„ЕДЕН ДЕН МНОГУ ЌЕ ВИ НЕДОСТИГААТ“: Текст на Србинка ги потсетува мајките дека децата нема секогаш да бидат мали

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Доколку во моментов ги живеете хаотичните, исцрпувачки и мачни денови од родителството, преплетени со постојана грижа за мали деца, извршување на домашни и/или работни обврски и непреспани ноќи… Тогаш ова е за вас.

Србинката А. Цветиќ за „Зелена учионица“ напиша емотивен текст во кој потсетува дека децата нема да бидат секогаш деца и дека тој хаотичен период брзо ќе помине. Но, откако ќе помине, родителите ќе копнеат по него.

Таа ги советува мајките кога им е најтешко, да се потсетат дека, еден ден, сето ова што сега им се случува во животот, ужасно многу ќе им недостига:

Еден ден, многу ќе ви недостигаат. Еден ден, кога ќе одите во тоалет, ќе се слуша само тишина, наместо мали рачиња кои се обидуваат да ја отворат вратата или кои викаат на цел глас додека не излезете од тоалетот без да успеете убаво да си ги измиете рацете.

Еден ден, ќе ви недостига тој очај кој можеби денес го чувствувате зашто никако не постигнувате сè. Бидејќи, еден ден, ќе има доволно време за сè. Еден ден.

И кога некој ќе ви рече да уживате сега додека се мали, во себеси помислувате: „Како тоа да е лесно“. Не е лесно. Но, обидете се да си повторувате дека еден ден сето тоа силно ќе ви недостига.

Ова честопати си го повторувам кога сум на работ на трпението. Тоа е мантра која ме води, бидејќи колку и излитено да звучи, сепак е вистина.

Еден ден, корпата за валкана облека нема да се превртува затоа што е преполна со маици за физичкo и нешта кои се носени сè на сè неколку часа, па се фрлени за перење. Еден ден, нема да има бескрајни купови садови во секогаш полните мијалници.

И ќе ви недостига.

Ќе ви недостига некому да му сте потребни цело време. Ќе ви недостига да го слушате тоа „мама“ 425 пати на ден оти им сте потребни за секоја ситница.

Еден ден нема да постои никој за кого ќе морате да планирате забава во текот на распустот и да ги поттурнувате своите работни обврски за да организирате чување. Бидејќи, еден ден, тие ќе живеат свој живот, ќе имаат свои планови, пријатели и обврски.

И тој живот, кој сега мислите дека не можете да го дочекате – можеби да имате малку време насамо со сопругот или едноставно да имате малку време за себе – тој живот ќе дојде. И повеќе нема да има нервирање поради калта на подот, флеката на тепихот или вечно неуредните соби. Сето тоа ќе биде испрано со плимата и осеката на животот.

И можеби денес едноставно не можете да се принудите себеси да го цените сегашниот момент со своите гласни, брбливи, неуредни деца, но навистина помага ако имате на ум дека и овој ден ќе помине и дека, еден ден, баш овој ден ќе ви недостига.

Еден ден, ќе ви недостига да ги носите во градинка и на училиште и да ги земате. Ќе ви недостигаат нивните згрозени намуртени лица кога ќе видат дека сте им приготвиле нешто здраво за вечера. Ќе ви недостига да ве викаат во собата и по 10-ти пат да бараат чаша вода, уште една прегратка, уште една приказна или да ви раскажат нешто многу важно на кое штотуку се сетиле, а што не може да почека до утре.

Ќе ви недостига купот играчки од кои не можете да се движите во сопствената куќа, ќе ви недостига она бескрајно спремање за излегување надвор во зимските денови, ќе ви недостигаат тие мали мрсулави носиња кои сè уште не се научиле да се бришат сами.

Ќе ви недостигаат тие бескрајни прашања зашто, верувале или не, постои еден краток период во нивните животи, кога тие веруваат дека вие знаете баш сè.

Еден ден, нема да бараат од вас да погледнете што ново научиле да прават или да ја пратите секоја минута од нивниот ден. Еден ден, нема непрекинато да ја бараат вашата восхит и вашето одобрување. Еден ден, ако направите сè како што треба, тие ќе имаат доволно самодоверба да ги прават најголемиот дел од работите без вас.

Затоа, следниот пат кога ќе посакате да се развикате, да се дерете или да побегнете низ врата зашто никој не ве слуша, само кажете си себеси дека ќе дојде тоа време кога ќе ви недостига целиот тој прекрасен хаос во кој сега живеете. Можеби таа мисла малку ќе ви помогне да го намалите чувството на беспомошност токму во тој неверојатно тежок ден во кој ви се чини дека го губите разумот. А кој еден ден, претпоставувате, ќе ви недостига.

Иако е невозможно целосно да уживате во секој момент од родителството, ќе ви биде полесно доколку во најтешките моменти се потсетите дека, еден ден, сето тоа ќе ви недостига.

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This