ИНСПИРАТИВЕН ГОВОР НА МАНЕ ЈАКОВЛЕСКИ: Очекувано беше да бидеме жртви поради руските гасоводи и кинеската железница!

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

mane-1Велат: Во младоста е храброста, во староста е мудроста! Нас, сите во ВМРО-ДПМНЕ, не’ красат и храброста и мудроста! Непобедиви сме, затоа што сме обединети и единствени. И секогаш прекалени, доаѓаме до решение за Македонија и за Македонците.

Затоа народот не’ сака и не’ почитува! Затоа народот во ВМРО-ДПМНЕ верува!Затоа што ветуваме и исполнуваме!
Нам не ни треба мандат од туѓи и други метрополи! Нашиот мандат е во народот и народот секогаш ни’ верува, гласа за нас, заедно сме победници!

Така и ја почнавме партијата.
Во предвечеритето на распаѓањето на поранешна Југославија, кога патриотите дома и политичката емиграција во странство по предлог на Драган Богдановски бевме решени да формираме Демократска партија за македонско национално единство, именувана со ВМРО! Го поткренавме вековниот стремеж на Македонците во сите делови на Македонија и во целиот свет: За суверена и самостојна држава Македонија!

И покрај се’, ја формиравме ВМРО-ДПМНЕ, затоа што верувавме дека слободата и демократијата, сувереноста и самостојноста на последната возобновена Македонска држава лежи во единството на Македонците каде и да се во светот!

И во таа намера успеавме! На референдумот на 8 септември 1991 година, Македонскиот народ, граѓаните на Македонија, во апсолутно мнозинство гласаа “ЗА СУВЕРЕНА И САМОСТОЈНА ДРЖАВА МАКЕДОНИЈА“

Сепак, за сите овие 25 години сувереност и самостојност, бевме соочени со бројни предизвици, бевме исправени пред домашната пета колона и странски платеници, кои не избираа средства да ја остварат целта: Македонија и Македонците – да ги нема! Во тоа, за среќа, не успеаја! Затоа што нашиот вмровски отпор, беше безрезервен и бескомпромисен!

Македонија и денес е соочена со специјална војна, со единствена цел рекомпонирање на власта заради формирање на послушна влада која треба да го промени името на државата и идентитетот на нацијата!

Изложени сме на беспоштедна војна со сите сили и средства на СОРОС,Заев и неговата СДСМ

Издржавме на нападите и навредите, не им дозволивме да не’ испровоцираат, не’ наседнавме на местенки и клевети, останавме достојни во власта за одбрана на мирот и стабилноста на земјата и граѓаните!

Бевме соочени со радикализми, екстремизми, од политички и верски карактер, бевме напаѓани од вооружени терористички банди од странство, но и покрај жртвите, лесна им земја и вечна им памјат, било никогаш да не се повтори, го сочувавме мирот и стабилноста!

Меѓутоа, и сега, секому ставаме до знаење, нека никој не си поигрува со трпеливоста на Македонскиот народ, нека никој не си поигрува со ВМРО и Македонија, затоа што ќе изгори!

Нашата црвена линија е мирот и безбедноста на Македонскиот народ, на граѓаните, суверенитетот и територијалниот интегритет на нашата единствена татковина Македонија! Кој ќе се обиде да не’ подрива, ќе возвратиме, да не знае кој пат да го фати пред себе!

За очекување беше да бидеме жртва на контролирана нестабилност и дестабилизација поради руските гасоводи Јужен Поток и Турски Поток, како и поради најавената кинеска железница од Будимпешта до Атина преку Србија и Македонија.

Сите овие предизвици мора да не’ мобилизираат да бидеме активни во секое време, со сите сили и средства: Да ги браниме и одбраниме Македонија и Македонците, впрочем тоа е и Аманетот од тие кои не се меѓу нас живите!

