April 26, 2024, 11:43 pm

КОЛУМНА НА ЕФТИМ КЛЕТНИКОВ: Самсоненко

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Како ѕвер ме гонат
Борис Пастернак

Самсоненко. Сергеј Самсоненко. Добро знаеш кој е тој, драг читателу, та речиси и да не постои Македонец кој не го знае тоа име, кое, така да речам, е со две срца: едното според крштелното руско, а другото, според неговото повторно раѓање, македонско. Ова е име на богат бизнисмен чиј имот се протега на милиони евра, и, такво, сакал-нејќел ја отвора темата за богатството и богатите, а со тоа истовремено и темата за сиромашните и сиромаштијата. Но тоа е веќем социофилозофски феномен за размисла и анализа, кој се оприсутнува главно со појавата на парите, кои според Толстој се основното зло на светот. Во поправедните архаични општества во кои владеела стоковата размена тоа не постоело. Нejce, сепак за волја на вистината парите можат да бидат и добро доколку се вложат во добро. Примерот на Самсоненко во Македонија, кој неа длабоко искрено ја засака со своето семејство е имено таков.
Сeгa мала дигресија за богатството и богатењето како талент, харизма и благодет, но и проклетство. Еден чуден и егзотичен коктел. Да. Едноставно како за поезија или музика, иако е драстична споредбата, треба да се поседува слично талент и за богатење. Постојат многу примери за тоа, и тоа премногу пикантни. На пример, за американскиот екстрабогаташ Форд кружи анегдотата дека се збогатил само со едно единствено јаболко добиено како подарок, кое тој го продал почнувајќи го така својот бизнис, зголемувајќи го потоа на кванти и на енти степен почетниот капитал. Се разбира, јаболкото одиграло клучна улога и кај славниот англиски физичар Исак Њутн. Тој со него ја дефинирал, кога го удрило по чело додека шетал во длабока контемплација низ градината, тезата за гравитацијата. Но парадоксот е во тоа што нему тоа ни оддалеку не му донело материјален профит, освен научен, како јаболкото на Форд.
Толку. Индуистичкиот кармизам го објаснува богатството како божја благодат и заслуга од претходниот живот на богатиот. Веројатно дека оваа штедра индуистичка езотерија, доколку знаат за неа, со задоволство би ја прифатиле како праведници многумина наши новопечени богаташи во таканаречената транзиција, кои едноставно му ја одраа кожата на народот. Сеедно, некој има а некој нема, без разлика на методот што го применува за тоа, талент за богатење. Mojoт школски другар од беровската гимназија Благој Механџиски, попознат како Зегин, го има во завидни количини него. И тој и јас одевме во средното со скинати опинци и џемпери. Разговаравме во паузата меѓу часовите за поезијата, филозофијата, науката и пишувавме песни. Подоцна јас останав како заглавен во искон во поезијата, а тој талкајќи по неизвесни егзистенцијални патеки, впрочем како и јас, го откри и му се посвети со сета своја енергија и талент на бизнисот во аптекарството, создавајќи една цела голема аптекарска империја од околу 400, можеби и повеќе аптеки. Еднаш во шега му реков, како патриот, да му подари една од нив на „Македонски манитест“. Молчеше, но, се разбира, јас ретерирав дека се шегувам и така беше анулирана непријатноста на „барањето“.
Мене лично воопшто не ме бива за бизнис, и ако ми даде некој за таа работа 10 000 евра, на пример, јас од нив признавам може да направам само девет, но не и единаесет илјади. Толку многу ме бива. Тоа, пак, не значи дека сепак не се чувствувам бескрајно богат со имотот што ми го префрлил Бог во мојот катастер ‒ поезијата, за што сум му за цела вечност благодарен. Секој според своето богатство нека дејствува и нека се фали, драг читателу. Тоа е она што е есенцијално. И точка.
Сепак, Самсоненко. Станува збор за Сергеј Самсоненко, драг читателу. Го стекнал како што го стекнал богатството. Не навлегувам во тоа. Јас не сум УЈП да го правам тоа како некои што сега се токмат да го прават тоа по налог на државната администрација која не го мириса него, и веројатно според методот на Макијавели со кој се служи, доколку знам, секоја власт. А тој гласи: целта ги оправдува средствата. Не мора да си виновен, ама ако е потребно бесилката е тука да ја посведочи вината. Тој метод денес без пардон империјално, планетарно го применува на човештвото Америка (САД), феномен за кој, за да го објасни, водечкиот американски интелектуалец Ноам Чомски напиша не една туку неколку книги. Него тој го дефинира со поимот државен тероризам во кој помалку или повеќе бочно учествуваат и неколку моќни западноевропски држави. Во тој и таквиот империјален макијавелистички проект за жал е вглобена до задушување и Македонија, која Американците ја сместија близу пеколот на „линијата на огнот“ (Кери). Но да не се оддалечуваме од Самсоненко. In medias res тој во Македонија пред десетина години дојде како богат милијардер, и не за да ја ограбува неа како што впрочем го направија без пардон тоа некои наши тајкуни со суровата безбожја транзиција, па ќе мораат заради тоа за да стасат во рајот да се провираат со своите камили натоварени со крваво азно низ иглени уши, како што рече и не излажа Исус.
