ИВАНОВ: Договорот од Преспа е правно и историско поништување на Македонскиот народ!

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

„Кога сте подготвени едно прашање да решите по секоја цена, тогаш цената е највисока. Цената на ваквото решавање на македонското прашање е правно и историско поништување на Македонскиот народ, бидејќи без македонски народ, македонски идентитет и македонски јазик, нема ниту македонско прашање. Со други зборови, прашањето за идентитетот ќе се реши со негово поништување. Со тоа, Република Македонија и македонскиот народ се втурнати во правна, политичка, историска бездна. Пандорината кутија е отворена и сега речиси секој си зема за право да го негира она што е наше стекнато право. И тоа на повеќе нивоа и во повеќе наврати“.

Ова го истакна претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во годишното обраќање пред Собранието, коментирајќи ја Преспанската спогодба со Грција.

-Донесена со изговор дека треба да стави крај на спорот за името со Грција и да го отвори патот за членство во Европската Унија и НАТО, оваа спогодба всушност и става крај на Република Македонија каква што ја знаеме. Спогодбата повредува одредба од внатрешното право од фундаментално значење. Текстот на таа Преспанска спогодба е изготвен без национален консензус, без мое знаење и без моја согласност како Претседател на Република Македонија, рече претседателот Иванов.

На референдумот на 30-ти септември, според претседателот Иванов, народот се соочил со лажна алтернатива – избор меѓу просперитет и идентитет.

-Референдумот беше неуспешен. Со недоволната излезност на референдумот, народот се изјасни против избрзани, наметнати и штетни решенија донесени без претходно постигнат национален консензус. На 30 септември, со негласање, тивкото мнозинство донесе гласна одлука. Одлука дека никој нема мандат од народот да го менува Уставот заради промена на уставното име ниту право да тргува со идентитетот, рече претседателот Иванов.

Најголемиот успех на оваа Влада, рече Иванов, е што ја убеди меѓународната заедница дека референдумот ќе биде успешен и дека народот ќе ја поддржи Спогодбата од Преспа.

-Но, на крајот од денот, и претставниците на меѓународната заедница се соочија со фактот дека народот ја отфрли Спогодбата. Веднаш потоа, Владата започна да бара изговори и виновници за неуспехот. Мојата порака е да не се бараат изговори. Причината за неуспехот на референдумот е едноставна. Народот препозна дека е уценет и ја отфрли уцената, рече Иванов.

Со бојкот на референдумот, рече Иванов, народот го одбрани своето право на постоење и го зачува стекнатото право на самоопределување.

Во секоја функционална демократија, според Иванов, пропаднатиот референдум ќе значеше крај на процесот.

-Но, за жал, тоа не беше случај кај нас. И покрај официјалните резултати, видовме обиди за слободно толкување на Уставот и законите на Република Македонија со цел неуспешниот референдум да се претстави како успешен, како пред домашната, така и пред меѓународната јавност. Мнозинството во ова Собрание не само што не ја почитува, туку оди спротивно на волјата на народот, рече претседателот Иванов.

„Република Македонија е нашиот заеднички дом. Вие наумивте да го реконструирате со тоа што ќе ги отстраните неговите носечки столбови и ќе ги поткопате неговите темели. Носечките столбови се Уставот и законите. Темелите се клучните државотворни документи на АСНОМ. Каде е свеста дека со тоа се ризикува да имаме дом со раскопани темели и со разнишани столбови? Зарем таков дом ќе им оставиме на нашите деца и внуци?“, праша Иванов пред пратениците.

Можност за натамошен развој на односите со Грција Иванов гледа во, како што рече, враќање кон автентичните и ненаметнати мерки на градење на доверба кои, според него, почнале да даваат резултати, како и преку обновување на националниот консензус во Република Македонија.

-Треба да разговараме и да ги разгледаме опциите за решавање на прашањето во согласност со меѓународното право, преку почитување на нашето фундаментално право на самоопределување. Но, за тоа е потребна политичка волја, тука, кај нас, рече претседателот Иванов во Годишното обраќање во Собранието.

https://www.facebook.com/iNFOMAX.mk/videos/432480030622691/

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This