- Advertisement -

Собранието на Република Македонија на денешното продолжение на 22. седница со 61 глас „за“, еден воздржан и ниту еден против го избра Љубомир Јовески за државен јавен обвинител.

Расправата по неговиот избор и гласањето се одржа без присуство на пратениците од опозицијата.

Јавниот обвинител има мандат од шест години со право на повторно именување.

Шеесет и тригодишниот Јовески во своето досегашно работење постапувал во кривичната област. Повеќе од 15 години работел како судија по кривични предмети, а во еден мандат раководел со Основниот суд Скопје 2, а има и работно искуство од над 12 години како јавен обвинител и седум години во областа на извршување на кривичните санкции.

Јовески во 1979 година станува приправник во Републичкиот Секретаријат за правосудството на Социјалистичка Република Македонија. Од 1987 година бил судија во Општинскиот суд Скопје 2, во 2003 година е избран за заменик јавен обвинител, а од 2015 година е член на Советот на јавните обвинители на РМ.

Досега оваа функција ја извршуваше Лилјана Спасевска, откако Марко Зврлевски беше разрешен на 17 август годинава.

По изборот на Јовески, претседателот на Собранието Талат Џафери ја прекина работата по оваа седница и рече дека пратениците дополнително ќе бидат известени за продолжението.

Џафери даде пауза, за како што рече, да се завршат постапките околу свечената обврска на новоизбраниот јавен обвинител.