КАЗНА ОД 50 ЕВРА ЗА ПРАВЕЊЕ АЈВАР ПРЕД ЗГРАДА

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Традиционалното сезонско приготвување ајвар и туршија почна, но годинава општинските инспектори и редари се поригорозни од минатите години, барем што се однесува на бројот на изречените казни. Долго време по воведувањето на Законот за јавна чистота наместо казни, редарите и инспекторите изрекуваа само усни опомени. Оваа година по редовните контроли по оваа основа деновиве се изрекуваат и по десетина казни секојдневно, велат од градот.

ajvar

Како што изјавуваат граѓаните на почетокот им било нејасно што конкретно претставува казниво дело, и зошто печењето пиперки би претставувало проблем. Но според законот тоа што всушност е забрането е поставувањето ќумбиња на јавни површини, нивно палење и оставање неред. Заработуваат казни и продавачите на големо на зеленчуци на јавни површини, велат надлежните.

– Користењето на јавните површини за приготвување зимници од аспект на уништување на јавните површини е забрането, во согласност со законот од 2008 година, и ако комуналните редари и инспектори затекнат прекршители на комуналниот ред ќе им изречат казни од 50 евра во денарска противвредност. Продавањето на големо на зеленчуци на јавни површини е исто така забрането и за тој прекршок казната е иста. Градските инспектори и комунални редари ги спроведуваат законските одредби и секојдневно по двете основи се казнуваат по десетина прекршители – известуваат од градот Скопје.

Оттаму апелираат до сите граѓани да се однесуваат совесно, бидејќи контролите ќе продолжат и сите што ќе бидат фатени како го прекршуваат законот ќе бидат казнети од страна на општинските инспектори, комунални редари или, пак, полицајците.

Најмалку засегнати од овој закон се оние што живеат во куќи и поседуваат свои дворови бидејќи законот не вклучува и приватни површини. Решение се наоѓа и за граѓаните што имаат викендички, оти можат да заминат таму за да ги наполнат теглите. Но за преостанатите, останува да се снаоѓаат. Некои од нив за оваа домаќинска дисциплина ги користат балконите на зградите. Постојат и граѓани што не го поддржуваат домашното приготвување ајвар, и сметаат дека тоа воопшто не е соодветно за градските населби.

– Сметам дека печењето пиперки во центарот на Скопје е навистина невкусно. Цел град мириса на пиперки, а чад се појавува од секоја страна. Моите соседи порано пред зградата седнуваа и неколку дена во целото маало не се дишеше. Сега бидејќи се применува законот, тие немајќи каде, па ајварот го приготвуваат на својата тераса. Со ова не само што не се избегнува миризбата, туку и се зголемува опасноста од опожарување – објаснува С. Тренчовски.

Иако последниве години на витрините во супермаркетите е достапна зимница од најразлични видови во текот на целата година, според домаќинките тие според квалитетот не се на исто рамниште и не може да го заменат домашното приготвување вкусна зимница. Без разлика на тоа дали станува збор за ајвар или за туршија.
Приготвувањето на надалеку познатиот македонски ајвар почна и се очекува во наредните две недели таа кулминира. Во овој период најголемиот број македонски домаќинства, особено оние што имаат внучиња, кои се неговите најголеми обожаватели, ќе се зафатат со приготвување на овој производ самостојно.

Како што објаснува Ратка И. од скопско Нерези за разлика од минатата година во која цените беа необично високи за овој период од годината, оваа есен „ајварката“ на македонските пазари може да се најде од 20 до 30 денари за килограм. Во зависност од квалитетот на црвената пиперка „ајварка“ зависи и нејзината цена. Според нејзините пресметки една голема тегла ајвар од 750 грама подготвена во домашни услови изнесува околу 73 до 85 денари во зависност од тоа дали во смесата се додаваат други зеленчуци, освен црвените пиперки. Таа вели дека оние што не се љубители на приготвувањето, без проблем може да дојдат до вкусниот ајвар во продавница, меѓутоа за тројно поголема цена.

– Јас веќе се зафатив со приготвување туршија и ајвар, кои ни се неопходни во исхраната за време на зимскиот период.
Досега немам испуштено сезона, уживам во овие приготвувања на традиционалната македонска храна, а наедно поминувам време со своето семејство. Рецептот го наследив од мојата мајка. Знаете, моите деца некогаш ме разубедуваат да не се оптоварувам, дека може да се купи и од продавница. Но сите знаеме дека нема ништо послатко од домашно приготвени туршија или ајвар. Мирисот на печени пиперки ме враќа во детството – вели нашата соговорничка.

Извор – Нова Македонија

2 КОМЕНТАРИ

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This