April 18, 2024, 10:16 pm

КОЛУМНА НА СТЕВЧО ЈАКИМОВСКИ: Нобеловец!

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Михаил Горбачов беше светски лидер, а Едуард Шеварднадзе беше еден од најпознатите и најпопуларни министри за надворешни работи на Советскиот Сојуз. Шеварднадзе потоа беше претседател на Грузија.

Советскиот сојуз под Михаил Горбачов “на големо” ја промовираше својата перестројка, тргна во глобални светски поместувања, даде свој голем придонес за детантот и релаксирање на Студената војна, го растури Варшавскиот пакт, го дозволи обединувањето на Источна и Западна Германија и го потпиша договорот со САД за ограничување на нуклеарното вооружување. Со тоа запре нуклеарната трка.

Горбачов беше опиен од својата слава, се гушкаа со Роналд и Ненси Реган и за своите отстапки беше миленик на Западот. Го наградија дури и со Нобелова награда за мир. Не поминаа ниту 15 години од неговата смена, а се уште Русија трпи страшни последици. За да дозволи Советскиот Сојуз обединување на Источна и Западна Германија, Германија најнапред се обврза нејзиниот источен дел да биде демилитаризирана зона, па дури Хелмут Кол прифати, неговата обединета земја да излезе од НАТО и да не биде нејзина членка.

Со растурањето на Варшавскиот пакт, беше договорено ниту една од овие земја да не влегува потоа во други сојузи, а пред се во НАТО пактот. Тогаш се зборуваше за Европска колективна безбедност, чиј составен дел би била и Русија. Европа не би била безбедна, така велеа тогаш, ако со Русија немаат заедничка одбранбена стратегија. Тоа беше промовирано на големи ѕвона. Тогашните скептици во Советскиот сојуз (како што не има нас денес за договорот со Бугарите) го прашуваа Шеварднадзе, зошто сево ова кое го договараат со западните земји не се стави на хартија и не се преточи во договор. Тој лаконски одговараше дека пријателите се разбираат и си веруваат на збор, а не на пишани хартии и договори.

Е, такви наивковци сакаат Американците и западните дипломати. Не Нобелова награда, со што сакаат ќе ги частат, само вакви отстапки да направат во корист на западните земји.

Ќе зборуваме со факти. Поправете ме ако грешам. Вербата во заедничка безбедносна стратегија на Русија и Европа ја имаше и Путин. Последен апел за таква заедничка стратегија и функционирање Путин упати на Самитот за безбедност во Берлин во 2007 година.

Како поранешен разузнавач, и човек кој што добро го познава Западот, виде дека ѓаволот ја однел шегата. И се сврте кон сопствената држава. Почна да ја гради својата одбранбена стратегија, по принципот „уздај се усе у своје кљусе“.

Дека Горбачов и Шеварднадзе беа прејдени, говори фактот што сите земји од Југоисточна Европа и поранешни членки на Варшавскиот пакт, не само што не останаа воено неутрални, туку побрзаа да влезат во НАТО. Естонија, Летонија, Латвија, Полска, Чешка, Словачка, Унгарија, Романија, Бугарија.

Не само што станаа членки на НАТО, туку НАТО им постави анти-ракетен штит во Полска и Романија.
Да појасниме:

– Нуклеарна бомба лансирана од Москва или од Вашингтон треба да патува до целта 20-25 минути зависно од која точка на спротивставените страни е испратена кон противникот.
– Сателитот најпрво го детектира лансирањето на ракетата, потоа утврдува дали е тоа само техничка проба или се работи за вистински проектил.

– Откако ќе констатира дали тоа е вистински проектил, веднаш проверува дали на себе носи нуклеарна боева глава, ако веќе носи нуклеарна боева глава, следната проверка е колку такви нуклеарни боеви глави носи и која е траекторијата, односно која е целта на нападот.

– По сите вакви компјутерски проверки на сателитите, на Пентагон и на Кремљ им остануваат три и пол, до пет минути, да донесат одлука дали ќе ги пресретнат овие ракети и дали тие ќе возвратат со нуклеарен напад.

