April 23, 2024, 10:57 pm

ЗЛОТО ВО СДСМ НЕ СТИВНУВА: „Шарената револуција“ пропадна, на ред е црна изборна кампања

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Неизмерна омраза кон политичките противници од македонскиот кампус и изнасилена љубов кон тие од албанскиот. Ова е најкусиот опис на социјалдемократската предизборна мантра, која премина во класика. За едните вадење на најдлабоките црнила и лаги, за другите, пак, обилно „следување“ симпатии и душогрижливост. Второто зачинето со многу глума. А, актерскиот обид лош, исто како и обидот за глумење политичари, ролја која, едноставно, не им прилега. Неефектно дејствување, со проверен лош резултат, но повторно во употреба?! Мазохизмот не може да биде оправдување…zoran-zaev-fb
Можеби, неизмерната омраза кон политичките противници од македонскиот кампус и изнасилената љубов кон тие од албанскиот е востановениот урнек на дејствување и класичната политичка мантра во изминатите 25 години, но вистинското разоткривање на наместената игра дојде до израз минатите две-три години со последниот, актуелен лидер. Веројатно, најголемата вина лежи токму во неговите катастрофални актерски способности и фацијалната експресија која го издава секој потег и комплетната, не така сложена, внатрешна состојба. Што е право, неговиот претходник и ментор Црвенковски имаше многу подобри предиспозиции за кариера во театар. На неговиот наследник, пак, штиците што живот значат му се лоцирани и изделкани некаде меѓу полето на тендерите и политикантството. Нејсе што неколку и му „фалат“, но глумата сигурно не е неговиот фах. Можеби затоа би се закитил со „Златна малинка“ и од жири-комисијата на Македонците и од истата на Албанците. Првата од сонародниците за најлоша режија на планираниот трилер со „бомбите“, кој испадна евтина комедија, втората за најлоша глума на политичар што ги сака и почитува Албанците.

Црни комуњарокумулуси се зададоа над Македонија
komunjari-analiza
Далеку пред кампањата воопшто и да почне, црни кампањски опозициски облаци се зададоа над Македонија. Предвесници на опозициската грдотија која следува, макар биле пуштени пред воопшто и да се знае дали ќе има избори. Овие облаци нема да бидат ниту кумулуси, стратуси, цирокумулуси, кумулонимбуси, алтокумулуси ниту, пак, цируси. Кај нас се работи за уникатен, ендемски вид облак, пуштен со пресметана намера. Неговото име е непознато во хидрометеорологијата, но, најверојатно, најтесниот избор би паднал меѓу комуњарокумулус или соросус, изберете самите. Проблемот во овој облак, специфичен за македонското тло, сепак, не е во неговата генеза или капацитет, туку во бедниот ефект. Негативниот набој, предизвикан од огромните количества омраза насобрани кај неговите творци, секогаш предизвикува грмотевици кога ќе се судри со позитивниот набој на политичките противници, но ефектот на дејството по неговото минување, особено врз рејтингот на СДСМ, секогаш е еднаков на нула. Некогаш оди и во минус, како и предзнакот на неговото полнење. И покрај сѐ, тотално непромислена од облаковиот ништожен ефект врз граѓаните, партијата, поведена од недостигот на идеи, работливост и програма, без проблем ги користи неговите услуги. Сето тоа фрла силна мазохистичка димензија врз политикантството на македонската опозиција, но начинот на дејствување, поткрепен со нелогичниот избор на нивните лидери, го оправдува заклучокот за милувањето на самоповредувањето кај партијците кои го толерираат тоа што се случува во нивниот двор.

