Колумна на Ристо Никовски: БУГАРИЈА ANTE PORTAS (ПРЕД ВРАТА)

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Пред 2000 и кусур години, Ханибал се нашол пред вратите на Рим и претставувал сериозна опасност за опколениот град. Денес, пред вратата која треба да ја води Македонија кон Брисел, се местат нашите источни “пријатели“, со злокобните закани. Тие воопшто не се шегуваат бидејќи немаат избор: жртва се на сопствените историски синдроми кои, ако сега не ги валоризираат – ќе им пропаднат. Токму затоа, Бугарија јавно ни објави специјална војна со која сакаат да го разнебитат македонскиот народ а која ние ја игнорираме. Нашите политичари ги минимизираат бугарски напади кои навлегуваат во сржта на македонизмот и јавно го оспоруваат нашето постоење, што води во наша национална катастрофа. На крајно екстремните бугарски уцени, “нашите“ политичари одговараат со – ќе се договориме, ќе најдеме компромис, Бугарија нема да ги попречува нашите преговори… И, како најмизерни аматери повторуваат дека Бугарија е наш пријател. Ако е така, а не е, кој e тогаш нашиот непријател во моментов? Нашето премолчување покажува само спремност за отстапки што директно и дава додатна сила на Софија да инсистира на исполнување на своите уцени.
Додека кај нас нема ниту јасна политика камоли координиран настап, во Софија се’ оди по ред. Така, Бугарската академија на науките ја дефинира нивната позиција кон Македонија, што треба да значи дека во прашање е строго научен пристап иако е таа базирана врз нивните неостварени историски фантазмагории кои ги одведоа и во срамен фашизам. Таа беше потврдена и со одлука на Владата и финализирана од Собранието во соодветна декларација како официјална државна политика. Веќе нема и не може да има ниту дилема камоли недоразбирање – овој документ ги обврзува сите лица и институции на Бугарија, во секој момент и секаде, да настапуваат во неговите рамки. А тоа се преку 20 услови кои Македонија мора да ги исполни, ако сака да влезе во ЕУ. Сите се крајно понижувачки за нашата земја и значат откажување на македонскиот народ од самиот себе. Дека е тоа прецизна и трајна бугарска позиција потврдуваат и честите изјави на нивните политичари. Ќе цитираме само неколку:
– поранешниот бугарски претседател, Георги Прванов: “Бугарската борба за слобода доведе до создавање на македонска држава“ (мкд.мк, од 16/6/2019),
– Росен Плевнелиев, уште додека беше претседател: “Македонија треба да влезе во ЕУ ама не и македонизмот како антидемократска идеологија“ (мкд.мк, 23/1/2017),
– МНР Захариева: “Добивање датум за преговори не значи и членство на Македонија во ЕУ“ (“Вечер“ од 12/6/2019),
– Румен Радев, претседател на Бугарија: “Ќе ја поддржиме Македонија, ама не на сметка на бугарската историја, јазик и идентитет“ (“Вечер“, 20/9/2019),
– Бојко Борисов, премиер: “Ние кажавме кои се нашите услови за ЕУ интеграција на Македонија“. И додал: “… и би им дал најбратски совет – да не си поставуваат невозможни услови“ (“Вечер“ од 8/5/2020),
– Красимир Каракачанов, министер за одбрана: “Македонец и Бугарин се два збора за едно исто“ (“Вечер“, 16/12/2019),
– Кристијан Вигенин, тогашен МНР: “Патот на Македонија кон ЕУ минува низ договорот за добрососедство!“ (“Вечер“ од 6/6/2013).
Вигенин потврдува дека Софија беше одамна свесна каква алатка ќе и биде договорот во однос на нашиот прием во ЕУ кога ќе имаат шанса бескрајно да не попречуваат и уценуваат. За разлика, нашите лаици немаа поим што се крие зад него. Договорот моравме да го потпишеме под силен меѓународен притисок, за Софија да може да има неспорен адут во блокирањето на Македонија во сите 35 поглавја на патот кон ЕУ. Секаде ќе мавта со добрососедството, се разбира како што го разбира таа, кога сме ние во прашање. МНР Захариева јавно ни порача дека тој критериум не го измислите тие туку Брисел. Тие само ќе го (зло)употребуваат.
Втората, уште поконкретна потврда дека Софија е одлучна дефинитивно да ги разнебити Македонците е меморандум кој го испрати до сите членки на ЕУ со барање преговорите за наше членство да се водат врз основа на нивните 20-тина услови. Во оваа прилика само кусо ќе ги спомнеме неговите главни поенти, кои пошироко ќе бидат елаборирани во следна прилика. Според меморандумот, “во Македонија е направен етнички и јазичен инженеринг“, кога се измислени Македонците како народ и нивниот македонски јазик и тие како такви не треба да постојат; “Македонија е географска и историска област…“ и “не може да биде официјално име на новосоздадената држава во 1992 година“; “Во соседните земји, терминот ’македонски’ се користи за означување на географско потекло, наместо за национален идентитет; во Бугарија, стотици илјади Бугари се идентификуваат како ’Македонци’ во однос на нивната регионална припадност“; “Тито прибегна кон наметнување на нов идентитет, овој пат ’македонски’… со измислување на нова историја, која ги постави основите на овој нов ’македонски’ концепт… кој се развиваа со фалсификување на документи и бришење на сите врски со бугарските корени, јазик и потекло на ова население“; “на 2 август 1944 година, АСНОМ објави постоење на посебен ’македонски’ јазик“; „’Македонски јазик’ или ’македонска’ етничка припадност не постоеле се’ до 2 август 1944“; “… официјалниот јазик што се користи во денешна Република (С) Македонија може да се смета само како пишана регионална норма на бугарскиот јазик“; има неосновани тврдења за постоење на ’македонско малцинство’ во Бугарија… И уште едно чудо обични недоветности кои се пред се’ срамни за бугарската држава.