Со поставување на ракетниот штит во Полска и Романија, Кремљ ги нема овие “три и пол, до пет минути”. Дали ни е јасно каква грешка направи Горбачов со растурање на Варшавскиот пакт, обединувањето на Германија, а како му одговори Западот на искрено подадената рака од страна на Советскиот сојуз? Кај Западот нема фер дипломатија по принципот „ти си бил фер и ние ќе бидеме фер“. Кај нив постои ефикасна дипломатија: Да си ја завршат тие работата, а ти после можеш да си плачеш колку што си сакаш. Битно нивниот интерес е задоволен.

САД проба и Украина да ја направи членка на НАТО и Грузија. Но, Путин процени дека работата е „дошло цара до дувара“ и мора да се реагира. Во Грузија реагираше жестоко, а во Украина реагираше со тоа што им го отцепи Крим, кој е стратегиски битен дел и нема толку лесно Украина да ја претворат во земја членка на НАТО.

Инаку, заложбите на САД, на главните геостратешки советници, е Русија да се стегне од сите страни, и таа да се подели на три конфедерации. Европски, Сибирски и Азиски дел. За среќа Путин не беше воопшто наивен, и сфати дека на Руското попуштање му нема крај. Русија е најголемата земја на светот, а има само 146 милиони жители (САД има 330 милиони жители), затоа Русија тргна во модернизација на своите вооружени сили и таа своја огромна територија одлучи да ја брани со паметна технологија. Со роботи. Засега во тоа успева. Руската армија во 2020 година ќе биде најверојатно најмодерно вооружената армија.

Но, Западниот свет во Путин доби партнер каков што си бараа. Односно, ја пробудија големата мечка затоа што ја чепкаа каде што не требаше.

Кога ги прашуваат Американците зошто им се ракетите во Полска и во Романија, тие одговараат дека им требале за борба против терористи. Смешно! Кои терористи се гаѓаат со нуклеарни боеви глави? Терористите не се наоѓаат во Русија, туку се наоѓаат на Блискиот Исток. Погрешно им се насочени ракетите.

Заклучете и сами која штета ја трпи Русија со наивноста на Нобеловецот Горбачов и неговиот министер за надворешни Едуард Шеварднадзе. Затоа мора да бидеме многу претпазливи со билатералните договори, кои Македонија треба да ги потпише со своите соседи. Тие билатерални договори немаат само политички и безбедносни импликации, туку имаат сериозно влијание врз нашиот идентитет, врз нашиот јазик, врз нашата црква. Врз уставното уредување, унитарноста, и на крајот врз опстанокот на државата.

Не може да се очекува така лесно да поминуваме, особено ние политичките партии, преку крупни поместувања во меѓусоседските односи, а на наша сметка. За нас треба да биде клучно, при донесувањето на одлуката што таткото на нацијата – Киро Глигоров одбил да го потпише овој договор. Не можеме да кажеме дека Глигоров не беше мудар човек, искусен, пацифистички расположен. Не можеме да кажеме дека Глигоров немаше да преземе ризик и да трпи огромни критики ако тоа на нацијата на долг рок и носеше бенефит. Тој беше мудар човек.

Кога Љубчо Георгиевски ја потпиша декларацијата со Бугарија, го качија на криво магаре. Бранко Црвенковски во своите говори за ВМРО-ДПМНЕ велеше „за нив сонцето и изгрева и заоѓа на Исток“. Би требало да го повтори својот говор, ама овој да го упати на своите наследници. Грешките што ќе ги направиме денеска, ќе ги плаќаат идните генерации. Пијан човек прави грешки. Денешниот премиер е опиен од западните фалби и ветувања.

Едвај чекаат да најдат некој кој ќе си ја свитка кичмата и ќе го затвори македонското прашање за сите времиња. На штета на Македонците се разбира.

П.С. Србите тријат раце. Штом попуштаме кај Бугарите, на кои историски сме многу негативно сензитивни, ќе попуштиме и за Вранишковски и за ПОА. Како сме тргнале ќе си имаме заедничка историја со Бугарите, заеднички архиепископи со Србите, а со Албанците многу што ни е заедничко.

Паметниот учи на туѓите грешки, глупавиот на своите.

12 КОМЕНТАРИ

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This