КОЛУМНА НА АЛЕКСАНДАР НИКОЛОСКИ: Генерација 2000-та

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Добро се сеќавам со каква возбуда ја чекавме 2000-та година. Нов милениум. Многу очекувања и надежи. Погледи кон иднината, но и горе кон небото, кон вселената очекувајќи во милениумот што започнува човекот да го освои и тој простор, со својот ум, знаење, иновација, да ја шири добрата идеја. Тогаш бев во средно на мои 16 години. Многу очекувања и од Македонија! Дел се случија уште истата година кога Македонија прва во цел регион потпиша договор за стабилизација и асоцијација со ЕУ. Прва во регионот! Очекувавме дека за не повеќе од 10 години ќе станеме членка на таа толку моќна, голема група земји во која убаво се живее, има голем економски напредок и владеење на правото. За жал, поради Грција, сè уште тој сон го сонуваме 18 години подоцна и не се случува. Бараат да се одродиме за да им се приклучиме во клубот, целосно спротивно од вредностите за кои се залага тој клуб на збрани земји.

Оние што се родиле таа 2000-та година, денес имаат по 18 години и се полнолетни и веќе следната година ќе имаат право првпат да гласаат, да изберат претседател што ќе ја води државата. Сме се прашале што сака оваа генерација, кои се нејзините желби, соништа, погледи, каде ја гледа Македонија…

Од 12 август 2000-та со Резолуцијата на Генералното собрание на Обединетите нации се слави Меѓународниот ден на младите. Резолуцијата има 18 години, исто колку оние на кои им ја посветувам оваа колумна.

Секој еден млад човек има потреба од добро образование, можности за усовршување на своето знаење преку практична работа, вработување, добро здравство, културен и социјален живот, безбедност и услови во кои тој ќе може во иднина да креира семејство и ќе создава и живее во Република Македонија.

Свесни ли сме колку брзо се менува светот! Колку она што за нас кои имавме 16 години во 2000-та година беше нормално, сега е целосно демоде и не се користи, колку нови технологии се развија, но и нов начин на живот. Масовната употреба на интернет, новите технологии, патувањето без визи (само да знаат оние на кои е посветена колумнава до 2008 година мораше да одите по амбасади да аплицирате и можеби да добиете виза), како и нискобуџетните летови проследено со сервиси како Ер-би-ен-би и Букинг овозможија многу поголема мобилност на цела една генерација која не може да се ограничи само на својот град или држава. Затоа и целата дебата околу т.н. иселување е поставена на погрешни стари темели кои веќе не важат, ако некој излегол од Македонија веќе не значи дека е тоа засекогаш. Многу од новата генерација сакаат да работат и живеат надвор по 3-4 месеци па да се вратат, па повторно истото и слично. Клучните прашања тука се, што прави Македонија овие луѓе почесто да се враќаат и привлекува ли други млади од други земји кои би сакале дел од своето време, 3-4 месеци годишно, да поминат во Македонија и да работат од тука? Можеби изгледа како научна фантастика за некои постари генерации, но ова е реалноста и на неа мора да се приспособиме. Колку побрзо толку подобро.

Еве некои согледувања кои можат да ѝ помогнат на владата на Зоран Заев. Можеби ќе пробаат да ги спроведат во некое слободно време меѓу две договарања на криминални тендери. Доколку не го направат тоа, следната влада на ВМРО-ДПМНЕ силно ќе работи на ова.

Младите денес својата креативност и енергија се повеќе ги насочуваат кон ИТ-технологијата, како една од најперспективните професии и тоа треба во иднина државата да го стимулира и уште повеќе да се поттикнуваат младите да студираат ИТ-технологии. Факултетите и Универзитетот за информатички науки и технологии во Охрид мора да добијат многу поголемо финансирање од државата, а оние што студираат таму можност за стипендии и други бенефиции за да бидат мотивирани побрзо да завршат и да се поквалитетни. Секако, тука е цел сет на факултети кои стануваат дел од отворениот пазар на фриленсери. Тоа е концепт кој генерацијата 2000-та совршено го разбира, а значи дека можеш да работиш од каде сакаш, ти треба само компјутер и телефон.

Во минатото ВМРО-ДПМНЕ ги поттикнуваше младите да се насочат кон оваа модерна професија и информатичките науки ги направи многу подостапни за младите. Така се отворија факултети во помалите градови, а како еден од поуспешните проекти е Универзитетот „Свети Апостол Павле“ во Охрид, на кој студираат и млади од други држави, а предаваат врвни професори од државава и странство.

