КОЛУМНА НА ДАРКО ЈАНЕВСКИ: Зошто им вртиме грб на САД?

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Darko-JanevskiНие упорно и упорно се оддалечуваме од Американците како наш стратешки партнер. Ете, САД немаат никакво цензорско тело што ги контролира и казнува телевизиите, ние штотуку го воведовме. Во САД нема „тииит“ кога се споменува името на странски амбасадор, кај нас има. Уште повеќе, таму редовно си ги критикуваат и Доналд Трамп и Хилари Kлинтон, Обама веќе го заборавија како небитен, кај нас тоа не е баш пожелно. Иако сите бараат да се критикуваат властите во Македонија, кога тоа го правиш, почнуваат да се мрштат. Во САД, колку што можеме да видиме, медиумите се занимаваат со тоа дали „Викиликс“-имејловите на Хилари Kлинтон се хакирани од Русите, односно од Путин, а не со содржината, ние, пак, за нашите снимки играме обратно, што е веќе загрижувачки од аспект на нашето сечење вени за членство во НАТО. И тоа веројатно објаснува зошто Американците кренаа раце од обидот да не внесат таму. Па, ние, Бога ти, навистина не ги исполнуваме нивните критериуми за демократија, што, нели, е суштината на НАТО. Да не зборуваме за тоа дека таму се краде на избори и после тоа сите си молчат, кај не се краде од 2008 кога ДУИ и ДПА се тепаа, ама, ете, ние не само што не молчиме, туку и ги поништуваме изборите, па одиме на нови, што очигледно повторно ќе ни создаде проблеми во врска со приемот во алијансата. Така што, наместо постојано да дрдориме за тоа како НАТО за нас нема алтернатива, редно е нешто да сториме во тој правец, што посебно се однесува на ДПА и ДУИ. Ај Македонциве што не ја сфаќаат смислата на животот, што не сфаќаат зашто ние всушност постоиме, ама вие, браќа? А што може повеќе да се стори за членство во НАТО освен слепо да ги копираме нашите најверни пријатели. И партнери. Оти светот с` повеќе се вжештува и не е време за наши експерименти надвор од тоа што бујните демократии како таа на САД веќе го имаат усвоено.

Германскиот министер за надворешни работи Штајнмаер ни порача дека требало да го оставиме СЈО да си работи за да се вратела и засилела довербата на граѓаните во демократските институции. Две прашање за бистриот министер кој, наместо да врти бројници во некој парк и да се обидува да се присети што заборавил да купи од тоа што од дома му порачале, тера политика: прво, зошто Германците се откажаа од водење кривични постапки врз основа на нелегално снимени разговори и, второ, тие демократски институции во кои граѓаните треба да ја вратат довербата се должни да функционираат според Уставот на РМ или не? Ако се должни тоа да го прават, по кој устав е формирано и работи СЈО? Прашањето се прилично едноставни зашто човекот е министер за надворешни работи на западна земја-членка на ЕУ, а таквите, како и во случајот со холандскиот министер Kундерс, кој ни праќаше писма за Избирачкиот список, не трпат сложувалки со многу делчиња. Што помалку, тоа поарно.

Од друга страна, и нам не ни се погодува. Оти да не беше СЈО, немаше да знаеме дека имаме такви професионалци и стручњаци меѓу обвинителите. Од такви што паднале на приемен испит во Академијата за судии и обвинители, па после им правеле шема да го фатат последниот воз за вработување по стариот закон кој не бараше диплома од Академијата, до такви што, на пример, не ги исполнуваа условите за да бидат членови на Обвинителството за организиран криминал, но ги исполнија условите за да бидат во СЈО. Така што со вакви експерти од кои на човека научниот здив му застанува, ако Трамп победи на избори, нема да им потреба да бара специјален обвинител за Kлинтонка. Доволно ќе биде да земе еден од нашиве, колку да му се најде да заврши работа. Зашто да се мачи и бара во САД, кога, еве, има готов кадар. И пред с`, стручен. Плус со завршен курс кај нашите партнери.

Да не зборуваме за тоа дека да не беше кризава и да не беа сите овие измени на изборното законодавство, ние немаше да знаеме дека сме пливале од експерти. Посебно меѓу новинарите. Ние мислевме дека меѓу нив врие од бивши удбаши, од кодоши, од поткупени со по неколку проценти акции од фирмите што се приватизираа, а кои останаа неоткриени благодарение на ВМРО-ДПМНЕ, од странски платеници… а ете, не било така. Тоа с` да ти било експерт до експерт. И што е најбитно, сите тие до еден независни. Kако што се експерти и овие што Kатица Јанева хонорарно ги плаќа.

Да не зборуваме, пак, за експертите и професионалците од СДСМ кои веќе ни се познати. Kако, на пример, Оливер Спасовски, кој повторно е министер за внатрешни работи не затоа што е генерален секретар на една лузерска партија, туку затоа што е експерт и професионалец, што само по себе подразбира дека сега повторно ќе може да го врати на сцена неговиот тим популарно наречен „труст на мозоци“ кои по краткото уназадување со Митко Чавков, одново ќе го воскреснат МВР.

Што стана со порталите? Kомуњарската Агенција за тезги на Зоран Трајчевски нема да ги мониторира? Така рекоа пред извесно време, ама да не се премислиле во меѓувреме?

Инаку, последниот пат кога на „чадорот“ и на Заев и странски медиум им вршеше работа пласирајќи „проверена вест“ дека Груевски им го продавал името на Грците, гаваз беше британски Гардијан. Така и личи. Некој весник за кој барем се мисли дека е сериозен и професионален, сеедно што се покажа дека е обична пачавра. Овој пат, Заев, изгледа оставен сам, го нашол српски Курир. И сега што да каже човек освен: Па, добро, кај ја најдовте таа банда од Србија?

Дарко ЈАНЕВСКИ
Дневник

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This