ЕВН ја продава зградата на плоштадот

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

ЕВН го продава својот дел од зградата на плоштадот „Македонија“. Вработените во компанијата веќе четири години не го користат деловниот простор во објектот што го делат со ЕЛЕМ, пишува Независен.мк

Се иселија за да започне реконструкцијата, која на фасадата требаше да ѝ даде барокен лик. Во моментов не можат ниту да се вратат бидејќи обновата не се знае ниту кога ќе продолжи ниту кога треба да заврши. Според огласот што ЕВН го објави минатата недела, се бара купувач за 2.650 квадратни метри деловни простории, распоредени на приземје и пет ката, 760 квадрати двор и 690 квадратни метри земјиште под зграда.
Првенство за купување има ЕЛЕМ, сопственик на остатокот од деловните простории во зградата, но доколку се согласи со највисоко постигнатата сума на јавното наддавање. Краен рок за понудите е 14 декември, а заинтересираните мора да го купат просторот како целина.
„Одлуката да се продава делот од зградата е од причини што деловниот простор не е доволен да ги собере сите вработени на едно место“, велат во ЕВН. Тие во моментов имаат два помали објекта во Скопје, а дел од администрацијата е сместена и во изнајмени канцеларии.

„И да се создадат услови да се вратиме во зградата на плоштадот, вработените повторно ќе бидат разделени во три објекти. Поради тоа, решивме да видиме дали ќе има заинтересирани да ја купат, па ќе одлучиме што понатаму“, коментираат од ЕВН.

Одлуката да се продава објектот ги одложува и плановите за довршување на фасадата, која неколку години е заокружена со скелиња и покриена. По смената на градската власт на ланските локални избори и запирањето на барокното пресоблекување на фасадите во централното градско подрачје, ЕВН и ЕЛЕМ добија можност да ја обноват зградата во друг стил. Старата стаклена фасада е премногу оштетена, па ќе мора да се прави нов концепт и нов проект.

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, вели дека на двете компании им предложил да направат модерна зелена фасада која би се сложила со зелениот покрив на ГТЦ што ќе го прави Градот.

„Не знам дали ќе ја прифатат мојата идеја, но факт е дека архитектурата која овој објект ја имаше е веќе загубена. Затоа сметам дека би било убаво да направиме нешто подобро и помодерно“, вели Шилегов.

Доколку се продаде зградата, новиот сопственик, заедно со ЕЛЕМ, ќе има обврска да ја доврши обновата на фасадата. Во моментов нема нов проект, а фасадата е до половина направена. Реновирањето почна летото во 2013 година и требаше да биде готово до крајот на 2014 година. Двете компании имаат договор со градежната компанија „Бетон“, која требаше, по проект на Градежниот факултет од Скопје, да ја направи барокната фасада. Градежните работи прекинаа пред две години кога се запали фасадата. Проектот беше тежок 3,6 милиони евра, од кои ЕЛЕМ и ЕВН имаат исплатено 725.000 евра или 20 отсто од сумата, за работите кои досега се изведени.

Превземено од Независен.мк

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This