Уште побезобразно и поболно е тоа што за ваквиот шашав пристап, СДСМ плаќа солени пари. Ај што не одат во Македонија, туку во Србија, но изненадува фактот што никој од членството или од постарите основоположници на партијата не побара одговорност или прекин на очебијните глупирања на партијата. СДСМ, во меѓувреме, стана заложник на српските продавачи на скапа магла, состојба која трае подолг период. Истите тие „стратези“ им го продадоа пристапот полн со омраза, им поттурија и половна шарена „револуција“, испукан ќорфишек од Босна и единствено што успеаја е да ги вработат најизвиканите чеда од револуцијата. Очигледно, ветувањето на Шекеринска за нивно ставање на пратеничките кандидатски листи не ги задоволи апетитите на шарените, па дел мораше да вдоми сестринската фирма СЈО на верната поданичка Јанева. Ако некој загуби, загуби СДСМ – да не беа новоникнатите шарени профитери, ќе си вдомеа некој свој невработен и заслужен партиец. И покрај сѐ, работите ќе беа позитивни доколку функционираа како во математиката. Таму, минус и минус даваат плус, кај нас, пак, шарен негативец и социјалдемократски негативец повторно произведуваат минус, само уште поголем. И така се создаде комуњарокумулусот со српски предзнак. Башка, се закити со уште еден ендемски предзнак – облак кој милува да егзистира под чадор?! Во светот, „направијата“ служи за одбрана од продуктот од облакот. Чудесна македонска опозиција…

Втор дел: Како Зоран стана Агим?
zaev-balista-plakata
Пред повеќе од една година пишувавме за ономастичкиот феномен на лидерот на СДСМ. Кога е Македонец и со своите сонародници, од социјалдемократска проминентност, се разбира (оти другата е непожелна и неподобна), тој е Зоран, а кога кокетира со Албанците поради политичките потреби на својата партија, лидерот веднаш се трансформира во Агим. Значењето на името е исто, Агим на албански значи зора, раѓање на денот, исто како и словенското Зоран, нели…

По некое непишано социјалдемократско правило, штом се наближат избори или постои макар и минимална шанса за нив, Зоран без проблем станува Агим. Кире, барем има потреба од јадење банана за трансформацијата, Зоран, пак, го трансформира самата помисла на избори. Нејсе што трансформацијата е бедна и не ја купува ниту еден Албанец, но која е побудата на Зоран да стане Агим?

Опциите се повеќе, но првата е стравот од неизбежниот пораз на истите тие избори. Таа всадена изборофобија, очигледно, го буди Агим кај лидерот, па затоа почнува и инстант кокетирањето со Албанците и подлизувањето. СДСМ, вака преку лидерот, не му се подлизува на албанскиот народ, кој од километар ја гледа глумата, туку на албанските политичари. Пораката е јасна и гласи: „Можеби нема да имаме пратеници колку ВМРО-ДПМНЕ, гарант ќе бидеме многу помалку де, но ние сме четири прсти отворени за вас, ние ве сакаме, ве почитуваме, ќе ви дадеме сѐ. Затоа, аман, коалицирајте со нас, не со Груевски!!!“ Апелот на СДСМ силно одекна пред една година кога Заев најави учење албански за Македонците уште од градинка, реотворање на Рамковниот договор и што ли уште не. Сега, навива за Шкендија, а на три метри од него се скандира за Голема Албанија и се воспеваат Џемо Хаса и Адем Јашари, „Балистите“ се судрија со полицијата, а партијата утредента го чисти Арачиново, но не и Стајковци?! Од друга страна е и лажниот космополитизам, кој е обележје на дејствувањето на заштитничкиот чадор, па вака со еден потег им угодува и на потребите на партијата и на чадорот. Проблемот во непресметаниот ризик е што истиот тој потег сѐ подрастично го оддалечува од македонскиот електорат.

Социјалдемократски парадокс: Србите ги натераа да им се подлизува на Албанците?!
srbi-zaev-sdsm

srbi-albanci
Најтрагичниот и парадоксален момент во целата недоветна социјалдемократска квазиурбана прикаска на приближувањето кон Албанците е фактот дека на тоа, најверојатно, ги натерале Србите?! Верувале или не, но светот би се зачудил и насмеал на бајката дека некаде во светот, особено среде Балкан, Срби натерале некого да им се подлизува на Албанците. Уникатноста на небулозата произлегува од неодамнешната посета на скапите продавачи на магла од северниот ни сосед, документирана со видеото од познатиот џип, сеприсутен кога сѐ уште не се ни знаеше кој го кара Заев на српски. Следуваше Заевата одисеја со Шкендија и партиската во Арачиново. Сега сите го знаеме идентитетот на стратезите што ја доведоа македонската опозиција до ова дереџе, но, сепак, неверојатно звучи дека Срби му кумуваат на приближувањето кон Албанците, макар било и глума за предизборно подлизување на албанските лидери, кои поради тоа треба да пристапат на коалиција со минорниот по број пратеници СДСМ. На избори, биле во декември или во мај, Албанците ќе гласаат за Ахмети, Тачи, Острени, Села, Беса… За Зоран, макар и официјално го сменил името во Агим, сигурно нема да гласаат…

