ЗАЕВ И ЧИЧКО НИКОЛА: „Обичното објектче“ било дивогpaдба, семеен бизнис со 8 соби и 9 апартмани!

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Изјавата на премиерот Зоран Заев дадена на трибината со граѓаните од Охрид во врска со оспоруваната изградба на хотел во непосредна близна на езерото во населбата Лагадин веќе една седмица е тема на дискусија во јавноста и повод за бројни реакции од засегнати страни, па и стручната фела.

Активнистите на еколошкото движење „Охрид СОС“ после првичната реакција упатена до премиерот, денеска преку писмо до јавноста го прозваа в.д. градоначалникот на Охрид Констатин Георгиески, заради неговата изјава за наводна задоцнета реакција на јавноста по случајот.

-Охриѓани на никаков начин не биле известени за носењето на спорната урбанистичко-планска документација за тој потег за која ниту се одржала јавна расправа ниту се одржала јавна анкета. Охриѓани кои многу добро го знаат „успешниот стопанственик“ и неговите активности „во согласност со законот“ и кои до ден-денес се прашуваат на кој начин деталниот урбанистички план за Лагадин во рок од една деценија се деградира во урбанистички план вон населено место, за на крај да заврши како општ акт, се наведува во писмената реакција.

Тие му забележуваат на Георгиески дека сега се изјаснува спротивно на ставовите што самиот ги изнел во време на донесување на спорниот урбанистички план, кога само пред две години советниците од СДСМ предложија да се расправа за незаконската изградба на хотелот во Лагадин и да се стопира неговата нелегална изградба.

-Што се смени во овие две години во однос на (не)законитоста на дивиот хотел во Лагадин освен позицијата на вашата партија во локалната власт? Пред да прозивате граѓани со излитеното „каде бевте“, поставете ѝ го прашањето на вашата советничка група во Општина Охрид, само во сегашно време. Законите, господине Георгиески, не се сменија со истапувањето на СДСМ од опозиција, се наведува во писмото.

Уште од „Охрид СОС“ посочуваат на заклучоците на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) и Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам (ДИГУ), кои оцениле дека општината го усвоила Општиот акт за Лагадин прекршувајќи ја својата законска обврска да спроведе оцена на влијание врз животната средина.

Тие на в.д. градоначалникот го потсетуваат дека тој моментално ја извршува функцијата градоначалник, а не лице за односи со јавност на СДСМ, притоа укажувајќи на легислативата која стриктно вели оти не може да се гради на 50 метри од езерото бидејќи се работи за заштитен појас на единственото УНЕСКО подрачје во Македонија.

За случајот реакција доаѓа и од режисерот Иван Поповски, кој упатува забелешка до премиерот Заев, во која целосно го наведува писмото со реакција по однос неконтролираната градба во Лагадин што своевремено сакал во име на неговите малолетни деца да го испрати до тогашаниот претседател на Владата Никола Груевски.

Во тоа писмо што не било испратено поради уверувањата дека новата власт во Македонија ќе го запре деградирањето на просторот и природата заштитена од УНЕСКО се посочува на реакциите на децата во врска со плановите за изградба на „нова“плажа, со повеќе луѓе, повеќе возила, а тоа носи повеќе загадување, како на просторот така и на езерото.

-Ние, луѓето, не смееме да му го заземаме просторот на езерото и на неговите жители. А Вие сте биле ли некогаш во Охрид за 2 август? Има премногу луѓе. Во градот не можеш ни да поминеш од луѓе и на плажа и во Свети Наум. Мислам дека Свети Наум би сакал да си избега од таму, толку му е тесно и загушливо и неубаво. А кај Канео, чичко Никола, зошто им дозволивте да изградат згради? Беше толку убаво – како играчка, како приказна. Ако можете, тргнете ги од таму тие згради, стои меѓу другото во писмото.

Реагирале и на садењето навтохтони палми на брегот, сечењето на трската, деградацијата на Националниот парк „Галичица“.

-Се плашам да не ни умре езерото. И уште нешто сакам да Ве замолам. Не ѝ правете лузна на планината Галичица. Таа е толку убава. Кога се возиме со кола од Скопје за Охрид, по патот гледам некои изгризени планини. Многу ми е жал за нив. Не сакам Галичица да биде изгризена и пресечена. Зошто сакате таму да направите голем пат? За по тој голем пат да дојдат уште повеќе луѓе, значи уште повеќе коли и гомца и чаршафи?!А покрај ова ќе се случат уште многу други неубави работи. Ќе бучи патот, ќе се загади воздухот, најубавите пеперутки на светот (не како тие белите од палмите, туку убави шарени, најразновидни) ќе изумрат, а без нив нема да можат да си го замислат животот и некои цвеќиња и растенија, птиците ќе избегаат, животните нема да знаат каде да одат, над патот или под патот, накај водата, накај населбите, а некои фамилии животни ќе останат разделени, зашто ќе им биде страв да го поминат патот. Чичко Никола, дали сте сигурен дека Вашиот пат и Вашите плажи со палми и без трски ќе направат животот на нашето езеро да биде поубав???, стои во писмото што требало да биде адресирано до Груевски, а сега истото е испратено до Заев, од кој сега се бара да ги запре „лошите чичковци со секирите, булдожерите и лопатите со цемент и бетон“.

-Господине Заев, ова беше писмото што поради Вас не го испративме до тогашниот премиер Никола Груевски. За среќа, некои од работите се средија: палмите си умреа, а заедно со нив и лошите, бели, туѓи пеперуги, патот (лузната) на Галичица е стопиран (се надевам засекогаш)… Останаа чаршафите, булдожерите и лопатите со цемент и бетон, … тајната… па има уште доста работи што треба да се средуваат. И уште нешто – јас моите ќерки ги учам дека не е страшно да си ја признаат грешката, пострашно е да не знаеш дека си згрешил, а најстрашно е да знаеш и да си ќутиш, се наведува во писмото што до премиерот Заев го испраќа Поповски.

Лавината реакции по случајот со хотелот во Лагадин ја предизвика изјавата на премиерот Заев кој на сопственикот на објектот чија изградба е времено стопирана му вети дека лично ќе се заземе за позитивно решение во негова полза.

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This