ЗОРИЦА НУШЕВА СО УЛОГАТА НА „ПЕТРУНИЈА“ ГО ОСВОИ БЕРЛИНАЛЕ!

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

„Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на Теона Стругар Митевска вчера ги освои не само акредитираните новинари кои присуствуваа на првата проекција, туку и илјадната публика која на светската премиера во 16 часот со бурен аплауз и овации го поздрави првиот македонски долгометражен игран филм што се бори за престижната Златна мечка на 69. Берлинале. Интензивниот дожд и студеното приквечерие, не беа пречка за бројните граѓани кои ги пречекаат актерите на Патеката на фановите пред Палатата на Берлиналето.
На црвениот тепих, во креации на Елена Лука продефилираа режисерката Теона Стругар Митевска во црн костум и Лабина Митевска во црн шизички вечерен фустан, додека ѕвездата на вечерта Зорица Нушева носеше кадифен бордо костум.

И по правилата на Фестивалот, неполн половина час по стартот на премиерата осамнаа и првите исклучително позитивните критики, во кои на пример Петрунија се насловува како „Модерен крстоносец“.

„’Господ постои , името ѝ е Петрунија’ конечно носи весели тонови во трката по Мечките. Секогаш еден од најубавите моменти на фестивалите како Берлиналето е појавата на сосема непозната актерка, која веднаш скока во твоето срце. Лице кое веднаш ви се допаѓа и на кое му посакувате сè најдобро. И Зорица Нушева носи еден таков дух. Во (северно) македонскиот филм во главната конкуренција ‘Господ постои , името ѝ е Петрунија’ на Теона Стругар Митевска, Зорица ја толкува 32-годишната Петрунија, чиј живот е пример за една цела генерација – млада, добро образована, но невработена и без перспективи“, се вели во една од оценките. Филмските критичари понатаму „Господ постои , името ѝ е Петрунија“ го идентификуваат како типичен Берлинале филм. Со сите силни страни и слабости.

„Како сеопфатна општествена критика на Македонија, целата работа е би рекле безопасна. Но, во однос на одредени патријархални структури и над сè близината и јасноста на прекрасниот главен лик, слабостите можат да се превидат. И Зорица Нушева треба да биде сериозен кандидат за берлинското одличје за актерско остварување“, се вели и во критиката на РББ.

Дали по премиерата и реакциите на критиката и публиката Зорица Нушева има очекувања за награда и со други очи, мисли и поголема самодоверба гледа на своето филмско деби?

„Не, навистина немам никакви очекувања и се радувам што без притисоци за некакви награди стасав на фестивалот. За мене ова е огромен успех, што сум тука во Берлин и што филмот е прекрасно примен од публиката“, одговара на прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК Зорица Нушева за која Петрунија е прва филмска улога, по дваесетина улоги во Театар Комедија, нејзиниот матичен театар.
Улогата на Петрунија го доби, како што вели најрегуларно, преку аудиција на која се пријавила во летото 2017. Беше ли изненадена од добивањето на Петрунија?

„За аудицијата за улогата на Петрунија, морам да кажам дека имав многу убави вибрации. Не беше лесно да се долови вистинскиот карактер, затоа што Петрунија има длабоки емотивни амплитуди, но со радост ја преточив во она што е сега пред публиката“, вели Нушева.

Со насмевка и во добро расположение Зорица откри и неколку детали од нејзиниот приватен живот – родена е во Делчево, живее во Скопје, омажена е и има две деца, Илиана и Ѓорги (2 и 3 години) за кои во фестивалските денови се грижат сопругот и бабите.

Режисерката Теона Стругар Митевска, која за разлика од претпладнето на прес-конференцијата синоќа беше видливо релаксирана, одговори на нашето прашање дали нејзиниот последен филм го чувствува како позрел и подобар од претходните?

„Јас лично сакам многу работи да кажам и верувам во слоевитоста на вистината. Приказната е едноставна и поради тоа мислам дека е поприемчива во споредба со моите претходни остварувања. Но, да кажам вака: учам со секој нов филм и се радувам на секој нов предизвик“, вели Теона.

На синоќешниот прием што традиционално се организира по секоја премиера присуствуваше и актерската екипа Мони Дамевски, Суад Беговски, Стефан Вујисиќ, Виолета Шапковска, Џевдет Јашари и Бајруш Мјаку, како и министерот за култура Асаф Адеми и директорот на Агенцијата за филм Горјан Тозија и бројни гости од филмската фела и дипломатијата.

„Господ постои, името ѝ е Петрунија“ ќе има вкупно 8 проекции на Берлинале.

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This