Каракамишева-Јовановска: Кампањите на СДСМ се засноваат на три фронта, сите неуспешни
karakamiseva
Како по правило, кампањите на СДСМ се едни те исти, личат како јајце на јајце, со иста политичка реторика и идентичен стил на упатени политички дисквалификации кон противникот, вели проф. д-р Тања Каракамишева-Јовановска од Правниот факултет во Скопје, според која анализата на изборното однесување на оваа партија во континуитет покажува силна доминација на негативната кампања, доминантно силни напади кон политичкиот противник упатувани преку разно-разни фабрикувани информации, лаги, конструкции, дезинформации, смислени спинови и други пропагандистички алатки.

Каракамишева-Јовановска: Факт е дека употребната вредност на овие измислици и клевети, од изборен циклус до изборен циклус, засилено опаѓа бидејќи, едноставно, не наидува на прием кај мнозинството македонски граѓани. И не само кај македонските граѓани. Ако се анализираат изборните кампањи во Европа, може да се забележи силно опаѓање на тежината на црната, наспроти позитивната кампања. Граѓаните не сакаат да слушаат црнила. Сакаат да чујат нешто ново, што ќе им го подобри квалитетот на нивниот живот и на животот на нивните семејства. Впрочем, и целта на постоењето и дејствувањето на партиите во системот е да даваат, да нудат решенија за подобар живот на граѓаните. Само најочајните политички партии, тие што навистина немаат што друго да му понудат на електоратот, се свртуваат кон црната кампања и излезот го гледаат, единствено, преку црните канали. Концептот на максимално оцрнување на политичкиот противник во јавноста, без ниту еден позитивен пристап во кампањата, не носи изборни плодови, но во ситуација на безизлез кога партијата нема друга понуда, тоа е главната политичка филозофија на партиското функционирање. Ако се погледнат сите досегашни изборни кампањи на СДСМ, се забележува дека фокусот на нејзиното претставување пред јавноста е преку оцрнување на политичките противкандидати. При тоа, црнилата на пропагандистичката машинерија на оваа партија се главно фокусирани на три фронта.

Првиот и најстар фронт што СДСМ го води во изборната кампања против ВМРО-ДПМНЕ е поврзан со ширењето лаги, клевети и дезинформации во јавноста дека, наводно, ВМРО-ДПМНЕ е партијата што постојано игра на картата на разгорување предизборен екстремен национализам што, според медиумските спинери во СДСМ, му носи најголем успех меѓу своето членство, но и кај добар дел од останатите македонски граѓани. Овој фронт задолжително го отвора прашањето колку ВМРО-ДПМНЕ, наводно, манипулира со интересите на албанската малцинска заедница и колку е легитимен односот што оваа партија го има во коалицијата со помалиот коалициски партнер. На сите досегашни изборни циклуси, СДСМ го поставува ова прашање како клучна оска околу која потоа ги извлекува и сите други тези и манипулации. Прашањето за односот Македонци-Албанци и проблемите што, наводно, постојат во тој однос се дежурна тема што СДСМ постојано предизборно ја отвора со цел да го обвини ВМРО-ДПМНЕ дека игра лицемерно со ДУИ и со Албанците во земјата.

