КОЛУМНА НА АЛЕКСАНДАР РУСЈАКОВ: А што сака „длабоката држава“ од сиот свет?

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Никогаш не сум бил некој гласен русофил. Ниту пак, како многумина во Македонија, сум поголем Американец од Американците. Напротив, сум плачел на Есенин, исто колку на Едгар Алан По, се смеам на Гогољ како и на Твен, восхитен сум од Достоевски како што му се восхитувам на Хемингвеј, сум мечтаел на Висоцки идентично како со Том Вејтс, ме фасцинираат Тарковски и Орсон Велс, Балабанов и Тарантино, Лунгин и Џармуш, Зјагинцев и Пол Томас Андерсон. Но, во однос на американската и руската политика воопшто немам идентични ставови. Едноставно, однесувањето на овие две светски велесили, не ми изгледа исто.
Неоспорен е фактот дека изминативе неколку години, Путинова Русија е во фокусот на западниот свет. Анексијата на Крим, интервенцијата во Сирија, наводното мешање на Русија во претседателските избори во САД се трите причини заради кои политиката на Владимир Путин секојдневно е во ударните вести. Оттука, следуваа санкциите на Европската Унија кон Русија, постојаните јавни обвинувања дека рускиот претседател е диктатор, лудата изјава на британскиот министер за одбрана дека Русија е поголем непријател за Британците од ИСИС, ракетниот штит што САД го реди во земјите што граничат со Русија, но и секојдневната медиумска хистерија што тера силна антируска пропаганда. Сè ќе беше во ред ако аршинот беше еднаков.

Вистина е, се случи анексијата на Крим, инаку руска територија што советскиот претседател Хрушчов (веројатно близок предок на авторката на колумната лево) ѝ ја подари на Украина, но таа анексија беше спроведена преку референдум, без испукан куршум, без пролеана капка крв и тоа откако „длабоката држава“ на САД, преку лудиот Сорос и неговите хистерични активисти, како и уфрлените платеници терористи, го извршија терористичкиот акт на Мајдан и целосно ја урнаа и поделија украинската држава. Сето ова е докажано и документирано со докази, но зошто сите го забораваат Косово? Таму немаше референдум, ами напротив, нелегитимна воена интервенција на НАТО предводена од САД, каде што загинаа илјадници цивили и без никаква здраворазумска причина беше употребен забранетиот осиромашен ураниум заради кој денес смртноста од рак на Балканот е зголемена десет пати. Територијата на Косово насилно беше отцепена од Србија. Само што тогаш бомбардирањето, осиромашениот ураниум, прогонот на Србите и отцепување на територија од држава беше демократски чин, а сега референдумот и мирното враќање на Крим кон Русија да ти бил недемократски чин на насилство и окупација.

Вистина е, се случи руска воена интервенција во Сирија. Ама сето тоа си има причинско-последичен тек. Најпрво се појави некаква сириска вооружена опозиција, која тргна на сила да го руши сирискиот претседател Башар ал Асад. Од сите непристрасни извори се гледа дека овие вооружени борци воопшто не се Сиријци, туку повеќето од нив дејствувале на боиштата низ Африка за време на Арапската пролет. Јасно, станува збор за платеници. Потоа од нигде никаде никна ИСИС, огромна и моќно вооружена терористичка организација, која прогласи калифат на делови од Ирак, Либија и Сирија. Приложените докази и фотографии покажуваат вмешаност на американски конгресмени и генерали во создавањето на оваа организација. Американците и Британците тргнаа во некаква смешна филмски изрежирана акција против калифатот од која не видовме никакви резултати. Дури тогаш почна руската воена интервенција против ИСИС, на територијата на Сирија, ама откако сириските власти сами побараа вмешување на руската војска што е дозволено од Обединетите нации. Резултатот го знаеме, ИСИС е уништен и го нема во Сирија. Но што правиме со воените интервенции врз Ирак, Авганистан, Србија, Либија и Сирија, кои ги почнаа САД и НАТО? Ги повика ли некој нив? Добија ли дозвола од Советот за безбедност при ООН? Какви се резултатите по нивните интервенции? Донесоа ли мир, демократија и правда? Не, САД, Британија и НАТО никој никаде не ги повика, сами тргнаа во војна. Немаа дозвола од Обединетите нации. Од нивната воена интервенција Косово е отцепено од Србија, луѓето таму се дават во сиромаштија, криминалот владее, а Бондстил е тренинг-камп за терористи и лабораторија за производство на хероин. Од друга страна, Ирак, Авганистан и Либија повеќе не се држави. Таму владеат хаос и смрт. Воените интервенции однесоа милиони човечки животи, не за демократија, туку за нафта и опиум. И како тогаш кратката руска воена интервенција на повик од сириските власти што е легитимирано во ООН, по која ИСИС е уништен и изолиран е нелегална агресија, а вистински нелегалната агресија врз Ирак, Авганистан, Србија, Либија и Сирија спроведена од САД и НАТО, по кои се спушти пеколот на земјата, се демократски и правдољубиви? Некој овде сака некого луд да направи.
На крајот, дојдовме и до наводното мешање на Русија во изборите во САД. Хилари Клинтон и ден-денес се пенави околу ова. А цврсти докази никаде нема, само шпекулации и медиумска хистерија. Хилари Клинтон залудно вреска. Нејзините сомнителни финансиери, воените масакри спроведени во нејзино време како државна секретарка, врските со белосветскиот банкстерај, лагите и лошите политики на демократите, но и доказите што за нив ги извадија чуварите на демократијата Џулијан Асанж и Едвард Сноуден, како и американскиот народ на кој очигледно му преседна, ја урнаа Клинтонка. Тука Путин ништо не ѝ е виновен.

Асанж и Сноуден не ги гони „диктаторот“ од Русија, туку „демократијата“ на САД. На крајот на краиштата, Сноуден, кој обелодени како „длабоката држава“ го прислушува сиот свет, побегна во Русија. А САД како држава се последни на планетава што треба да зборуваат за мешање во избори. Нема да споменувам други примери, САД се мешаат секаде и секогаш во избори, доволно е што живеам во Македонија за да потврдам дека американскиот амбасадор Бејли си спроведе избори за себе и неговата „длабока држава“, а еве го сега како командува со судови, со октроирана власт и медиуми.
Да заклучиме! „Длабоката држава“ на САД е држава во држава, во неа се вмрежени сопствениците на изопачената моќ, компромитирани политичари, воените профитери, корпорациските лудаци, светскиот банкстерај и медиумската машинерија на неолибералните фашисти и сите тие ги сакаат светот и неговото богатство само за себе, сакаат да ги збришат различностите и културите за да создадат робовска маса што не мисли, а троши и да ја окупираат планетата за сопствени цели. Појавата на нова сила, која заговара мултиполарен свет на еднакви држави и народи без разлика на нивната големина и сила, не е опасност, туку позитивен тек на постоењето.

Александар Русјаков
Нова Македонија

7 КОМЕНТАРИ

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This