Поради овие причини, мора да се даде шанса на новите технологии и се повеќе млади треба да се насочат да ги изучуваат овие науки и нивната креативност да биде правилно насочена. ИТ-технологијата мора да биде главен двигател на државата, младите тоа го можат и во Република Македонија има голем број успешни приказни во кои млади информатичари добивале први награди и изработувале проекти од светски рамки за огромни корпорации. Државата овие успешни информатичари треба да ги субвенционира и помага на секој можен начин. За жал, оваа влада доби идеја да ги зголемува персоналниот и данокот на доход, мерка со која се директно засегнати токму младите фриленсери и ИТ-девелопери. Не смее да се дозволи младите што одлучиле својата кариера да ја градат токму во Република Македонија, поради даночните зголемувања да ја напуштат државата или да го изиграат законот преку пријавување помал приход, со што наместо повеќе пари во буџетот ќе се слеат помалку. Државата, наместо апсурдни мерки, треба да им понуди на младите нови даночни олеснувања, посебно на популарните фриленсери, софтвер-девелопери, програмери на компјутерски игри или апликации за мобилни телефони кои тоа го прават за извоз и надворешен пазар. Со извоз на вакви апликации и проекти младите внесуваат додадена вредност во Македонија, а со тоа ја придвижуваат и економијата. Никако не смее да се дозволи зголемување на данокот на добивка од десет отсто и персоналниот данок од десет отсто. Напротив за младите кои работат во ИТ-секторот и се во брачна заедница и имаат барем едно дете данокот треба да биде намален на осум отсто, со што би се помогнале младите брачни заедници и својата иднина ќе ја гледаат во Република Македонија и ќе се намали одливот на мозоци. Спречувањето на одливот на мозоци и заминувањето на младите мора да биде приоритет на секоја влада, младите се иднината на државата.

Популарните фриленсери и сите млади што работат од Македонија за странски корпорации и фирми имаат потреба од отворање на таканаречени хабови. Потреба од вакви хабови има надвор од Скопје, во помалите градови во кои ќе може да работат младите фриленсери. Ова е битно не само за нашата генерација 2000-та, туку и за многу други. Постојат десетици илјади фриленсери кои би сакале своето место на живеење на одреден период да го заменат со некое ново. Најчесто нивната дестинација не се големите и преоптоварени Париз или Лондон, бараат нешто мало, чисто, евтино и убаво. Такви места ние имаме, сигурен сум дека девелопер од Германија би дошол во Преспа, или фриленс-архитект од Франција во Берово или, пак, економски фриленс-консултант од Италија во Охрид. Треба да се вложи малку да се преуредат простории кои државата или општините не ги користат, да имаат добра интернет-врска и основна опрема и сето добро да се изрекламира по форуми и интернет-страници, како и блогови кои се занимаваат со ова. Потоа ќе дојдат резултатите.

Македонија мора да вложи во дигиталната инфраструктура и дигитализацијата на државата, а одличен пример за тоа е Естонија и нивното E-Residency. Дигиталната инфраструктура мора да се подобри во Македонија, а со тоа и животот на младите во државата.

Фриленсерите не треба да бидат само од ИТ-секторот, треба да се поттикне и да се стимулира фриленс-работата и во други области и професии. Фриленсери можат да бидат и економистите, сметководителите, графичките дизајнери, дизајнерите на ентериер и екстериер (архитекти). Фриленсери можат да бидат и маркетинг-експертите, преведувачи, експерти од областа на социјалните медиуми и уште многу други професии. Сето ова државата треба да го помогне и да го субвенционира. Доколку сакаме младите да останат овде и својата иднина и кариера да ја градат во Република Македонија, но и да се враќаат овде, како и да доаѓаат странци, треба да посветиме огромно внимание и да им овозможиме одлични услови, подобри од секоја друга држава од регионот. Младите во Македонија го заслужуваат тоа. Оваа година младите што се родени во 2000-та година го започнуваат своето академско школување и се пред една круцијална одлука за нивниот живот и кариера. Младите ја следат најновата технологија и постојано ги следат светските трендови, зошто светските трендови и новата технологија да не се креираат во Македонија?

Во овие денови на надмудрување и гол популизам од власта дека само ако го смениме името ќе тече мед и млеко еве една препорака на што да се посветат додека ги чекаат медот и млекото. Генерацијата 2000-та го заслужува ова!

Александар Николоски за nezavisen.mk

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This