ЗА ДА НЕ ВЕ БОЛИ ГЛАВА НА ОДМОР: Не тргнувајте без исправно возило, туристичко осигурување и детско седиште!

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Периодот на летните одмори и официјално почна. Топлото сонце, песочните плажи, високите планински врвови и ладот под густата дабова шума, се само дел од предизвиците поради кои со нетрпение чекаме да седнеме зад воланот и да се впуштиме во летна авантура со најблиските. Ова се задолжителни работи кои мора да ги имате пред да тргнете да се релаксирате и одмарате.

На прво место е техничката проверка на автомобилот – превентивна техничка проверка во станиците за технички преглед и редовен сервис во овластен сервисер. Искусните возачи многу често знаат да препознаат некој проблем во автомобилот и се во состојба самостојно и соодветно да ги проверат сите важни параметри, но сепак најсигурно е ако техничката проверка биде направена од овластени и стручни лица.
Најважните работи кои секој возач може самостојно да ги направи, а кои РСБСП ги препорачува за “неопходни” пред секое патување се:
Пред самото патување задолжително проверете го притисокот на гумите, длабочината на шарата и секако проверете ја резервната гума, но и дали алатот за нивно менување е комплетен и е на место.
Проверете ги течностите во возилото. Маслото, течноста за кочниците и течноста во ладилникот. Секогаш имајте навика да понесете резерва од сите овие течности.
Проверете го акумулаторот и бришачите и количината на течност за нив.
Проверете ја светлосната сигнализација – фаровите, стоп-светлата, трепкачите… Секогаш имајте при рака барем нешто од основниот алат заедно со електрични светилки, а по можност и резервни батерии.
Резервниот клуч од автомобилот оставете го кај личноста која наједноставно ќе ви го достави доколку се случи да го загубите клучот или да го заклучите во автомобилот.
Проверете и дополнете го сетот за прва помош и сетот за итни ситуации.
Проверете го детското седиште и исправноста на сигурносните појаси. Сигурносниот појас и детското седиште нека бидат ваш партнер во патувањето. Тој е поставен да ве заштити вас од повреди и загуби. Малата некомфорност во текот на патувањето, не е ништо во споредба со сигурноста која ја дава појасот и седиштето.
Проверете ја работата на клима-уредот и обезбедете доволно гориво во резервоарот затоа што сообраќајниот метеж може да ве остави заглавени во сообраќај подолго време. Не дозволувајте горивото да дојде на резерва за да почнете да ја барате следната бензинска пумпа.
Особено важно за безбедноста на сите учесници во сообраќајот и на сите патници кои се во возилото со вас, е да патувате во раните утрински часови, одморени и наспани. Долгите патувања, гужвите и високите температури предизвикуваат замор, па затоа, најдобро е да бидете добро одморени и свежи додека го управувате автомобилот. Консумирајте повеќе течности и почесто одмарајте. Не возете повеќе од 3 до 4 часа без пауза, колку и да се чувствувате одморено. Менувајте се со останатите возачи во автомобилот. На премногу долги и напорни возења, препуштете го воланот на оној кој е најподготвен за возење во моментот.
Практикувајте да ги запознаете пријателите и семејството со планот на патувањето за да имаат увид во планираната временската линија и да се подготвени да реагираат во итни случи и секако проверувајте ја временската прогноза, како за деновите и за местото каде ќе го минете одморот, така и за местата низ кои минува патот. Подгответе се за патот соодветно на предвидените временски услови.
Други важни работи што РСБСП ве советува да ги практикувате, навидум не толку важни, а верувајте ќе ве спасат од многу непријатности, се:
Понесете одредена залиха храна и течности. Во непланирани ситуации, како застој во сообраќајот, проблем со автомобилот и слично, залихите на храна и течности можат да ти бидат од голема важност.
Обезбедете полначи за мобилните телефони за во кола.
Навигациска помош. Дури и кога имате ГПС-уреди во автомобилот, или на мобилниот телефон, понесете со вас обична хартиена мапа на патот.
Проверете ги уште еднаш потребните документи за возилото – возачка, сообраќајна, Зелен картон ако патувате во странство, како и дозвола за управување туѓо моторно возило во странство, ако автомобилот не е сопственост на лицето кое го управува.
Имајте при рака очила за сонце. Намалената видливост е еден од најголемите проблеми за секој возач.

