ЗОШТО БУГАРИЈА ПРВА ЈА ПРИЗНА МАКЕДОНИЈА?

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Покрај своите неразумни барања кон Македонија, Софија постојанo нескромно се фали дека биле првата држава што ја призна нејзината независност. Тоа е неспорен факт ама позадината на тој чин не е баш за удирање во гради. Во декември 1991, Германија предвреме и унилатерално ги призна Словенија и Хрватска со што го минираше договорот постигнат во Брисел, признавањето да се случи заеднички од страна на ЕЗ (ЕУ), на 15 јануари 1992. Пред неколку месеци, за таа цел беше формирана ткн. Бадентерова комисија, чии предлогот требаше да биде обелоденет токму на тој ден. Меѓутоа, откако Берлин предвреме дозна дека комисијата ги предлага Словенија и Македонија а не и нивниот сојузник, католичка Хрватска, на крајно некоректен и груб начин го анулира договорот на ЕЗ (ЕУ). Потоа, Брисел веќе немаше избор освен да ја следи одлуката на Берлин и, на закажаниот 15 јануари 1992, исто така да ги признае овие две држави. Се’ друго ќе беше создавање на длабока криза во Заедницата. Тоа се случуваше бргу по обединувањето на Германија која, на овој начин, ги демонстрираше своите мускули, со што беше изиграна Македонија. Овој крајно некоректен потег на Германија и нанесе непроценливи штети на земјата, која остана непризнаена. Целосно беше промената нејзината иднина, бидејќи беше спречена да го добие тоа што и следуваше, според извештајот на Бадентеровата комисија. Ова се непобитни факти иако мора да се знае дека германските потези не беа само нивна политика против Македонија туку дел од пошироко сценарио, кое тогаш се скицираше во Вашингтон. Истото тоа трае до денес и максимално прецизно се спроведува. Според тоа, не може да се тврди дека и Брисел, без бесрамното мешање на Берлин, ќе го прифатеше предлогот на Бадентеровата комисија за Македонија. Сепак, во таков случај ќе се создадеа нови услови, модалитети и обврски, кои не можеа да бидат полоши за земјата од создадените.
Во услови кога ЕЗ (ЕУ) се покажа недостојна за улогата која објективно ја играше во Европа, реагираше Софија и на истиот ден (15 јануари 1992), ја призна независноста на Македонија. Тоа секако беше важен потег за нашата земја ама само начелно и привремено. Доследна на своите историски небулози, и во оваа пригода Бугарија јасно стави до знаење дека не признава постоење на македонска нација и јазик. Ако ја признаа државата а не и народот кој живее во неа, може единствено да значи дека Македонија ја признаа само како втора бугарска држава. А сегашната бугарска уцена и агресија, всушност, има за цел и ние да го признаеме тоа.
Зошто Софија прва ја призна Македонија? Кон крајот на 1991 и почетокот на 1992 година, Софија имаше доволно информации, и политички и од тајните служби, дека признавањето на Македонија нема да биде лесна работа и дека нејзината иднина не е јасна. Прво, сигурно се плашеа дека земјата може да се врати во некаква нова Југославија, со што сите нивни вековни аспирации дефинитивно ќе паднат во вода. Второ, беа свесни дека Македонија може да се распадне и затоа сметаа дека треба да опстане, се разбира како дел од идна големо бугарска држава. Ако Софија немаше скриени намери, нормално ќе беше веднаш да воспостави дипломатски односи и да прати амбасадор во Скопје и на тој начин навистина да и помогне на Македонија. Меѓутоа, ништо од тоа – тие тргнаа и застанаа. Очигледно се уплашија дека со дипломатски односи и амбасадор во Скопје, доколку дојде до распад на земјата, ќе бидат надвор од дворските игри за нејзина поделба. Ќе бидат дисквалификувани од страна на тие што не ја признаа независноста и кои би имале поширок маневарски простор. Пропуштената шанса ја искористи Турција која Македонија ја призна на 6 февруари 1992 и веднаш воспостави дипломатски односи и го прати првиот амбасадор во Скопје. Бугарскиот дојде многу подоцна. Следеа признанија од Словенија, Хрватска, Филипини, Белорусија…
Од наведените факти е видливо дека Бугарија не ја призна Македонија како израз на поддршка и пријателство, ниту тоа беше резултат на некаква добра намера, за што би требало да и бидеме благодарни, туку производ на чисти калкулации и можност од воено профитерство. Се чини дека не само што нема многу за фалење од нивна страна, дека биле први, туку има повеќе работи од кои треба да се срамат. Во тој период Софија учествуваше и на трилатерални средби со нашите соседи, на кои тема беше токму Македонија, а без наше учество. Тоа во никој случај не беа гестови на пријателство бидејќи нивните соговорници имаа отворени претензии кон нашата земја. Милошевиќ, на пример, на Мицотакис тогаш му предлагаше поделба на Македонија.
Нации и јазици меѓународно не се признаваат, ниту тоа Македонија го бара од Бугарија или од која било друга држава. Во дипломатијата, кога се признаваат државите тоа под автоматизам подразбира дека се признава или, поточно, прифаќа и народот што живее во таа земја, јазикот кој го зборуваат и се’ друго што е карактеристично за неа. Бугарскиот преседан во светски размери лежи во фактот што Софија ја прифаќа државата (Македонија), значи формата, ама не и содржината! Поголеми апсурд и глупост, тешко можат да се замислат. Проблемот е, меѓутоа, кај нас: додека тие јавно и отворено не игнорираат, ние се правиме недоветни и си молчиме. Дури потпишуваме и некаков договор за пријателство и соработка со некој што отворено и гласно тврди дека не постоиме. Со тоа се руши достоинството на државата и претставува игнорирање на самите себе. Бугарската бесрамност дека не постоиме како народ, која постои макар 150 години, максимално ја разработи нивниот диктатор Тодор Живков а сега само се повампирува. Бугарите живееја мизерно за време на живковизмот. Беа најголеми сталинисти во источниот блок и нивниот тоталитаризам не им дозволуваше да патуваат на Запад, за да не видат како живеат луѓето таму и да станат свесни за својата беда. И, во такви (не)услови, за да го замајуваш народот, најлесно е разгорување на бесмислици за Голема Бугарија, во кој треба да биде и Македонија.
Жалосно е што истата политика е актуелна во Софија и во 21 век. И покрај членството во ЕУ, таму повторно владее материјална и духовна сиромаштија, максимално комбинирана со криминал и корупција. Од земјата веќе побегнаа можеби и преку милион луѓе. Најновите нивни фантазмагории околу Македонија треба да се гледаат и во тој контекст.
Тешка будалштина е бугарската теза дека Македонците се измислена нација. Зарем е можно на бај гањовци да не им е јасно дека народ не може да се измисли? И Коминтерната, и Тито, само ја признале реалноста и ништо повеќе. Со сила не можеш да дадеш, можеш само да земеш. Нас, никој со сила не можел да не прави Македонци. Народ или постои или не. Трето – нема, а Македонците биле реалност макар со векови ако не и со милениуми. Додека народ не може да се измислува, историски докажан факт е дека може да се истребува. Такви примери имало многу а истото се прави и со Македонците во Бугарија. Стручно, тоа се вика геноцид. Колку време Софија ги малтретира Македонците и, чекор по чекор, ги истребува? А тие се’ уште се тамо и ќе бидат вечно. Бугарија е на столбот на срамот со 13-те пресуди на Европскиот суд за човекови права, со кои е осудена токму заради игнорантскиот однос кон Македонците. Заради нив е и под постојан мониторинг на Советот на Европа. Кога ќе им дојде умот на политичарите во Софија дека со сила аир не бива? Дури и кога таа се користи преку 100 години, без суштински резултати, како во нивниот случај со негирање на Македонците?
Бугарија имаше голема среќа што САД, кон крајот на 1990-тите години, беа заинтересирани да и го отворат патот за НАТО, заради заобиколување на Русија со членки на алијансата.

