Градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш, на својот Фејсбук профил објави фотографија со актуелниот градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски и напиша: „Иден претседател на СДСМ и мандатар за нова влада, Максим Димитриевски?“
Иако во минатите мандати, двајцата беа претставници на владејачката партија, Дудуш на последните избори настапи како кандидати на ЛДП и ДОМ, додека Димитриевски „трчаше“ како независен кандидат.
Во изминативе денови пак како најголем фаворит да го наследи Зоран Заев на премиерската функција се појави името на Заменик-министерот за финансии и член на Извршниот одбор на СДСМ, Димитар Ковачевски.
Заев на средбата со лидерот на Алтернатива Африм Гаши, која се одржа во Клубот на пратениците и на која се преговараше за влез на партијата во Владата, беше придружуван токму од заменик-министерот за финансии.