Мексиканскиот новинар Рикардо Лопез, директор на порталот „ИнфоГвајмас“ од мексиканската држава Сонора на северот на земјата, е убиен во четвртокот на паркингот кај еден супермаркет, објави весникот „Ел Паис“.
Тој беше убиен на неговиот 47-ми роденден, а на прес-конференција во март откри дека добивал закани од организирана криминална банда.
– Да се занимаваш со новинарство тука е многу ризично, па затоа и се жалев на полицијата, заканите не запираат – рече тогаш Лопез.
Државното обвинителство Сонора започна истрага и соопшти дека ќе го извести Специјалното обвинителство за стореното дело против слободата на изразување, бидејќи станува збор за напад врз новинар.
Ова е второ убиство на новинар за помалку од една недела.
Лопез беше претседател на Градското здружение на независни новинари на Гвајмас и Емпалме, во северниот дел на Мексико. На својата веб-страница тој го осуди исчезнувањето на репортерот Пабло Фелипе Ромеро, за кого ништо не се знае од почетокот на годината.
Набргу потоа, тој започна да добива закани преку е-пошта и СМС-пораки.
Насилството врз претставниците на медиумите е најлошо во последните неколку години – на секои 13 часа има некаков напад од медиумски работник во Мексико.