ЖАКЛИНА УЗУНОВА: Не можевме да го спасиме Јанко, но да му дадеме шанса на Николоски!

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Интерпретаторката Жаклина Узунова, сопруга на легендарниот поп и фолк музичар, професор и композитор Јанко Узунов, кој ненадејно пoчинa во август 2014 година, организира хуманитарен концерт во чест на својот колега Момо Николоски, кому му е потребно скапо лекување на клинка во странство.

Настанот ќе се одржи на 17-ти февруари во салата на хуманитарниот дом Даре Џамбаз во Скопје, и е отворена поканата до целата естрада, односно до сите кои сакаат да учествуваат и да дадат свој придонес во собирањето на финансиските средства за Николоски.

Узунова, која е позната како голем хуманист и секоја година со учениците од ,,Узун” органзира Новогодишен хуманитарен концерт, а потоа собраните средства ги донира на социјално загрозени семејства, вели дека веднаш штом ја прочитала веста дека Момо боледува од paк на желудникот и мора да се лекува во странство, се јавила кај неговиот соработник и пријател, музичарот Сашо Ливрински. Откако се информирала за состојбата, му се јавила и на Момо.

-Момо беше трогнат кога ме слушна. Наместо јас да го утешам него, тој ме тешеше мене, поради сите трагедии кои ми се случија во животот. Го изгубив мојот сопруг и најдобар пријател Јанко, го изгубив брат ми, а лани во септември, по долгата борба со paкoт, пoчинa и татко ми. Добро знам низ каква агонија минуваат луѓето кои ја имаат таа тешка дијагноза, но и нивните семејства. Ги минав сите болнички лавиринти, познати ми се емоциите, стравот, беспомошноста… Затоа се понудив да помогнам, и иницирав хуманитарен концерт – раскажува Жаклина.

Вели дека на концертот ќе настапат ученици од ,,Узун”, но веќе започнувале да и се јавуваат и нејзини колеги. Јасмина Гуњова, Горан Симевски, Кристијан Демјански, Кирил Узунов, Уни бенд од Валандово, кои имаат посветено песна на Јанко, насловена ,,За Јанко” и со која освоија Гран при на фестивалот ,,Филиграни” и многу други музичари се очекувало да запеат на хуманитарниот настан. Водителка ќе била Катерина Стојановска – Дескоска.

-Мојот сопруг Јанко пoчинa ненадејно, на моите раце, од инфapкт. Се се случи за миг, немавме време за ништо. Тој не доби шанса за лекување, за спас… Но Момо ја има шансата да се излекува, да си продолжи со животот, а таа шанса му зависи од сите нас, од нашата хуманост. Затоа апелирам сите кои се во можност да дојдат на концертот, нема да се наплаќаат влезници, туку ќе бидат поставени кутии за донации, или пак да донираат на телефоните за донации. Колегите кои сакаат да настапат, било да се од поп или фолк естрадата, слободно нека ме побараат – апелира Узунова.

Додава дека оние кои во животот се соочиле со болест, своја или на свои блиски, и кои минале време по болници, најдобро знаат какво е чувството. За Николоски, кој во текот на својата децениска кариера добил над 200 пофалници и благодарници поради учества на хуманитарни настани, тврди дека сега на јавноста и редот да му се оддолжи и да му помогне. Благодарна е и на Црвен Крст на град Скопје кој ја отстапил салата каде ќе се случува настанот, и се надева дека естрадата масовно ќе помогне и многу пејачи ќе се пријават да настапат.

-Во далечната 1976 година, Момо настапи на Скопски фестивал со песната ,,Ти проштевам се” за која музиката и аранжманот ги направи Јанко. Со таа песна, која и денес се пее, тој го освои второто место од публика. Пееше и на јубилејниот концерт на Јанко, секогаш сме се почитувале како колеги, но пред се како луѓе. Јас продолжувам да го исполнувам аманетот од Јанко, да помагам секаде каде за тоа имам можност, најчесто со музика, бидејќи музиката беше нашиот живот. Знам дека тој би бил горд на мене, и верувам, доколку беше жив, ќе го направеше истото, прв ќе притрчаше да помогне – порача Узунова.

Телефонските броеви на кои може да се донира за Николоски се 143 462 VIP и 077 143 123 T-Mobile.

Извор:фокус.мк

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This