March 28, 2024, 10:45 am

Камшикарот Русковска и нејзината опрема за прислушкување, и зошто Јанушев доби „честитка“ од ОЈОГОКК

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Секој обид да се предизвика концентрацијата на моќ во рацете на шефицата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Русковска, завршува со корективна одмазда врз оној кој се обидел да ја предизвика обвинителката на отчетност и коректност пред јавноста.

Таков беше случајот и со новинарите и медиумите кои откриваа скандали во врска со случајот „Рекет“, отвораа сомнежи за работењето на владини функционери блиски до обвинителката, а таков е и последниот случај со Игор Јанушев.

Јанушев како претседател на собраниската Комисија за надзор на следењето на комуникациите, можеби е единствениот човек во државата кој има право, но и законска обврска да ја провери работата на Русковска, без притоа да биде подложен на т.н. корективна одмазда од страна на обвинителката. Или барем така би мислеле.

Обвинителен акт прецизно испланиран да се поднесе токму вчера (среда 14.07)

Обвинителството за гонење на органнизиран криминал и корупција вчера (среда 14.07) поднесе обвинителен акт против Игор Јанушев, Миле Јанакиески и уште две лица кои во текот на 2010 година, според обвинението, спровеле незаконска набавка на двокатни автобуси за јавното претпријатие за сообраќај – ЈСП Скопје, со што буџетот бил оштетен за околу 4.4 милиони евра.

Реагираше Јанушев кој во изјава за Инфомакс, децидно демантираше дека постапката била „чиста како солза“, а дека тоа е така постои и потврда од второстепената Комисија за јавни набавки, но и од Државниот ревизор.

– Демантирам било каков пропуст. Не е точно дека нема банкарска гаранција, има и за истото постојат и докази и обемна документација. Оваа постапка за набавка на двокатните автобуси беше и обжалена на второстепената Комисија за јавни набавки од каде добивме позитивно мислење, а жалбата беше отфрлена. Дури и Државниот завод за ревизија вршеше проверка на постапката и не пронајде никакви аномалии во истата.

Јанушев додава и дека обвинтелниот акт е фундаментално погрешен, бидејќи услов за набавка на автобусите не била најниската цена туку технички спецификации кои другите понудувачи не можеле да ги обезбедат.

– Услов на тендерот не беше најниската цена, туку техничките карактеристики како јачина на мотор, еколошки стандарди, тип на менувач итн. Се бараше и автобусите да бидат во ретро-дизајн како автобусите од времето на 60-тите и 70-те во Скопје. Кинезите имаа подобри услови, понудија и неколку дизајни кои се уникатни само на Скопје. Другите не понудија ништо од она што беше побарано, вели Јанушев.

Моќ која фрла сомнеж

И, ако недоволн сме запознаени со моќта која ја поседува Вилма Русковска, најверојатно овој обвинителен акт би го толкувале како истрага која завршила неодамна, а денес се поднесува обвинението.

Но не е така.

Токму Јанушев како претседател на Комисијата за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите побарал увид во ОЈОГОКК на мобилната опрема за прислушкување која ја користат надлежните институции, а која се чува во депоата на обвинителството.

Увидот требало да се случи во вторникот (13.07), а по барање на Русковска истиот бил презакажан за петок (16.07). Во меѓувреме, во средата, токму ОЈОГОКК каде што шефува Русковска пушта обвинителен акт против Игор Јанушев за предмет кој цели пет години не може да се докаже основано сомнение. Освен кога е загрозена моќта на Русковска.

Колку за појаснување, Вилма Русковска е задолжена за чување на мобилната опрема за електронско следење на комуникациите (т.н. Финфишер), и само таа дава дозвола која институција може да ги користи. Значи АНБ, МВР или управата за финансиско разузнавање мора да поднесат барање до Русковска за користење на опремата, барање кое го разгледува обвинителката и одлучува дали ќе го одобри. Откако ќе го одобри, надлежната институција ја добива опремата на реверс.

Русковска се правда

Дека Игор Јанушев имал закажано увид во ОЈОГОКК за Инфомакс потврдуваат од обвинителството, а потврдуваат дека и на барање на Русковска, средбата била презакажана за во петок.

Сепак, тврдат дека презакажувањето на увидот не било во корелација со поднесувањето на обвинителниот акт – или што би рекле старите, мижи Асан да ти баам.

– Лицето за кое покажувате интерес во својство на Претседател на Комисијата за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите и актуелен пратеник во Собранието на РСМ побара работна средба со Основниот јавен обвинител Вилма Русковска. Средбата е презакажана на 9.7.2021 година, за утре – петок 16.7.2021 година, заради ангажманите на обвинителката што ги имаше неделава иако лицето е запознаено дека Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција не поседува системи за прислушување врз кои би се правел увид од страна на собраниската комисија. ​

За поднесувањето на обвинителниот акт од обвинителството тврдат дека не е во корелација со увидот, но велат дека имало „сеопфатна истражна постапка“, а Јанушев бил „навремено информиран“.

– Што се однесува до Обвинителниот акт, истиот е поднесен по сеопфатна истражна постапка и согласно закон лицето беше навремено информирано од предметниот обвинител за завршената истрага, по што заедно со неговиот бранител изврши увид во доказите кои им беа предадени и во електронска форма. Обвинителниот акт се однесува на активности извршени од страна на лицето во период кога бил службено лице – член на Комисија за јавна набавка на двокатни автобуси формирана од Министерството за транспорт и врски. Во таа насока не можеме да зборуваме за некаква поврзаност на активностите.

Или што би рекол Френклин Рузвелт – Во политиката не постојат случајности, дури и кога ќе се случат може да се обложите дека тие биле испланирани.

А.Митовски

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This