Младите во Македонија имаат посебна задача во тие политики и стратегии на партијата и во државата: Да ги совладаат новите технологии, да се надградуваат со знаења, и во иднина храбро и мудро да ја водат Македонија и Македонскиот народ.

И сето тоа со силна љубов меѓу нас Македонците, со вера во Бога и за татковината Македонија, за семејството, за Бога и за Македонија!

ВМРО-ДПМНЕ се бори за среќата на сите, затоа што нашиот аманет е Македонија и Македонците!

И никогаш да не заборавиме, дека Македонија е фениксот, Македонците се пирејот! Никој нема да не’ откорне од Македонија и никој нема да го смени нашиот праисконски код:
Ова е Македонија, ние сме Македонци, зборуваме на македонски!

Единствена организирана сила која стои на патот да не дозволи разнебитување на земјата, тоа е ВМРО ДПМНЕ со своето членство, симпатизарите и народот од 2006 година до денес ни дава доверба.

Последните рејтинзи покажуваат дека таа доверба не е намалена и дека политиките кои ги води претседателот Никола Груевски даваат резултати.

Меѓутоа, не смее да се опуштиме, туку треба да ги збиеме редовите и да дадеме решителен одговор на опозицијата и тие кои ги поддржуваат од надвор, зошто народот во земјата и дијаспората тоа од нас го очекува

Затоа е потребно да ги потсетиме сите на следното:

“На 17 јуни 1990 година, ден недела, во салата на домот на младите 25 мај во Скопје, се собраа неколку стотини патриоти од сите краеви на Македонија, од Европа, Америка, Канада, Австралија, пиринска и егејска Македонија на Основачкото собрание на ВМРО-ДПМНЕ.

Од говорницата беше изговорено: Македонија ќе има своја армија, своја валута, сопствена дипломатија и ќе има сопствени македонски амбасадори, македонска репрезентација во фудбал, кошарка, ракомет… Ќе ги има сите белези на една современа европска држава.“

Од тогаш до денес, партијата помина низ многу искушенија и премрежија, но секогаш беше на браникот на татковината и интересите на сопствениот народ.

Денес, не се казнува ако кажеш дека си Македонец! Денес е гордост да се каже дека си за Македонија и за ВМРО!

Затоа, треба да им кажеме едно големо благодарам на сите, за се` што направиле, или многу од нив го дале својот живот за Македонија.

Да ги спомнеме и да се поклониме на Драган Богдановски, Никола Клусев,Јордан Мијалков, Борис Трајковски, Костадин Диневски-Динката, чичко Дуле, комитите.партизаните, бранителите од 2001, осумтемина македонски полицајци кои ги дадоа своите животи бранејки ја Македонија минатата година во Куманово.
Да се потсетиме и на 13 август 1951 година кога биле убиени петте струмички студенти, Мирко Пецев, Ѓорги Јармов, Ѓорги Костуранов, Борис Белев и Стево Топчев. Млади луѓе, од 20 до 23 год.Нивната идеја била слободна и независна Македонија.

Ова е еден од моментите кога достоинствено можеме да извикнеме, Слава им на сите кои се бореле за ВМРО и за Македонија!

Во годините кога Македонија со крупни чекори тргна напред, кога во однос на евроинтеграцијата земјата беше најуспешна и добиваше препораки и единствена пречка беше Грција заради името, опозицијата на чело со Заев наметна нови предизвици кои и’ нанесоа огромна штета на нашата држава.

Секојдневно нешто измислуваат, а позитивните работи кои ги прави Владата на ВМРО-ДПМНЕ ги претставуваат како лоши. Постојано критикуваат и за постапки од минатото, во кои тие самите беа замешани или тие беа организатори. Измислија нешта кои не ги прифаќа, ниту одобрува, ниедна демократска држава во светот. Тажно е кога на таков низок начин покажуваат каков е и каков би бил нивниот принцип на практикување на власта и на демократијата.