Една од најкарактеристичните изјави на нашите политичари, кои претендираат како божем дека нема проблем во бугарските политики кон Македонија, е таа на МНР Никола Димитров, дадена на ТВ Сител, на 13/9/2020 – “Факт е дека Гоце Делчев е значаен херој и за македонскиот и за бугарскиот народ“. Истото го повторуваат и претседателот Пендаровски и други.
Се работи за ноторна невистина бидејќи такво нешто не е ни теоретски возможно. Затоа, никој не спомнува кои се заслугите на Гоце за Бугарија? Факт е само дека Софија го злоупотребува Делчев за преку него да претендира на Македонија бидејќи тој бил симболот на нашата борба за слобода и независност. Многу е просто – ако Гоце се борел за независна Македонија, на македонскиот народ, што е неспорен факт, не можел да се бори и за интересите на Бугарија. Тоа не оди едно со друго. Интересите на едните и на другите биле дијаметрално спротивни. Во принцип, Делчев морал да биде суден од Софија за својата борба за слободна Македонија на Македонците, кои тие ги присвојувале. Меѓутоа, плановите биле пософистицирани – целта на Софија била и е да покаже и докаже дека Гоце се борел за – бугарска Македонија. Не за македонска. И, само за тоа може да биде заслужен и за нив. За ништо друго. Тие биле свесни дека само преку него имале основа за своите бесрамни и измислени аспирации. Така, најдиректно и најпримитивно се обидуваат да манипулираат, демек докажуваат, дека Македонците се Бугари. Ако ние се согласиме на заедничко чествување на Гоце, тоа ќе значи директно и отворено прифаќање на срамните бугарски тези дека Делчев бил закоравен Бугарин и се борел за бугарска Македонија бидејќи сметал дека и ние сме – “Бугари“. Изборот е тој, и е наш: прифатиме ли заедничко чествување ќе значи наша директна согласност со бугарските небулози. Друго објаснување едноставно – нема. Од друга страна, Бугарија во никој случај не смее официјално да признае дека ние сме посебен народ бидејќи така би открила и потврдила дека цело време ја крадела нашата историја! Тоа се рамките во кои мора да се движи Софија во однос на Македонија. Грешките од минатото не може туку така да ги прескокне а тоа ќе ни создава тешки проблеми, дури и непремостливи предизвици на патот кон ЕУ.
Некој треба да ги потсети Димитров и другите дека Тодор Павлов, претседател на БАН од 1947 до 1962, при испраќањето на моштите на Гоце Делчев од Софија за Скопје, на 7/10/1946, рекол – “Гоце се бореше против великобугарскиот врховизам“. А Георги Димитров сметал дека – “Македонското движење има многу непријатели, но најлошиот е бугарскиот империјализам и фашизам“ (“Нова Македонија“, 1/5/2020). Ова се бугарски вистини кои мора да се повторуваат.
Како резултат на бугарските ултиматуми и уцени, нашата комисија произлезена од договорот е доведена во невозможна позиција. Ред е членовите сами, достоинствено, да се повлечат бидејќи државата не смее да преземе такви чекори. Да дадат оставки со што целата активност ќе биде вратена на почеток. Имаат и конкретен повод: тие беа изиграни од бугарска страна на крајно недостоинствен начин. Откако комисиите се договорија за заедничко славење на Кирил и Методи како се’словенски просветители, што и се, Софија ги прогласи за бугарски. Ако ние, пак, заедно со нив ги славиме експлицитно ќе значи дека прифаќаме дека и ние сме Бугари! Многу просто и едноставно. Тоа е доволна причина за оставки од комисијата. Впрочем, според првата замисла таа беше составена од историчари ама, откако Софија го проблематизира и македонскиот јазик, во неа мора да има и лингвисти. Тоа е додатен факт врз кој мора да се дадат оставки. Демек, за да се отворат места за лингвисти!
При анализа на бугарскиот однос кон Македонија мора да се нагласи дека Софија не прави ништо без согласност на САД кои стојат зад сите наши голготи. По распадот на СФРЈ, сите сценарија за Македонија се направени кај нив, вклучувајќи го и ова, а релативизацијата на македонскиот јазик започна со елевацијата на албанскиот во земјава. Сите свои планови на Балканот, од кои се исклучени универзалните права на македонскиот народ, Вашингтон ги спроведува со помош на нашите соседи. Софија и Атина имаат и свои нелегални и нелегитимни аспирации ама нивната реализација е можна само преку американските интереси. Бугарија не се обиде да го спречи членството на Македонија во НАТО бидејќи тоа беше интерес на САД и тие како лакеи ги следеа нивните потези. ЕУ е, пак, наш нагласен интерес и затоа Софија поставува – уцени.

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This