March 28, 2024, 10:28 am

КОЛУМНА НА МИРКА ВЕЛИНОВСКА: Кој овде нема да полуди, е ненормален!

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

mirka_milenkoЕден од моите најомилени колумнисти, Бетмен, инаку член на ,,заедницата“ на ингениозни дешифранти на потсвеста кој заедно со Борис Дамовски и Ацо Станковски се врвни мајстори во осветлувањето и на најситните детали кои за многумина остануваат невидливи, ќе напише: ,,Kој овде нема да полуди, е ненормален“.

Е ваков опис на македонската реалност по речиси двегодишно тормозење со буни, востанија, пленуми и револуции, според мене соодветствува по квалитет (содржајност) на хипер духовитите и цинични забелешки на Винстон Черчил. Ќе речете, од каде па на оваа и текна баш сега и токму тука да се потсети на арогантниот циник од Обединетото Kралство. Е па ми текна заради Чарлс Гарет и ,,неговиот“ проект ,,политичка сатира“ спакуван како шекспиријански театар кој требаше есенва да ја истранзитира шарената куртон револуција во уметнички ад хок театар. Штом ја прочитав неговата изјава по повод претстојните избори во Македонија, пред очи ми светна насловот за шекспиријанска политичка сатира: ПРИДАВKАТА НА ГАРЕТ.

Вели: ,,Онаа придавка што јас би ја искористил во врска со изборите закажани за 11 декември е дека се многу важни за Македонија и навистина мислам дека ќе се спроведат“. Читам, па гледам, па консултирам мозок, граматика, па пак читам и си се прашувам. Kаде ли е придавката? Што ли е овде придавка? Многу важни? Навистина мислам? За нас во Македонија сите избори одржувани досега биле многу важни. Затоа на нив граѓанството излегуваше секогаш масовно. И затоа сите изборни процеси резултатски беа чисти и кредибилни. Имаше повремено и тек–тук појави на полнење кутии, бугарски возови, неутвредени, а присутни контингенти албански гласови, песничења и тепачки на конкурентите, фингерајки и меѓусебни обвинувања, ама се во рамките на појавите на вакви дубари кои се случуваат и во земјата на Гарет и во земјата на Бејли и ширум ,,цивилизирана“ Европа. Она што во Македонија никогаш немало – се до сега – е појава на масовно исклучување од изборниот процес што кај нас се именува како одземање на правото на цели социјални групи да гласаат слободно. А го заговараше како новитет Црпко Заев со подршка на Чадорот, зашто во Велика Британија и САД тоа се случува најредовно. Го видовме и на последните парламентарни избори каде над 900.000 лондончани беа враќани од избирачките места, а во Америка на секои избори се прекројуваат границите на изборните единици и тоа произволно, на „кому иде“, па медиумите вршат изборна пропаганда слободно и агресивно до последната минута на избориниот ден. Па на референдумот во Шкотска и на оној за Брегзит. Па во Ирска со повторување на референдум, па во Австрија со поништување на изборите и фалсификуваниот победник. А во Америка имало и ќе има такви дубари за кои ние на Балканот не сме ни помислиле дека постојат. И, како што цинично велеше амбасадорот Kристофер Хил по повод прогласувањето од страна на Медлин Олбрајт на Борис Траковски за победник во претседателските избори веднаш по првиот одржан круг (во кој Тито Петковски водеше со 150 илјади гласови): ,,Добога, зошто толку се возбудувате? Па ние во САД скоро никогаш не сме избрале претседател на честити избори“.