Од 1990 година до денес, СДСМ само еднаш беше победник на непосредни избори и освен интриги, не покажа никакви квалитети.

Напротив, СДСМ носи вина за лошата криминална транзиција во која над 200.000 луѓе останаа без работа, за издадените македонски државјанства на 150.000 косовари во Македонија со што се промени етничката карта на земјата, за несреќната референца БЈРМ, за промена на знамето, за лошата територијална поделба и за што уште не’! Со своето недржавничко однесување, тие цело време ја загрозуваат стабилноста на државата Македонија.

Денешното раководство на СДСМ, за жал, не извлече поуки од минатото. По повеќекратните порази на локалните, претседателските и парламентарните избори, наместо да дојде до промени на политиките кои ги бара новото време, се уште се служат со старите комунистички методи на интриги, уцени, закани, заплашување со војни, немири и дестабилизација на Македонија.

Денес, кога СДСМ ја втурна нашата земја во политичка криза, поддржана и исконструирана од надвор, се појавија и неколку наши бивши политиканти, да ја “спасуваат“ ВМРО-ДПМНЕ.

На многумина веќе им е јасна нивната улога во ова сценарио, што го спроведува лидерот на СДСМ Зоран Заев заедно со СЈО и кој нив ги повикал да ја спасуваат ВМРО-ДПМНЕ и од кого да ја спасуваат?
Дали тие ќе ја спасуваат Од нас основачите, ветераните? Од младите, Или пак ќе ја спасуваат од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски ?

Почитувани, ВМРО ДПМНЕ ја продолжува македонската борба за името, идентитетот, државата, но и создава услови за подобар живот на сите и иднина на нашите деца и внуци.

Денес, народот се прашува, а македонскиот народ покажа повеќепати, дека нема да дозволи никој да ја загрози нивната иднина.!

Тоа нема да го дозволи и зошто многу македонски патриоти, војводи, комити, партизани, ги положиле своите животи на олтарот на слободата за независна Македонија!
Денес, нив ги нема веќе меѓу живите, но остана споменот за нив и нивниот аманет: Да се истрае во борбата за самостојна и национална држава на македонскиот народ и таа да се чува како очите во главата!

Денес, кога имаме своја Македонска држава, да не ги повторуваме грешките од минатото, да не се делиме, да се бориме за македонското национално единство, да ја продолжиме идеологијата и Аманетот на ВМРО.

Почитувани, како најблизок пријател и истомисленик на Драган Богдановски тврдам, доколку би бил жив денес, би се гордеел со сето она што досега го има постигнато владата на ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер Никола Груевски.

Ние, основачите, ветераните на ВМРО ДПМНЕ, му даваме целосна поддршка на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Го поддржуваме лидерот на партијата, да истрае на патот по кој чекори и заедно да ги победиме сите зла исправени пред Македонската држава и народот.

На сите кои не и мислат добро на Македонија им порачуваме: Не си играјте со Македонија и ВМРО-ДПМНЕ, седете подалеку, за да не се изгорите, долга е раката на ВМРО!

Претседателот Никола Груевски го продолжува аманетот на основоположниците на ВМРО-ДПМНЕ и секојдневно го пренесува на оваа денешна младина која се повеќе ја спознава важноста и значењето на ВМРО-ДПМНЕ како политички субјект и како автентична македонска идеологија и Аманет.

Претседателот Никола Груевски успеа да го воздигне ВМРО-ДПМНЕ, да му даде нов елан на Македонецот, да верува во ВМРО-ДПМНЕ
ВМРО-ДПМНЕ, предводена од претседателот Груевски, на последните демократски избори постигна резултати невидени до денес.

ВМРО-ДПМНЕ денес е голема, модерна, стабилна партија со силни демократски вредности, со идеологија на четирите свети букви ВМРО!

Денес да се биде член на ВМРО-ДПМНЕ, е привилегија и влог за иднината на Македонија.

2 КОМЕНТАРИ

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This