March 29, 2024, 12:24 pm

КОЛУМНА НА СОЛЗА ГРЧЕВА: Животот дојде и пројде

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

За постарите генерации кои се сеќаваат на прочуеното Радио Ереван кое пласираше најдобри вицови за комунизмот, следниов виц ќе ги пренесе во нашата сегашност. Го прашуваат Радио Ереван: “Кога ќе биде подобро како што ни ветивте”? Радиото одговара: “Па веќе беше подобро”.

Потполно исто е со прочуениот реформски концепт на Владата, спакуван во низата 3-6-9. Без многу фалби и помпи, без да сетиме било што, било и поминало. Тие веќе речиси се имплементирале и замислете тоа било нуклеарното гориво кое со светлосна брзина не одвело на брзата писта кон НАТО и ЕУ. Сега останува да кажеме ” “sky is the limit” или да се молиме на господ. За оние кои се помалку упатени во оваа чудесна математичка низа, да потсетиме во кои тоа области веќе ни станало многу подобро или наскоро ќе го осетиме тоа на своја кожа.

Прво, унапредување на парламентарната демократија преку функционален демократски парламент. Тука, мора да се согласите дека е постигнат неверојатен успех. Веќе востановената гласачка машинерија на кукли кои гласаа закони по скратена постапка после полноќ, заменета е со гласање од стоење, подигање на две раце во моменти на делириум, стенограмите се заменети со I-phone , пеење на туѓи химни, ставање на европски знаменца на неуставни и неевропски закони, фрлање на амандмани на опозицијата, која пак во духот на реформите и само поради нив, чудесно и најдемократски се претвори во детскиот хор “Развигорче”. Мора да се признае дека токму оваа реформа во еден момент стана и болна. Но, затоа пак претставуваше голем предизвик за мнозинството кое секојдневно сака да се зголемува како ЛЕГО-коцки, а по составот личи само на стара крпеница.

Втората клучна реформа која поминала додека човек да кивне, е реформата во судството. Со мали рокади, ги гледаме повторно истите големи фаци на нашето судство. Сега реформирани и препородени. Како и не, кога на чело на реформите е лично премиерот кој помеѓу две судења за “Поткуп” каде има главна улога, управува со кормилото на бетонскиот брод. Советот за реформи пукна, министерот си даде оставка, затворите ни се полни со “терористи”, Уставен суд има многу фиоки за чување на претставките, премиерот по потреба ветува, како врховен судија, меѓународни вештачења по нарачка од соседни земји, од групната амнестија на затворениците луѓето си одбираат да гледаат телевизија наместо без потреба да излегуваат, и така патува циркусот наречен “владеење на правото”.

Трето и многу свето: борба со организираниот криминал и корупцијата. Би додала, како што всушност е точната формулација во извештаите – во секое ниво на власта. Тука имаме вратоломен успех со паѓање за само една година за 17 места подолу во индексот на корупција. Македонија е прва во Европа, а се спрема и за светско првенство, по примерот на загадувањето. Како резултат од оваа реформа, се очекува драматично зголемување на градежните зафати на преостанатите локации, зголемување на бројот на џипови, хациенди кај пријателскиот јужен сосед, а во Скопје граѓаните кои не се опфатени со реформите под итно да си набават моторчиња и да повежбаат слалом. За шкодите, во друга прилика.

За реформите во јавната администрација, која го јаде буџетот како мунгос, што да се каже. Бројката се конзервира како туршија. Не смее да калира, избори се ближат. Едни одат со куферите в рака, други се вселуваат. Може само малку да се пораздвижи. Оние кои седеа дома, а земаа плата, сега ќе си седат во канцеларија на парно или на ќумбе. Таа реформа е особено забележителна и се рефлектира на квалитетот на живеење на сите останати кои се осмелиле да отворат некоја фирма, а не знаат од која врата да избегаат од рекетари, извршители, фирмарини, ненаплатени (па зарем има поинакви?) побарувања. Хероите на нашите “реформи”.

Обезбедување на фер и демократски избори. Овде е направен мал чекор за човештвото, а голем за двете големи партии. Тие, во духот на “кооперативност” седнаа и се договорија за измени во Изборниот законик, само по нивен терк. Никој, никогаш да не може да влезе во барем малку изедначена трка со нив. Тотално фер. А избирачкиот список, оној кој е правен за држава во која изгледа нема деца па сите гласаат, е оставен ист. За не дај боже.

Конечно, најубавата реформа се случи со “кохабитацијата со претседателот”, оној кој не го признаваат, а има гласови колку сите нив заедно. Празнините во Уставот, кој го проголтаа ЗУЈ како во волшебна пештера, уште долго ќе се паметат. А ако остави простор, можеби и претседателот лично, ќе имаме по што да го паметиме. Важно е дека е влезен во низата 3-6-9 за која сите чувме со свои уши, дека во теков на месецов ќе биде заокружена.

И на крајот, не ми е јасно за што е потребна опозицијата во Собранието кога овие сите домашни ги изнапишале? Веројатно за некоја песничка. Или за некое име.

(авторот е проф. д-р и претседател на ГЛАС за Македонија)
Колумната е објавена во весникот „Вечер“

11 КОМЕНТАРИ

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This