Бугарските проблеми со Македонија, кои сега експлодираат, беа општо познати и мораа претходно да се решат бидејќи пракса е проблемите на кандидатите со соседите да не се внесуваат во организацијата. За таа цел, американскиот заменик државен секретар, Строут Талбот, подготви за нас капитулантска декларација, која ја потпишаа премиерите Георгиевски и Костов. Со тој наш крајно погрешен чин, потврдивме дека меѓу двете земји нема отворени прашања и и’ овозможивме на Бугарија да стане членка на НАТО а подоцна и на ЕУ. Најапсурден во сето тоа е фактот што привремено и само формално решивме тежок бугарски проблем и историски синдром со наши крајно неразумни отстапки. Нашите постапки беа надвор од умот. Место ние да поставувавме услови, американците нас не докусуруваа: не натераа да се откажеме и од јазикот наш македонски и од нашето малцинство во Бугарија. Поголем аматеризам тешко може да се замисли. Се разбира ако не е во прашање нешто пострашно. Притисокот на Вашингтон сигурно бил жесток ама оправдување за ова национално предавство – нема и не може да има. Најстрашно е што тоа кај нас речиси никој не го разбираше ниту тогаш, ниту сега. Тоа се нашите реални, крајно рудиментирани политички и дипломатски капацитети. И, кога така се однесуваш, казната мора да те стигне. Сега, како услов за наш влез во ЕУ, Бугарија отворено сака дефинитивно да не сотре како народ. За жал, не се сами во таа намера. Сепак, во едно се во право: одамна ни порачаа дека нивната поддршка за ЕУ нема да биде безусловна! Арно ама кај нас и тоа нема кој да го разбере. Така е бидејќи нашите “политичари“ исполнуваат туѓи интереси. Се прават и големи христијани и на лошо враќаат со добро. Тоа што курбан ќе оди народот, не ги интересира многу.
Договорот за пријателство е истиот текст од декларацијата од 1999, само малку проширен, со наши нови предавнички отстапки, како што е измислената заедничката историја. Токму тоа е основата на сегашната бугарска агресија, што е директна потврда дека и договорот е во американска режија. Нема два народи што имаат иста историја.
За среќа, ништо што е со сила наметнато, нема шанси за долгорочен успех. Американскиот претседател, Линколн, рекол – ништо не е трајно ако не е коректно решено. И Черчил ни испратил добра порака – ако поминувате низ пекол, продолжете со одење. Друг избор и немаме и овие вистини треба самите ние да ги потврдиме. А ако не не’ бива и не треба да опстанеме.

Ристо Никовски

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This