March 29, 2024, 11:16 am

Зврлевски бил на распит за снимањето на обвинителите

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Поранешниот републички јавен обвинител Марко Зврлевски, откако ја изгуби раководната позиција, неколкупати беше во новата зграда на Јавното обвинителство, но сега на повик на обвинителите на кои им беше шеф. Тој е последен на листата сведоци кои биле испитувани за предметот што го отвори скопското јавно обвинителство кога беа најдени два хард-диска со снимани разговори на обвинителите.

Веста дека разговорите од фиксните телефони во новата зграда на обвинителството биле снимани повеќе од две години ја соопшти актуелниот јавен обвинител Љубомир Јовески на крајот на ноември. Хард-дисковите се дел од телефонската централа набавена во 2013 година, кога беше пуштена во употреба новата зграда на Обвинителството покрај кејот на Вардар во Скопје. Во оваа зграда се сместени Републичкото јавно обвинителство и скопското Основно и Вишо јавно обвинителство. Овој предмет е сè уште во предистражна фаза и по речиси два месеца уште не е докажано дали некој ги прислушувал обвинителите. Досега биле испитани 20 сведоци, сегашни и поранешни вработени во Обвинителството кои имале каков било контакт со техничката спецификација за формирање на условите на тендерот, неговото распишување, спроведување на постапката и одржувањето на телефонската централа. Зврлевски бил последен испитан бидејќи во негово време била инсталирана телефонската централа, но засега ниту тој ниту некој друг, кој бил повикан како сведок, не е осомничен. Раководителот на скопското Јавно обвинителство Сашо Рајчев во изјава за „Независен весник“ вели дека предметот е сè уште во предистрага и дека по распитот на сведоци ќе се прави техничка експертиза која треба да утврди дали некој неовластено имал контакт со снимените разговори.

„Ако некој имал пристап неовластено до снимените разговори, тогаш станува збор за прислушување, но тие одговори ќе ни ги даде техничката експертиза. Уште немаме осомничен“, ни изјави Рајчев.

Експертизата треба да покаже дали некој имал пристап однадвор и дали разговорите биле злоупотребени, односно дали некој со електронски пристап преку мејлови или на друг начин бил поврзан со разговорите.

„Секој пристап има дневници, ако има некој однадвор пристап односно бил поврзан, тоа ќе ни го каже техничката експертиза. Секој контакт се евидентира“, вели обвинителот. Обвинителите прво ќе ги чекаат резултатите од експертизата, па потоа ќе одлучат дали ќе донесат одлука за отворање истрага или обвинителите ќе продолжат со истражување.

Информацијата тогаш одекна како скандал бидејќи во јавноста се создаде слика дека над 70 обвинители биле прислушувани како нивните меѓусебни разговори така и тие што се поврзани со истрагите што ги водат. Иако по обелоденувањето на веста дека разговорите на обвинителите се снимаат, премиерот Зоран Заев откри дека снимани биле и фиксните телефони во Кривичниот суд, од Обвинителството велат дека за разговорите во суд не се води никаква истрага бидејќи не добиле податок дека се прислушувало таму. Засега се истражува дали се прислушувало само во новата зграда на Јавното обвинителство. И во зградата на Обвинителството за гонење организиран криминал, кое се наоѓа кај судовите, биле најдени хард-дискови, но на самото место не можело да се утврди дали таму се снимало, па тоа треба да го покаже експертизата. Заев, без да спомене имиња, сомневањата ги насочи кон поранешниот републички обвинител Марко Зврлевски и поранешниот претседател на Основниот суд Скопје 1, Владимир Панчевски.

„Набавката во Јавното обвинителство и во Основниот суд Скопје 1, знаеме кој ја раководел тогаш и тие ќе си понесат одговорност, бегање од тоа нема. Ако покаже истрагата дека тоа е со нивно знаење, а тие се тие што ги набавуваат, потпишуваат и исплаќаат ваквите централи, секој ќе си понесе одговорност“, рече тогаш Заев.

Прислушувањето потоа доби други димензии откако се дозна дека вакви централи има и во другите институции, а власта најави дека допрва ќе ги проверува.

Зврлевски даваше исказ и пред дисциплинската комисија која истражува дали има одговорност кај него и други тројца обвинители кои не извршиле увид на самото место по крвавиот упад во Собранието. Ниту за ова никој не е одговорен иако и Јовески тврди дека тоа што не се направил веднаш увид нанело голема штета на истрагата.

Обвинителите истражуваат одговорност кај поранешниот шеф, но уште ја немаат докажано. Во меѓувреме тој отвори адвокатска канцеларија.

Превземено од Независен мк

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This