Кога паразитите ќе стивнат?

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

„Аkо на човекот му дадеш риба, ќе го нахраниш за еден ден. Ако го научиш да лови, ќе го нахраниш за цел живот“. Така се вели во кинеската поговорка, но на македонско тло, се имплементира малку поинаку.

„За среќа“, нашата Влада е великодушна, па дава, без да се замисли дали има основа за благонаклонетоста кон расипничкото трошење на градските татковци.

Извештајот кој го објави Министерството за финансии ја обелодени состојбата во која се наоѓаат 80те општини во Македонија. Долгот од 63.892.100 евра, од кој 37 милиони евра припаѓа на 10 општини е податок што сѐ повеќе ја оддалечува Владата од нејзините лажни заложби и ветувања. Несомнено, „успешно извршување и доверување на нови надлежности на општините, како и обезбедување поквалитетни услуги за граѓаните“, се далеку од остварени.
Политички некоректните решенија преку кои Владата се обидува да ја замаскира неуспешноста на локалните самоуправи, додава вредност на оддалечување од процесот на децентрализација.

Ако во 2018 година, со законско решение Владата прости 51% од пријавените обврски на општините и така им помогна за надминување на натрупаните долгови, кои со денцении им тежеа на градските татковци, годинава повторно има намера да ја направи истата грешка.

Предлог-Законот за отпис на камати и репрограмирање на долгови и трошоци на јавни претпријатија, не е ништо друго, туку зелено светло да продолжат со задолжувањето на граѓанска сметка.
Земајќи во предвид дека јавните претпријатија во поголемите општини во државата имаат и по 400 вработени, се соочуваме со срамна ситуација! Или, ако приватна компанија со 400 вработени работи со големи добивки на крајот од годината, редовно исплаќа плати за вработените, од приходот плаќа месечни трошоци и данок на државата, нејасно е како јавни претпријатија кон кои граѓаните секој месец имаат обврска за плаќање на услугите, не работат со добивки, туку парадоксално – имаат потреба од финансиски инекции од повисоки инстанци!

Ако, СДСМ го критикуваше ВМРО-ДПМНЕ за сериозно загрозување на автономијата во функционирањето на општините, за „негување висок степен на недоверба и апсолутистичка желба за контролирање на сите процеси на локално ниво“, СДСМ наместо да овозможи локалната власт да се грижи за подобрување на квалитетот на животот на своите граѓани, таа ги направи апсолутно зависни од централната власт. Очигледно дека децентрализацијата е запоставена и е во сериозен застој, Македонија е една од фискално најцентрализираните држави во Европа.
Очигледно, ветувањата и реалноста не се допираат во ниту една точка! Кристално јасно гледаме „дупки“ во општинските буџети, поради неконтролираното трошење на градоначалниците и директорите, но не и потрошени средства за развојни политики.

Наместо Владата да донесе закон со кој ќе се ограничи трошењето на локалните самоуправи и јавни претпријатија, а со тоа ќе се спречи понатамошна злоупотреба на народните пари, истата донесува закони со кои „во очи“ на локалните избори, локалните институции ќе бидат охрабрени на дополнително трошење, манипулација и најлошото од сѐ – поткуп на гласачи.

Во периодот кој измина, организацијата во локалните самоуправи, капацитетите на општините и ефикасноста на јавните претпријатија, не се подобрија! Видовме само огромни буџетски ставки, издвоени за нови вработувања. Општините станаа место каде локалните ограноци на СДСМ ги задоволуваат потребите само на нивните членови, без да внимаваат на квалитетот на лицата кои ги вработуваат и капацитетот со кој истите располагаат.
Малите и сиромашни општини станаа уште позависни од централната власт, иако уште од 2016 година чекаме „објективен, правичен, транспарентен и одржлив систем за финансиско воедначување на општините“.

Да резимирам, новите закони со кои малите и сиромашни општини ќе добијат трошки за покривање на натрупаните долгови, нема да помогнат на општините. Ова туторско однесување потсетува на родители кои им ги пишуваат домашните работи на учениците. Наместо да создадат услови и да ги охрабрат самостојно да ја совладат материјата, да го активираат нивниот капацитет и менаџерски способности, создаваат безвредни паразити, кои со години цицаат од плиткиот граѓански џеб!

Вишна Шорова-Ангелова
Комисија за локална самоуправа на ВМРО-ДПМНЕ

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This