– Бидете трпеливи

Во летниот период трпеливоста е многу важен фактор за безбедноста на сообраќајот на патиштата, па едноставно ќе ви биде полесно доколку се помирите со фактот дека е гужва, редици од возила ќе има на наплатните рампи и на граничните премини. Внимавајте на престигнувањето и никако на практикувајте слалом возење!
– Почитувајте ја сообраќајната сигнализација и сообраќајните знаци
Почитувањето на сообраќајната сигнализација и сообраќајните знаци е основно правило за безбедно управување со возилото. Бидете внимателни, следете ја сообраќајната сигнализација и сообраќајните знаци, тие се поставени за вас да ве известат за безбедната брзина на движење на патот, за условите на патот, за опасностите на патот, за одрони, за лизгав коловоз, итн. Сообраќајните знаци се азбуката на сообраќајот. Почитувањето на сообраќајната сигнализација и сообраќајните знаци е гаранција за безбедно одвивање на сообраќајот.
– Не возете брзо и не возете под дејство на алкохол
Брзото возење и алкохолот се водечки причини за предизвикување сообраќајни незгоди со фатални последици. Затоа, прилагодете ја брзината на условите на патот, не престигнувајте на полна линија, или пак, кога немате прегледност на патот и секако, никогаш не управувајте моторно возило под дејство на алкохол.
Во секое патување најважно е да се стигне до саканата дестинација здрав и жив.

Детско седиште е задолжително ако возите дете, во спротивност следува казна
Со моторно возило можат во сообраќај на пат да се превезуваат лица во оној број кој е означен во сообраќајната дозвола, односно во потврдата за регистрација.
Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата ги регулира правилата за превоз на деца на задното и предното седиште, предвидувајќи и посебни глоби доколку тие правила не се почитуваат. Во патнички автомобил на задното седиште, смее да се превезува дете помало од пет години, во поставено посебно детско седиште кое за седиштето од возилото е прицврстено со сигурносен појас или на друг соодветен начин.
Во патнички автомобил на предното седиште, смее да се превезува дете до две години, ако возилото нема заштитно воздушно перниче, ако воздушното заштитно перниче е исклучено и ако детето се превезува во посебно детско седиште поставено спротивно од правецот на движење, при што истото е прицврстено на седиштето на возилото со помош на сигурносен појас со три точки на поврзување.
Детето треба да биде врзано со сигурносен појас од седиштето. Доколку не се почитуваат овие правила предвиден е мандатен платен налог со глоба во износ од 35 евра во денарска противвредност во мандатна постапка ќе му се издаде, односно ќе му се регистрираат 15 негативни бода на возачот кој постапува согласно овие правила.

На одмор во странство не тргнувајте без патничко осигурување

Изгореници од сонце, болки во увото и исеченици се најчестите причини поради кои македонските туристи кои летуваат надвор од земјата бараат медицинска помош. Оние кои освен со торбите и пасошите тргнале на пат преку граница и со полиса за патничко осигурување, не треба да се грижат, зашто на здравствените служби во местото во кое летуваат нема да им платат од свој џеб.
Патничкото осигурување може да се набави преку брокерите на осигурителните компании, или во самата туристичка агенција. Од агенциите информираат дека граѓаните најчесто го купуваат основното осигурување, кое не е скапо, а ги покрива трошоците за секакви интервенции во странство.
Лицата кои патуваат во странство, најчесто во Грција за викенд, обично користат тридневно осигурување кое во основната варијанта чини 73 денари. За седумдневните аранжмани се издава полиса за осум осигурени денови, која чини 197 денари. За 10 дена осигурувањето чини 247 денари, додека има и годишно кое покрива 30 денови од 296 денари и се издава само за соседните земји.
Постарите од 65 години, поради поголемата подложност на здравствени ризици, за сите овие видови осигурувања плаќаат двојно повисока сума.
– Има и осигурување со франшиза. Но, клиентите најчесто се одлучуваат за основното, без франшиза. кое ги покрива трошоците и досега не сме имале реакции околу него, информираат од една туристичка агенција која издава патничко осигурување.
Наспроти ова, голем број граѓани реагираат дека за лекување во странство платиле големи суми, но иако биле осигурени не си ги добиле парите назад. Според одговорните во туристичките агенции овие проблеми обично се случуваат кога патникот има осигурување со франшиза. Во тие случаи не се признаваат парите платени за интервенции пониски од одредена сума.
На пример, ако франшизата е на 50 евра, а лекарската услуга чини 40, тогаш парите не се враќаат.

Така, за осигурување платено 300 денари, на пример, осигурителна компанија покрива и медицинска интервенција во странство која чини 30.000 евра, но со такво осигурување од свој џеб се плаќа ако здравствената услуга е поевтина од 100 евра.
Сепак, осигурувањето, какво и да е, се однесува само на акутни здравствени проблеми, односно такви кои настанале за време на престојот во земјата, а не и на хроничните.
Патничкото осигурување освен здравствените услуги се однесува и на сигурноста на багажот и автомобилот. Но, ако се работи за украдена техничка стока, како на пример лаптоп, таблет или мобилен телефон, тогаш таа треба да е пријавена на граница, а тоа ретко се прави.

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This