Е, знам, Самсоненко дојде со големо богатство во Македонија, којa му се допадна на прв поглед, како еден вид гимназиска љубов. Гледав поодамна на една наша ТВ едно од неговите први интервјуа во кое тој го кажа отворено тоа, восхитен и од Македонија и од Македонците. Вo негов ведер хуморен стил рече дека веднаш ѝ се јавил на жена му да доаѓа тука, прашајќи ја патем каква боја машина за перење да ѝ купи.
Не знам под кој астролошки знак, ни кога е роден точно Сepгеј Самсоненко, драг читателу. Меѓутоа според сè што направи тој за нас сигурно дека е роден под соѕвездието Македонија, сега и поради него нов знак на вавилонската астролошка мапа. Бидејќи, имено, тоа се пастирите од Халдеја кои, така љубопитни и интелегентни, први на планетата ги набљудуваа ѕвездите доведувајки ги во врскa не само со метеоролшките циклуси туку и со човековата судбина. Тоа драг читателу. Тој од господ испратен Рус во Македонија изгради еден голем хотел „Русија“ во населбата „Аеродром“, и веднаш до него една прекрасна спортска сала за двата врвни (машки и женски) ракометарски клуба што ги создаде и спонзорира тој, иако некој ќе рече дека и не мораше да ги троши своите пари за спортска афирмација на Македонија. Машкиот ракометен клуб „Вардар“ лани стана европски шампион. Буквално ги прегази „Барселона“ и арогантниот ПСЖ-Париз. Така во Европа, која заедно со Грција (и уште со некои други) ни заговара идентитетска ликвидација, одекна силно македонската химна и македонското име. Е, сега може во сето тоа не се вклопуваат Таравари и Бујар Османи, нашиот евроинтегративец, но тоа е нивен проблем. По освојување на шампионската титула следеше и за Еврпа како изненадување големата екстаза на Гоцевото племе на скопскиот плоштад (среда, 14 јуни 2017). По тој повод јас ја напишав колумната со донекаде дијагностички наслов „Екстаза. Катарза. Пизма.“ Што значи со други зборови дека катарзата кај нас за жал не може да помине без пизма, основниот психолошки закон кој дејствува perpetuum mobile на Балканот, феномен со кој се занимаваше и бескрајно луцидниот Иво Андриќ.
Е, таа пизма, драг читателу, го настигна и човекот со добра волја и срце Сергеј Самсоненко. Оти кај нас ништо не им е свето на ситнодушните пизмаџии. Во понапред спомнатата колумна напиав: „Се сеќавам убаво дека ситнодушните шарени пизмаџии од тој жолт весник едно време Самсоненко го прогласуваа за криминалец и бараа да си оди од Македонија“. Тоа се, драг читателу, истите тие што бараат и сега, заканувајќи му се со сè и сешто, да си оди од тука тој. А, се ме јаде јанѕата дека зад сета таа ујдурма стои и нашата нова (ре)формска влада на која како да ѝ е трн во окото тој, нејзе и на нејзините шарени пизмаџии кои во некоја прилика можеле да не се појават, но се појавиле на сцената со име Живот. А тие тој живот го претворија во грантови, странски пари кои им се доделуваат за да го клеветат и обезвреднуваат сопствениот народ, без притоа да се срамат што јадат таков леб. Тие и сега како пред тоа го бркаат oд Македонијa Сергеј Самсоненко. Тие се платени да ја пизмат не само својата родна земја, туку да ја мразат и Русија, која е на високо место на агендата на САД и на Западна Европа за компромитација и омраза. Оти, како што знаеме добро, макартизмот од педесттите години на минатиот век во САД против страшниот комунистички „демон“ Русија е повторно актуелизиран на планетарна сцена. Некои наши шарени, на пример, како Сашо Ордановски и компанија добиваат психолошки стрес од самото спомнување на тоа име, и посебно на Владимир Путин. Едноставно Русите се прогласени за страшило на планетата, факт што го илустрира и потврди и неодамнешната балканска турнеја на американскиот потпреседател Пенс.
Тоа, драг читателу. Значи, покрај другото, господинот Сергеј Самсоненко некои пред сè кон својата земја темни подземни сили го бркаат од Македонија со некој божемен, измислен криминалитет, но сигурен сум и заради тоа што е Рус. Не знам со сигурност дека е тоа во таен договор со македонскиот гувернер од Кале, но според бројни не баш мили по Македонија искуства со него може и таа хипотеза да се покаже како веродостојна.
Да, но jac лично, драг читателу, и како русист и преведувач на руската поезија од Пушкин и Лермонтов до Цветаева и Бродски, го замолувам Cepгеј Самсоненко да остане во Македонија, да ги издржи валканите притисоци врз него, бидејќи Македонците, со исклучок на мал брод петоколонаши, навистина го сакаат него и неговото семејство. А знам и колку многу тој ја сака Македонија и Македонците. Затоа господине Сергеј Самсоненко не ja напуштај твојата возљубена Македонија. Остани и понатаму во неа. И ракометарите и ракометарките и фудбалерите на „Вардар“ сакаат и понатаму да играат под твое покровителство и да јуришаат кон европскиот врв под македонското знаме. Бидејќи и тие прекрасно ја сакаат Македонија заедно со Раул Гонзалес, кој исто така покрај шпанско во градите има и македонско срце, па така и го научи веднаш, заедно со своите играчи, перфектно македонскиот јазик, оној кој нашите источни „браќа“ не ни го признаваат. Остани тука бидејќи знаеш дека Македонците сакаат бескрајно искрено. За нивната космополитска општочовечка љубов своевремено штедро ги пофали во Новиот Завет и апостол Павле. Македонија и Македонците им се вечно благодарни на оние што прават добро за нив.

8 КОМЕНТАРИ

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This