажира правни експерти кога изборот на Катица Јанева и нејзиниот тим се базира на стручност и лична одговорност за донесени одлуки? Кој ќе носи одговорсност за грешките на СЈО? Обвинителите или правните експерти?
  6. Зошто СЈО ангажира адвокати кај кои има судир на интерес бидејќи бранеле лица против кои СЈО има предмети?
  7. Зошто СЈО не дава информација за платите и наградите на обвинителите, вработените и експертите?
  8. Каде СЈО потрошил 60 000 000 денари за кои не дал и не сака да даде извештај?
  9. Каде е отчетноста и транспарентоста која СЈО ја ветуваше?
  10. Зошто СЈО не применува исти стандарди кон Зоран Заев, како што постапува спрема Владимир Талески, за исти постапки по исти јавни набавки во кои Зоран Заев плаќа три пати поскапи цени?
  11. Зошто СЈО го прекршува Законот за кривична постапка кој налага тајност на сите предистражни и истражни постапки?
  12. Зошто СЈО не превзема никакви ефективни мерки, кои може да ги превземе во согласност со законите, за прибирање на незаконските прислушувани материјали кои сеуште се лиферуваат во јавноста?
  13. Зошто СЈО не побарала изјава од Зоран Заев во која тој би кажал кој нему му ги предал прислушуваните материјали?
  14. Зошто СЈО дава информација дека добила нешто над 500 000 разговори, а Зоран Заев дека поседува над 1 000 000 разговори? И зошто СЈО не превзема мерки за да ги добие и останатите?
  15. Зошто СЈО бара продолжување на рокот за своја работа, кога пред само неколку месеци избрка две обвинителки со образложени дека нема доволен обем на работа?
  16. Зошто СЈО до сега има само 2 предмети, од кој едниот процесно погрешен, а ЈО со сличен капаците и со многу полоши просторни и финансики услови, годишно работи на 35 000 предмети?
  17. Зошто СЈО не сака да каже кој издал налог за незаконско апсење на градоначалникот Едмонд Темелко?
  18. Конечно, зошто СЈО не даде одговор на клучното прашање за кое е и формирано, кој, зошто, со која цел, за колку пари го организирал и го спровел прислушувањето во Република Македонија.

Почитувани,

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ инсистира госпоѓата Јанева да се врати на седница на Комисијата за политички систем зошто тоа е нејзина одговорност според Уставот, законите и Деловникот за работа на Собранието.

Инсистираме СЈО да достави комплетен и целосен Извештај во кој ќе има информации каде се потрошени 60 000 000 денари за кои Катица Јанев одбива да даде одговор.

Инсистираме Катица Јанева да ја повлече и да се извини за изјавата дека Собранието на Република Македонија не е легитимно.

Почитувани, доколку СЈО и госпоѓата Катица Јанева не постапат во согласност со Уставот и законите, сакаме да потенцираме дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија воопшто нема да прифати разгледување на било какво барање и предлог од страна на СЈО.

Ние сме повторно спремни за договор околу времетрањето на дискусиите и репликите и сме спремни расправата за Извештајот на СЈО да заврши во рамки на неколку дена, но ќе инсистираме на донесување на собраниски заклучоци во кои ќе бидат позиционирани и сите пробелми, нелогичности и недостаток од информации во Извештајот на Катица Јанева, по кои заклучоци понатаму ќе може да се произнесуваат сите надлежни институции.

2 КОМЕНТАРИ

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This