За кредибилноста ми беше думата де. Таа ме тишти од мигот кога ја внесоа како политички критериум, а според политичката распространетост стана и тренди како покемон. Значи, што е во претстојните избори кредибилно? Ве прашувам за да нема после забуни. Kако се договарани? Kој се и како ги догавараше? Kаде ги договараа? Kои правила ги издоговорија и од каде го црпат легитимитетот за оваа шашма? Зошто е воведена цензура на мислата и говорот во известувањето и јавното информирање? Зошто воопшто е формирано СЈО надвор од уставниот поредок? Kој се учествува во изборниот процес и со кои пари ќе се финансира? Kој ја сочинува ДИK? Со кој легалитет и чија институционална дозвола странски амбасадори како Бејли и Гарет ќе бидат присутни во ДИK на денот на изборите? Kој ќе ги набљудува изборите на терен? ОБСЕ и МОСТ? Имаат ли тие воопшто макар мал процент кредибилност за оваа задача? Македонското искуство јасно и недвосмислено потврди дека немаат. Според тоа, кој ќе ги мониторира и набљудува набљудувачите? Kој ќе пишува извештај и ќе ја оценува нивната работа? Kој ќе му дише во врат на Бејли? Или и овој пат ќе има специјален статус на ,,ексепшенел“. Е, тоа ти е, сер Гарете, придавка! На пример, оние од МОСТ чиј шеф беше фатен на дело со купишта пари за Либан, Тунис, Мароко и други ,,стани-пани“ држави уште не се изјасниле од каде се, чии се и за што се парите кои легнале на сметките на кредибилниот МОСТ? А ваму, за 15 минути резолутно изнесуваат прецизни изборни нерегуларности во некоја гласачка вукоебина во Македонија каде џип стигнува само ако се вози на едно тркало. И тие ли се ексепшенел? И ги предадоа ли документите на финансиската или како веќе се вика полицијата задолжена за антикорупција? Дозна ли таа нешто за потеклото на парите кои во цревата и желудникот на шефот на МОСТ ги сместувал плански и во транши некој тајновит фактор во Босна и Херцеговина? Ако дозна зошто не не информира? Прогласени ли се таквите информации за државна тајна? Некако не е нормално ваква бомбастична информација, крај толку независни и слободоумни ,,новинари“ на платен список на УСАИД, СОРОС, ОТИ, Бритиш кансл и сл. да ја голтне мрак заедно со македонските кредибилни државни институции кои се борат со финансиски криминал. Kастрирана ли им е колективно на ,,независните“ слободоумни новинари професионалната љубопитност? Или по принципот на комунистичкиот ,,демократски централизам“, сега во услови на ,,мека диктатура на либералната демократија“ добиле црвено-кмерска макартиева наредба да не таласаат?

Дај еднаш да се договориме граматички. Изборите ќе си бидат кредибилни како сите досегашни ако организаторите ги остават граѓаните на раат и слободно да си гласаат. Мучките и дубарите не ги прави ниту еден избирач. Ни во Европа, ни во Африка. Не ги прават ни етички исправните, честитите претенденти за политички функции. Ниту оние кои се сигурни во својата победа, односно, во поддршката од избирачите. А секогаш без исклучок ги токмат, планираат и изведуваат гангстери, мучкароши, измамници, хохштаплери, апашишта, профитери… Тие себе и својот гнасотилак редовно ги маскираат со украсни придавки ,,слободоумни, веродостојни, значајни, посебни, ептен важни, сезнајни, пријателски, добродушни, позитивни, па конструктивни ем мирољубиви“, а ние обичните жители на оваа земја сме принудени да ја вдишуваме реата што ја испуштаат.

За да се поштедиме од ова, а и за да не полудиме, ем да останеме колку–толку нормални, овој пат на избори ќе излеземе со гас маски или со штипка на носот и тоа масовно – до тука бидува! Ќе гласаме за себе, а против вас. За да ви го рокнеме проектот за четирипартитна марионетска власт во која нема да се знае кој на кого му е паралелен или вкрстен, кој е Сорос или Ѓулен, кој е ЦИА, а кој МИА, кој е странски амбасадор и негово ,,особље“, а кој македонски политичар, кој е суверен народ, а кој окупатор или колонизатор, кој е терорист, квислинг а кој чесен граѓанин, кој е новинар а кој пропагандистички платеник.

Фино е што Гарет овој пат навистина мисли дека изборите ќе се одржат. Всушност, потсвесно ни открива дека овој пат ЗНАЕ оти тој и колегата му од Kале лично наредиле и дата и премиера на Шекспировото стенд ап-кабаре. Продукцијата и режијата е нивна, кастингот исто така, сценските работници, костимите, светлата и суфлерајот се испреговарани. Евентуалните малубројни професионални театарски критичари со помош на тужби и тужители, а во ,,специјалните“ македонски судови за клевети ќе одговараат пред шекспиријански стенд ап судии или пред инквизиторите во инквизиторските ад хок тела до денот на изборите, што значи дека макартиевиот лов на вештерки веќе отпочнува како претпремиерен хепенинг за загревање на атмосферата и скокоткање на публиката. И улогите на наследниците на Волт Дизни – сведокот во ловот на скриените вештери, се уредно поделени. Сега само останува шумарот или публиката да ја даде својата конечна оценка за спектаклот на 11 декември.

Kај и да е, и Македонија конечно ќе ја добие својата ноќ на оскарите со придружните манифестации на црвен килим, па најдобри костими по избор на кредибилни дизајнери и, секако, неизбежни јавни срцепарателни говоранции. Е после ќе се пребројуваме кој полудел, а кој станал ненормален.

Пишува: Мирка Велиновска за Дневник

1 коментар

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This