Од друга страна, ако се погледне дводецениското политичко однесување на СДСМ кон Aлбанците, да се потсетиме, пред сѐ, на гостиварските настани, негаторскиот однос на СДСМ кон правото на Aлбанците да се образуваат на својот мајчин јазик на факултетите и слично, ќе се појават конкретни политички чекори што оваа партија ги има направено против интересите на Aлбанците, кои се силно дискриминаторски и омаловажувачки за албанската заедница. Можеби, токму оваа мува на капата на СДСМ ги тера креаторите на изборната пропаганда на партијата намерно да ги актуализираат овие болни прашања за СДСМ со цел перење на старите партиски гревови и внесување нови политички ветришта во релациите со албанските политички субјекти. Проблемот не е во додворувачкиот и неискрен однос што СДСМ го манифестира во периодов кон припадниците на албанската заедница. Проблемот е многу подлабок и настанува во моментот кога историски најголемата омраза кон некого се врти и се претставува како вистинско покајување за направените гревови со желба работите, наводно, да се испеглаат до степен што изгледа комично во јавноста. Неискреноста и наводната љубов што Заев ја покажува периодов кон Албанците е смешна политичка конструкција на која не може да издржи целата смислена политичка кампања. Заев е свесен дека мувата што ѝ стои на капата на СДСМ мора да се тргне некако. Ама модусот како да се изведе тоа се чини е прилично проѕирен, на моменти и несмасен и изгледа прилично вештачки. Мувата може да се тргне од главата повремено за оние граѓани што имаат кратко памтење. Оние другите, што точно ги памтат политиките и чекорите на СДСМ кон Албанците, нема да се фатат на овие партиски мамки. Љубовта на Заев кон Албанците е евтин политички спин што нема никакво значење меѓу нив, а има сериозен негативен одек меѓу Македонците. Можеби, помирен со катастрофалниот рејтинг меѓу Македонците, Заев игра на последната карта во изборниот ракав, додворување кај Албанците со цел преку нив тој да дојде до некаква минимална шанса за политичко враќање на сцената. Тој е свесен дека голем дел од македонскиот електорат го има избришано името на Заев како можна алтернатива на Груевски.

Вториот фронт на кој се засноваат сите изборни кампањи на СДСМ е поврзан со главната сдсмовска мантра – прашањето на наводното продавање на името Република Македонија и на македонскиот идентитет од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, во пакет со критиките што СДСМ му ги упатува на Груевски за нагласената антиквизација на државата. Овој обид се покажа како најмалку успешен за СДСМ бидејќи македонските граѓани не забораваат кој вистински сака да го продаде името на земјата и за кого ова прашање е чиста гимнастика, прашање на виткање на половината. Токму затоа, овој фронт во изборната кампања на СДСМ носи и најмалку резултати во јавноста.

Третиот фронт прашања што СДСМ изборно ги вперува против ВМРО-ДПМНЕ се критиките за целосното претопување на партијата во државата и обратно, секако со неизбежниот пакет прашања поврзани со целосната партизација на државата и партиските вработувања. Интересно е како партијата што прва ја воведе и сѐ уште силно ја практикува политиката на сраснување на партијата со државата, кога ѝ се укажува и најмала шанса за тоа, има образ да зборува за други такви примери во земјата. Партијата што прва го инсталираше системот на партиското вработување и непотизмот во државната и во општинската администрација сега ги критикува другите како го прават тоа без усул и без мера. Што му останува на гласачот кога ќе чуе од СДСМ критика против непотизмот и против политиката на партиските вработувања освен силно да им се изнасмее в лице и да им тресне врата пред нос. Од каде да почнат граѓаните со набројување на стотиците илјади такви примери што СДСМ ги има спроведено во практика?

Тоа што може да се изведе како заклучок е дека СДСМ е партија што никогаш досега не практикувала позитивен пристап во изборната кампања во која со политичките противници ќе се натпреварува со идеи, размена на различни концепти, визии и проекти за подобрување на вкупната состојба во државата. СДСМ никогаш не излегол на мегдан со ВМРО-ДПМНЕ да се натпреварува со факти, бројки и конкретни концепти за унапредување на државата, со предлози за подобрување на стандардот на граѓаните, со предлози за привлекување нови странски инвестиции, со идеи за подобар живот на граѓаните. Мора да се признае дека за целата оваа активност се потребни многу способни и успешни поединци, со кои оваа гарнитура на СДСМ не може да се пофали, што ќе седнат и ќе сработат нешто корисно и добро за земјата. За позитивна кампања се потребни не само успешни поединци, туку и квалитетен лидер што инспирира и понесува напред. Изгледа дека ќе се изначекаме уште многу изборни циклуси додека СДСМ порасне во вистинска партија што, наместо деструкција, ќе донесе свежина, нови идеи и конструктивност на политичката сцена.

Извор: Неделник „Република“ бр. 209

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This